Историски успех за Македонија: Даниела Алексовска освои злато на Европското ММА првенство 2025

Македонија запиша уште еден голем спортски триумф! По освоениот сребрен медал на Европското првенство во 2024 година, Даниела Алексовска, членка на клубот „Д Стронгест“, ја освои првата европска ММА титула за Македонија во женска конкуренција, освојувајќи златен медал на Европското ММА првенство 2025 во Белград, Србија.

Во финалето на женската дивизија, Алексовска ја совлада Анастасија Хородивска од Украина, актуелната светска вицешампионка, со импресивен триумф за помалку од една минута во првата рунда. Со извонредна техника, таа ја заврши борбата со зафат триаголник (triangle choke), обезбедувајќи си доминантна победа.

Овој историски успех претставува значајна пресвртница за македонскиот ММА спорт, а Алексовска уште еднаш докажа дека припаѓа на европскиот врв. Со оваа победа, таа го зацврсти своето место меѓу најдобрите борци на континентот и ја продолжи традицијата на македонски спортисти кои го освојуваат врвот на меѓународната сцена.