Истрага против две лица, од автомобил на паркинг во Ѓорче продавале дрога и оружје

Донесена е наредба за истрага против две лица од страна на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје за кои постои сомнеж дека продавале дрога и оружје. Со истрагата на обвинителството се опфатени и други непознати лица кои заедно, на паркинг просторот на слепа улица во Ѓорче Петров, неовластено заради продажба држеле дрога и оружје во паркиран автомобил.

„При претрес на возилото биле пронајдени околу 6,3 килограми марихуана, 442 таблети со психотропна супстанца 3,4 метилен диоксиметамфетамин, три шприца со вкупен волумен од 14,2 милилитри хашиш, смола, две дигитални ваги и други предмети со траги од тетрахидроканабинол и кокаин. Во совозачката касета во истото возило неовластено држеле огнено оружје – пиштол црвена застава со калибар 7,65 мм, со рамка со 8 куршуми и еден пригушувач“, информираше Јавното обвинителство.

За осомничените, на возраст од 36 и 27 години, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје синоќа достави предлог за определување мерка притвор.