Историски успех за Шкендија - загарантира минимум пласман во Конференциската лига и заработи пет милиони евра

Шкендија синоќа по вторпат ја победи екипата на ФЦСБ, овојпат во Букурешт славеше со 2-1 и со вкупни 3-1 се пласира во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите, што значи дека има загарантиран пласман во лигашкиот дел од Конференциската лига.

Шкендија одигра одличен меч, тимот на ФЦСБ изгледаше очајно во текот на целиот натпревар. Македонскиот шампион пропушти и поубедливо да слави, но целта е исполнета.

Романците поведоа со гол на Чисоти во 28. минута, но само пет минути подоцна Љатифи даде гол за 1-1. Во второто полувреме ФЦСБ јалово се обидуваше да го загрози голот на Шкендија, македонскиот тим беше поопасен. Конечно во 87. минута Крстевски даде гол од далечина и донесе победа за Шкендија.

Шкендија во третото квалификациско коло ќе игра против Карабах. Ако загуби ќе се префрли во плејоф за место во лигата од Лига Европа, а ако и тој дуел го загуби ќе игра во лигашкиот дел од Конференциската лига.

Тетовскиот тим во најмала рака ќе ја наполни клупската каса за пет милиони евра.