Ивановски: Треба да се откажеме од две кафиња и да плаќаме повисоки сметки ако сакаме ефикасно управување со отпадот

Сметка во Скопје за едно домаќинство е околу 350 денари, можеби и помалку, јас плаќам 320 денари. За пет евра, треба да дојде некој да го подигне сметот од мојот дом, да го однесе и правилно да го третира. Тоа не е возможно! Тоа е неодржливо“, вели директорот на „Пакомак“

Управувањето со отпад не е бесплатно, со сметки од 150-350 денари за комунални услуги системот е неодржлив, вели директорот на „Пакомак“, Филип Ивановски, во дебата во „360 степени“на ТВ Алсат. Граѓаните, власта, а особено локалните власти, треба да сфатат дека успешното менаџирање со отпад чини пари, порачува Ивановски, а како успешен пример ги посочува западноевропските држави каде сметките за комунални услуги се и до четири пати повисоки од кај нас.

 „Сметка во Скопје за едно домаќинство е околу 350 денари, можеби и помалку, јас плаќам 320 денари. За пет евра, треба да дојде некој да го подигне сметот од мојот дом, да го однесе и правилно да го третира. Тоа не е возможно! Тоа е неодржливо! Не може ние како граѓани да бараме управување со отпад како во Германија, а да сакаме да платиме пет евра. Во Словенија истатата услуга е 20 евра, значи четири пати повеќе. Сметката треба да биде десетина евра и постепено да расте. Бидејќи, без пари, ќе инвестираме во модерни центри за управување со отпад, но тие треба да бидат оперативни и да функционираат“,

 Стравот од повисоки сметки кај граѓаните, со воспоставувањето на регионалните центри и депонии, според Ивановски, постои поради недовербата во институциите. Ако граѓаните се уверат дека нивните пари не одат за вработување на администрација во локалните комунални претпријатија, туку за третирање на отпадот и одржување на хигиената, не би се противеле на ваква „непопуларна“ мерка, оценува директорот на „Пакомак“.

„Не сум сигурен дека граѓаните не се волни да платат уште две кафиња – толку ќе чини зголемувањето на сметките, да се откажат од две кафиња во месецот како семејство, ако видат на улица дека нешто се случува со тие пари. Нови контејнери, нови камиони, нешто дека се прави, дека се селектира отпад, мислам дека нема да бидат против“,

Дополнително, според Ивановски, потребна е стимулација за граѓаните кои правилно го селектираат отпадот, како еден вид награда, но и казна за домаќинствата што тоа не го прават.

„Прво што треба да направат општините е граѓаните да плаќаат онолку колку што создаваат отпад. Значи, тој што создава отпад, треба повеќе да плаќа, а тој што не создава толку отпад и рециклира, ќе плаќа помалку. Ниту Германија, ниту Швајцарија, ниту која било земја не е тоа што станала денесказа краток период или само со стимулација на граѓаните. Прашајте ги нашите иселеници кога ќе се вратат, како функционираат таму системите и ќе ви кажат дека ако не го селектираат отпадот, следуваат казни од 500 евра еднаш, вториот пат 700 евра, па почнуваат дома да го селектираат отпадот и примарно да го одлагаат“,