Истрага против маж кој поради долг од 2.000 евра го застрелал должникот

Основното јавно обвинителство Струга донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело убиство од член 123 став 1, а во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.

Како што денеска соопштија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, на 23 ноември, во Велешта, осомничениот се обидел да лиши од живот лице со кое односите му биле влошени поради должничко-доверителски обврски. Оштетениот му должел 2.000 евра на осомничениот и се договориле да се сретнат за да му ги даде.

– Но, помеѓу нив, најпрво настанала расправија околу враќањето на парите, а потоа осомничениот го турнал оштетениот и од засега непознато оружје испукал кон него два куршуми. Од истрелите, оштетениот се здобил со тешки телесни повреди – огнострелни рани во градниот кош, абдоменот и колкот. Веднаш потоа осомничениот избегал, а оштетениот успеал да се јави кај неговата сопруга која повикала итна медицинска помош, се појаснува во соопштението.

Оценувајќи дека постои опасност од бегство и можност осомничениот да влијае врз сведоците и оштетените, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Струга доставил предлог за определување мерка притвор.