Историјата на модерниот превоз во Скопје

Во последно време особено се актуелни размислувањата за подобрување на јавниот превоз во Скопје. А градот има богата историја на модерниот современ превоз. На пример, тој превоз многу рано бил во чекор со автомобилскиот сообраќај во Европа. Скопските богати трговци, особено оние што се занимавале со колонијални стоки и текстил, купувале автомобили уште во првата деценија од 20 век, главно од марките „форд“, „рено“ и „кајзер“. Еве и друг податок што го потврдува тоа: првата модерна бензинска пумпа во Хановер била отворена во 1920 год., а во Скопје само седум години потоа, во 1927-та. Таа била од компанијата „Шел“ и се наоѓала кај Даутпашиниот амам.

Историјата на патничките автомобили, товарните возила, автобусите и мотоциклите има богата традиција. Развитокот на автомобилизмот во Скопје на почетокот на векот се одвивал многу брзо, како на филмска лента. Додека за патничките автомобили знаеме повеќе, автобускиот сообраќај, особено оној од периодот меѓу двете светски војни, е помалку познат. А целата таа историја изобилува со куриозитетни детали. По Првата светска војна се употребувани репарираните возила од Солунскиот фронт. Веќе во 1920 год. автомобилизмот во градот зел замав. Во тој период се донесуваат првите одлуки и прописи за автомобилите во вид на такси што се плаќале за паркинг. Нешто подоцна, кон крајот на 1920-тите години се воведуваат и првите сообраќајни знаци, а се размислувало за изградба на улици исклучиво наменети за автомобили. Тоа било голема новост за животот во Скопје. Се забранувало лудо возење од 30-40 км на час. Дури и по војната, во 1946 година, кога морало се да започне одново, брзината строго се ограничувала. Автобусите морале да се движат само 15 км на час! Овие податоци се зачувани благодарение на богатата активност и традиција на АМСМ.

Еден исклучително способен мајстор направил вистинска револуција. Тоа бил Димитар Хаџи Томов, кој во 1929 год. отворил работилница, која постепено се проширувала, за производство на автобуски каросерии. Таа била една од првите на Балканот, а од неа подоцна се развила и фабриката „11 Октомври“. Бидејќи времето било такво, тој во почетокот врз камионски шасии правел автобуси. Половина камион – половина автобус! Подоцна ќе ја развие својата активност изработувајќи каросерии врз странски изработени шасии. Автобускиот сообраќај во Скопје, меѓуградскиот, ќе започне во 1925 год. Пионери во таа област се познатите браќа Поповиќ. Тие имале своја компанија ВАП, („Вардарско автомобилско претпријатие“), која развивала голема активност: поседувале 25 автобуси „форд“ и 5 автобуси „круп“. Имале своја работилница, во која работеле автомеханичари, автолакери, автолимари и бравари.

Биле вработени 15 возачи. Кон крајот на триесеттите години имало доволен број возила, што овозможувало да се размислува за развој на туризмот. Сите знаеме за Мис Стон, но никој не знае за Мис Џон. Таа била англиска сликарка, која се вљубила во Скопје и неговата околина. Сакала, во периодот пред војната, детално да ги запознае сите културно-историски споменици. Како? Се разбира, тука бил Мирчо Витларски, еден од првите возачи, таксисти и механичари. Тој, со својот автомобил од марката „доџ“, ја запознал сликарката со она што е значајно во околината на градот. Исто така, и славната писателка Ребека Вест, кога сакала да ја запознае Скопска Црна Гора, тоа го направила со автомобил што ѝ бил ставен на располагање од властите. Кон крајот на 1930-тите години, градот размислувал да воведе градски сообраќај.

Од алтернативите што биле разгледувани, општината се одлучила за автобуски сообраќај, наспроти трамвајскиот, кој бил укинат уште во 1912 год. Но иако биле издвоени средствата, автобусите никогаш не биле купени, така што Скопје својот прв градски сообраќај го добило дури по Втората светска војна. Најпрвин тој се вршел со дотраени автобуси, за потоа да се вклучи фабриката „11 Октомври“. Англиските двокатни „лејланди“ биле набавувани во 1953 и 1956 год. Веќе во наредната 1957 год., двокатните автобуси се укинати и се купуваат нови возила од марката ФАП. Најпопуларното и легендарно возило што се возеше низ Скопје е малиот „фиат 600“, или познатото „фиќо“. Тоа првпат низ градот сообраќа во 1956 год. Меѓу првите сопственици на „фиќо“ е и познатиот артист Петре Прличко. Тој со него одел на снимање на филмот „Мис Стон“. Еве што вели Прличко за тој период во една своја изјава: „Моето ’фиќо’ луѓето го нарекуваа малото автомобилче. Така и јас го викав. Но со него успешно одев на снимањето на филмот ’Мис Стон’. Со него патував и на далечни места. И никогаш не ме остави на пат“. Скопје уште на почетокот на минатиот век било во чекор со автомобилската индустрија и со другиот модерен превоз, како трамвајот на пример, кој бил воведен уште во втората половина на 19 век!