Исплатлив бизнис: Градските госпоѓи сакаат друг да им чисти, пегла, готви..

Денеска, кога темпото на живот е побрзо од кога и да е, а работното време завршува во попладневните часови, оваа некогашна шега стана гола вистина.Ако ги прашате, скопјанки ќе ви кажат дека се супердомаќинки и дека не се мрзеливи, но немаат време за се. Затоа, зад нив стои цела армија жени, па и мажи, вработени во фирми за перење, пеглање, готвење, чистење...

Во Скопје има дуќани кои перат и пеглаат.Услугата што ја даваат е сосема различна од хемиското чистење,валканите алишта ќе ви ги земат од дома и откако ќе ги исперат и испеглаат ќе ви ги донесат на врата.Цената ја наплатуваат на килограм.

- Искрено да кажам, работите се развиваат над моите очекувања. На почетокот мислевме дека ќе работиме за странци кои престојуваат со Скопје, но алишта за перење ни носат и фамилии. Најчесто на перење и пеглање ни носат специфични работи, како кошули, палта и слични парчиња облека што можат да се перат во машина, потоа постелнина, завеси. Переме и детски играчки и тоа со средство за дезинфекција. Знаете, ние пуштаме машина за перење и само за едно парче, а никој дома не го прави тоа. Исто така, тука дискутираме за тоа како да ги исчистиме дамките или жолтото на јаката. Кога переме дома, обично не се заморуваме многу со такви работи. Всушност, можам да кажам дека даваме и невозможни услуги, вели сопственичката на дуќанот.

Верче, пак, е пензионерка од Скопје која пегла дома, за тоа наплатува и со тие пари солидно си ја надополнува пензијата. Вели дека се почнало кога некој поранешен колега ја замолил да му најде жена која би ја испеглала облеката што ја испрале во машина за перење по враќањето од годишен одмор.

За разлика од овој, што е со понов датум, бизнисот со готвење домашна храна е во процут веќе речиси една деценија. Нема поголем маркет без посебен дел за готвени јадења, а се побројни се и специјализираните продавници. Во нив може да се купи буквално се: од предјадења, како пинџур, пирошки и слично, разни супи и чорби, манџи, печено месо... Може да се набави комплетен ручек, а цената на јадењето е најмалку двојно повисока од онаа на состојките од кои е подготвено. Но, за оние со солидни примања, кои се прибираат дома по 17 часот и уште имаат мали дечиња, ништо не е скапо.

И чистењето во домови за одреден надомест е стар "бизнис“. До неодамна го "држеа“ жени Ромки, со долгогодишно искуство.

- За разлика од порано, кога чистев само кај неколку жени и тоа еднаш неделно, сега ме викаат во многу домови. Се е со препорака, преку познати кај кои сум чистела, па за да не одбивам, се договараме две пријателки да ме "делат#. Кај една чистам една недела, кај друга другата. Во некои домови жена за чистење викаат само за најтешките работи, како на пример бришење на прозорците и вратите или генерално чистење по варосување или реновирање, објаснува скопјанката Вале.

И кога домот ќе светне, односно со туѓа помош се ќе биде исчистено, испрано, испеглано, зготвено, останува време и за тоа домашното милениче да се однесе на фризер.

Да, и тоа е бизнис на денешнината во нашата држава. Се уште не е многу развиен, но "врши работа“ за оние кои не можат да се справат со палавите миленичиња кога ќе дојде време за капење. Освен ова, како во филмовите, и кај нас можат да се најдат луѓе кои за одреден финансиски надомест ќе ви го прошетаат кучето.

Сево ова, за едни е добар бизнис кој не само што носи пари, туку има и перспектива, а за други огромна помош во домот.