Исповед на една анти-модерна девојка

Модерната девојка бакнува низ заби.
Не носи гаѓи под мини-здолништето.
Модерната девојка не мисли на него.
Таа на ветрот му ги подарува своите гради и коса.

Модерната девојка мрзливо стои на прозорецот.
Гледа нежно низ улицата, плука на ноќта.
Модерната девојка никогаш
не му се јавува.

Модерната девојка не гледа никого.
Таа нокаутира со погледот.
Таа на дланките ја рони нежноста.

Модерната девојка седи цврсто на земјата,
на својот затегнат и цврст задник.
Модерната девојка не го препознава мирисот на соперничките.
Таа не стравува од изневерувања и други жени.

Модерната девојка умее да не гледа.
Умее да не мисли, умее да не слуша.
Модерната девојка ја подарувам нему.

И тој е модерен маж,
а јас сум некоја старовремена.
Архивски примерок.

Со усни кои се смејат со вера и надеж.
Со тело кое може само нежност да мами.
Јас сум девојка која не умее да чека,
мудро додворувајќи се на измамите и лагите.

Јас сум девојка која сака да се бакнува,
која сака да мисли, да се смее.
Девојка која бара некој сличен на себе,
кој ќе умее да ја почувствува и види,
без желба да ја промени од глава до пети.
Накратко, јас сум анти-модерна.

Сакам да пишувам љубовни писма,
уште повеќе да ги читам,
но никогаш не ги добивам.
Затоа сама си ги праќам и измислувам.
Па  додека ги читам,
се топам од милост,
како сладолед на сонце.
Можеби јас сум луда.

Но, јас умеам да глумам модерна девојка.
Воглавно сите и мислат дека сум модерна.
И можам од ден на ден да менувам тип, костим за мимикрија
И да се натерам себеси да бидам среќна.

Јас сум девојка за урамен маж
во средината на некоја стара ретуширана слика.
За белосветски маж кој е силен
како гром и лековит како мелем
и кој никогаш не фрла отровни стрели,
туку игра пикадо со времето и
кој се смее, смее, смее.

Одамна помина полноќ.
Го чувствувам ладниот мирис на зората.
А јас сѐ уште чекам да се појави
овој мој модерен маж.
Да ме погледне умерено модерно.
умерено неформално.
И јас широко да му се насмевнам.

Покрај него, знам дека ќе бидам осамена,
баш како и оваа ноќ,
додека слушам за неговите подвизи,
за успехот, за непријателите и препреките,
со голема шанса и самата да станам модерна
и за љубов умерено, кокетно незаинтересирана.