Искуство од работа во Германија: Тука работникот се цени и плаќа– сите работат, нема кукање и молење

Филип од Скопје во текот на 2015 година, заминал од Македонија во Германија, поточно во Штутгарт, со што си ја исполнил желбата да живее во странство. 

Вели дека изборот паднал на Германија, иако се двоумел меѓу Германија и Австрија заради сигурноста и висината на платите. 

Тој и во Македонија работел градежна работа, а сега и во Германија работи во својата струка, во градежништво. 

„Градот е навистина прекрасен и има милион можности. Според мене единствена мана ми се метежот и гужвата со сообраќајот. Што се однесува на големината на градот, тоа и не е важно затоа што сите работи се на едно место. Понудата за работа е голема, а предност има секој кој доаѓа и знае германски јазик“ - вели Филип. 

Додава дека становите се скапи, но се снашол затоа што неговиот работодавец има станови и сместувањето за него не било проблем. 

Иако има огласи на интернет, вели дека станови најлесно се наоѓаат преку познанства. 

Работи за германски газда, и вели дека кај нив се почитува работата, договорот и работникот се цени и плаќа. 

На луѓето кои сакаат да заминат им советува да не доаѓаат во Германија на „слепо“ затоа што тоа е ризик. 

Филип, вели дека останува таму каде што е, нема да менува ниту фирма, ниту град, ниту држава. 

-Тука сум од 2015 година, сам. Оваа година во план сум да дојдат и сопругата и двете дечиња. Убав е животот во Германија, вели Филип.