Испукани и скапани ѕидови од влага: Како да се заштити од ваков вид терор од несовесни соседи?!

Испукани и скапани ѕидови од влага и вода кои ја уништиле речиси целата покуќнина на станот се соочуваат голем дел на скопјани. Иако тие платиле илјадници евра за нов стан, штетата направена од нивните соседи никој не ја покрива.

Се повеќе жители во главниот град се жалат и пријавуваат случаи кога во нивните нови станови се јавуваат бројни проблеми, како поплавени плафони и оштетени тераси кои им ги уништуваат домовите. Дали поради неквалитетна изведба на градежните фирми или поради негрижата на соседите, голем број станари се соочуваат со сериозни проблеми и се на мака каде да се обратат, и дали некој во државава е надлежен да ги заштити од ваков вид терор од несовесни соседи?!

Скопјанецот Петар К., во моментов се среќава токму со ваков проблем. Тој пред околу четири години купил стан во новоизградена висококатница во Центар и поради атрактивноста на локацијата скапо ја платил, но денес плафоните од неговата дневна соба се уништени од водата која се слева од соседот над него. Тука започнува еден волшебен круг во кој оштетениот станар не може да најде решение и разбирање, иако речиси целата животна заштеда ја дал за новото живеалиште.

- Најпрво, нормално и човечки се качив кај соседот, му ја објаснив ситуацијата и му реков дека водата што се слева од кај него ми го упропастува станот. Тој само ми рече дека ќе го санира проблемот. Потоа топката ја префрли на инвеститорот, а тој на сопственикот на станот и така во маѓепсан круг, раскажува Петар.

Во недостиг на решение, Мартин го пријавил случајот во полиција. Полицајците направиле записник и го советувале дека може да поднесе тужба до надлежниот суд.

Испукани ѕидови, влага и вода ја уништила речиси целата покуќнина на станот на скопјанецот Благоја. Од градежната компанија му било кажано дека штетата ја предизвикал сопственикот на станот веднаш до неговиот кога ја правел настрешницата и дека тој треба да ги понесе последиците. Но, соседот тврди дека не направил крупни зафати и не е одговорен за состојбата. И додека вината се лоцира секогаш на друга адреса, Благоја и сопругата наместо мебел во домот имаат пластични кофи кои кога е врнежливо мора многу често да ги менуваат.

- По секој дожд по ѕидовите тече река. Бараме само да се санира пропустот без разлика кој е виновен. Поплаките од граѓани кои се вселиле во нов стан, дека ѕидовите се тенки, дека се слуша соседот што прави од другата страна, дека течат тоалетите и прокиснуваат кон подолните катови, дека фасадата паѓа, а лифтот не работи, се се почести, но одговорноста за тоа никој не ја презема.

Според сопствениците на агенциите за недвижнини, секогаш при одлуката да се купи стан пресудна е цената за метар квадратен. 

- Ретко кој прашува како е изграден станот со какви материјали и дали се испочитувани сите правила на стандардното градење, велат од таму.

На пазарот на недвижнини има и понуда на станови градени според сите потребни стандарди кои се продаваат по иста цена како и оние со слаб квалитет. Тоа, според познавачите на состојбите, е последица на тоа што кај нас продажната цена на становите најчесто се дефинира според локацијата, а не и според квалитетот на градбата.