Искршени клупи, остатоци од импровизирана скара, депонија - просторот околу Свети Никола над езерото Матка е комплетно запуштен

Просторот околу манастирот Свети Никола Шишевски е комплетно запуштен и оставен на “еко-свеста” на посетителите. Искршени клупи, остатоци од импровизирана скара, запуштени вециња и депонија по стрмниот пат надолу од манастирот кој се наоѓа високо над карпите во кањонот Матка од десната страна на реката Треска, пишува Вечер.

Теренот до овој македонски христијански храм е недостапен за моторни возила и планински велосипеди и единствено до него може да се дојде пеш. Фотографиите за тоа како деновиве изгледа просторот околу манастирот ги објавија планинари на социјалните мрежи. Тие велат дека поради квагата меѓу оние кои се грижат за одржување на ова прекрасно место, сега веќе таму горе нема никој и местото е запуштено.

– Јас не знам чие е ова место, на црквата, на село Шишево или на општина Сарај. Ама апелирам, ако е некако можно, под итно да се воведе некаков ред! Затоа ве молам споделете ги овие тажни слики. Исто така, едно голема молба до сите качувачи, планинари и туристи кои деновиве ќе наминат овде, земете големи кеси за смет и кој колку може нека зачисти. Да се надеваме дека ќе се најде некој надлежен кој ќе го реши новонастанатиов проблем и ќе го спаси веројатно најубавиот белег на кањонот Матка – пишува еден планинар.

До манастирот Свети Никола Шишевски може да се стигне пеш од три правци: од мостот на реката Треска во близина на кајакарските терени кај манастирот Света Богородица во Долна Матка (половина час пешачење); од селото Шишево (1 час); како и од врвот на планината Водно (2 часа и 30 минути). Од градот Скопје е оддалечен 18 километри, а од селото Шишево околу 3 километри. Од спротива на манастирот долу крај езерото се пружа прекрасна глетка на позната црква Манастир Свети Андреја.