Истражување: Граѓаните се свесни дека политичарите ја користат религијата, но не дозволуваат да им влијае на изборот

Политичките партии во Македонија ја користат религијата како адут за време на изборите, покажува истражувањето на ИПИС, Конрад Аденауер и Религија.мк.

 На прашањето, дали сметата дека политичките партии ја користат или не ја користат религијата во своите предизборни кампањи, 54,4 проценти од испитаниците одговориле дека партиите повеќе или помалку ја користат религијата за влијание врз гласачите, додека 30 отсто од анкетирание сметаат дека генерално, религијата малку или воопшто не се користи во предизборните кампањи.

И покрај ваквите резултати, анкетата покажува дека за граѓаните употребата на религијата во политички цели, не влијае врз нивната одлука за кого ќе го дадат својот глас. Близу 7 проценти од испитаните одговориле дека спомнување на религијата и верските симобили во предизборна кампања им влијаело на одлуката за тоа кого ќе заокружат на гласачкото ливче. Високи 73 проценти пак одговориле дека тоа воопшто не им влијаело врз изборот кој го направиле на денот на гласањето.

Според истражувањето за користењето на религијата во полчитички кампањи, испитаниците одговориле дека политичката партија БЕСА најмногу ја користи религијата во своите изборни кампањи. На скалата од 1 до 5, оваа партија доби оценка 3,71 што ја позиционира на врвот од листата на партии кои преку религијата се обидуваат да влијаат врз гласачкото тело. Зад оваа партија е Алијанса за албанците а потоа следуваат ДУИ, ДП. Меѓу македонските политички партии пак речиси идентична е оценката на граѓаните за употребата на религијата во политички цели.. ВМРО-ДПМНЕ добила оценка 2,60 додека СДСМ е оценета со 2,40.

Инаку според истражувањето, граѓаните на Македонија сметаат дека партиите имаат влијание врз работата на верските заедници а истовремено се придонесува за создавање конфликти и поделби помеѓу луѓето врз база на верска припадност.

Истражувањето „Религијата во политичките кампањи“ е спроведено на почетокот од ноември на репрезентативен примерок од 1.100 испитаници по пат на телефонска анекта.