Италија е европски шампион, на пенали ја совлада Англија

За вторпат во историјата на европските првенства шампионот на стариот континент стана познат по изведување пенали. По одличната интервенција на италијанскиот голман Џанлуиџи Донарума, беше ставена точка на натпреварот и со конечни 3-2 „Азурите“ имаа причина за славење и тоа сред „Вембли“. Италијанската фудбалска репрезентација за вторпат во историја станува европски шампион, а иако Англичаните овојпат имаа сериозна шанса, тие никогаш не застанаа највисоко на пиедесталот.

Регуларниот дел од играта заврши 1-1. По само две минути игра бекот Лук Шо погоди за 1:0 за водство на Англичаните, а тој резултат остана актуелен по првите 45 минути. Италија успеа да ја преземе иницијативата на средината на теренот, упати неколку удар кон противничкиот гол, но сепак за 45 минути немаше ниту една сериозна шанса за израмнување на резултатот.

Избраниците на селекторот Манчини во второто полувреме се вратија во игра за пехарот на ЕУРО 2020.  По мешаницата во казнениот простор на Англија, најдобро се снајде дефанзивецот Леонардо Бонучи кој во 67-ма минута ја смести топката во мрежата на Гордиот Албион.

Инаку во и околу стадионот Вембли имаше околу 250.000 навивачи кои го следеа финалето. Сепак, англиските медиуми наведуваат дека околу 1000 навивачи успеале да го пробијат обезбедувањето и да влезат на трибините.