Истрага против 20-годишен скопјанец кој во домот чувал пушкомитралез

Основното јавно обвинителство од Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 20-годишен скопјанец во чиј дом при полициски претрес бил пронајден пушкомитралез.

Како што информираат од Обвинителството, при извршен претрес во домот на осомничениот од страна на Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје, кај него бил пронајден пушкомитралез од типот „Degtyarev Type 56 RPD“ со калибар 7,62X39 милиметри од кинеско производство.

Ваков вид на оружје на граѓаните им е забрането да поседуваат, а при извршената анализа се покажало дела пушката исправно функционира.

Скопјанецот се товари дека сторил кривично дело недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.

Со оглед на околностите кои го оправдуваат стравот од опасност за бегство, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Судијата го прифатил ваквиот предлог и на скопјанецот му определил притвор во траење од 30 дена.