Исплатена платата на вработените во штипската фабрика „Баргала”

Платата денеска им е исплатена на вработените во фабриката за чевли „Баргала” од Штип, информира директорот на компанијата Наум Барзов.

Исплатата оди согласно спогодбата, која е направена заедно со Гранковиот синдикат и претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димевски и претседателката на „Гласен Текстилец”, Кристина Ампева.

Сојузот на синдикатите на Македонија преку соопштение го потсети раководството на Баргала дека денеска е последен ден за исплата на платата и застанатиот дел од платата утвредено со Спогодбата потпишана на 1 септември 2020 година.

Доколку раководството не ги преземе сите напори за исплата согласно договореното во Спогодбата, ќе бидеме приморани да ги преземеме сите законски мерки со цел за заштита на економските и социјалните права на своите членови од работниот однос, истакнаа од ССМ.

Во однос на продажбата и работењето во корона услови, директорот на „Баргала” вели дека и покрај низата проблеми, во моментот имаат договори со странски партнери и производството се извезува во Холандија и Германија. Посочува дека освен текстилната индустрија, и кожарската индустрија е во лоша состојба. Во продавниците на „Баргала” низ земјава продажбата на обувки е падната за 75 проценти во споредба со првите три месеци пред да почне коронакризата во земјава.