Историска транспалантација: По 23 години повторно може да ги прегрнe своите најблиски

Во јануари 1998 година, животот на исландскиот електричар Феликс Гретарсон се променил во несреќа при работа на високонапонска линија.

Низ неговото тело поминала струја од 11.000 волти, по што лекарите морале да му ги ампутираат двете раце. 

Дваесет и три години подоцна, во јануари 2021 година, Гретарсон станал првиот човек во светот на кого му биле трансплантирани двете раце, заедно со реконструкција на рамото. Операцијата била изведена во болницата „Едуар-Ерио“ во Лион, Франција, траела повеќе од 15 часа и во неа учествувале околу 50 медицински лица. 

За операцијата Гретарсон чекал со години. Во меѓувреме живеел без раце и поминал низ бројни медицински интервенции. По трансплантацијата следувал долг период на рехабилитација, бидејќи лекарите не можеле однапред да знаат колкава подвижност ќе успее да добие во новите екстремитети.

Напредокот постепено станувал видлив. Нервите требало повторно да се поврзат со трансплантираните мускули, а движењата да се вратат преку долготрајна физиотерапија.

Во декември 2021 година, Гретарсон за првпат по повеќе од две децении можел да ги прегрне членовите на своето семејство. Подоцна успеал да ги користи рацете за низа секојдневни активности, а закрепнувањето продолжило и во следните години.

Медицинскиот зафат во Лион останува значаен пример за можностите на трансплантациската хирургија. За Гретарсон, пак, резултатот се мери и преку најобичните човечки активности кои по несреќата повеќе од две децении не можел да ги направи – да подигне чаша, да се облече, да користи прибор и повторно да прегрне човек што го сака.