Искуство на скопјанка од породување: “Зошто правите деца, кога сега ве боли”

Најголемата желба на една жена е да стане мајка. Да ја добие таа нова титула, да ужива во неа. Најголемиот благослов од Господ.

Ирена и Злате од Скопје, повеќе години се обидуваат да добијат бебе. Се лекувале, но среќата еден ден им се насмејала. После 5 години брак, Ирена останала бремена. Бременоста на почетокот била со компликации, но потоа се, се средило.

-Уживав тие девет месеци. Прекрасно е чувството кога знаеш дека во тебе има плод. Дека го носиш под градите. Кога го чувствуваш секое негово мрднување. Нема нешто поубаво од мајчинството. Како се доближуваше времето за породување, мене така ме фаќаше некој паника, верувам како и секоја друга жена, особено оние кои раѓаат прв пат. Знаеш, но всушност не знаеш што те чека таму. Добив болки петокот навечер. Се спремив и отидовме со сопругот во болница. Ме примија, ме прегледаа и ми кажаа дека е рано уште да чекам. Да знаев дека толку треба да се чека, ќе си седев дома, но ете, прво породување, се плашиш, не знаеш како треба. Пред мене се породија четири жени. Како ги гледав нив, така се повеќе се плашев, но како ми се зголемуваа болките, единствено нешто што сакав е да се породоам што побрзо и да се ослободам од нив. Дојде и тоа време. Породувањето помина. На свет донесов здраво, женко бебе. Кога ми ја дадоа во раце, заборавив на сите болки. Но, бидејќи бебенцето беше малку поголемо, мораа да ме исечат. После породувањето дојде докторката да ме шие. Не знаете која арогантност. Местото почна да се лади и чувствував болка. Почнав да правам фаци, да се стегам. Таа почна да вика по мене, но и реков дека ме боли. На ова дека ме боли добив одговор: “Зошто правите деца, кога ве боли”... Бев запрепастена од тоа што го слушнав. Само замолчев. Ми рече, или седи како што треба, или ќе си одиш така... Не можев да поверувам што ми зборува. Доктор, гинеколог. Од некој, кој бараш помош во тоа време. Се прашувам како поминала таа кога се породувала. И љубоморам и јас, а верувам и другите жени, ако поминала без болка. Најстрашно беше тоа, што кога ме примија мене, таа требаше да дојде да ме прегледа, но медицинската сестра, не можеше да ја разбуди, па ја чекавме подолго време. Уште кога дојде беше бесна, зошто е разбудено, но ете бебињата не знаат дека е среде ноќ и дека лекарите можно  е да спијат. Зборовите уште тогаш и ги вадев од устата. За среќа, се, се заврши како што треба, благодарение на акушерата, која беше со мене цело време. Докторката беше тука само за шиење и за преглед, ја раскажува својата приказна Ирена.

Откако си бев во соба, после некое време со другите мајки, си го споделувавме искуството. И тие имале вакво искуство со неа. Но, во тој момент имаш нешто многу поважно од тоа, па забораваш, се фокусираш на новата улога, како мајка и на своето најмило, додава Ирена.