Искористете го бесплатниот автобуски превоз за време на викендите и државните празници и посетете го Водно

За да им излезе во пресрет на граѓаните што сакаат да се рекреираат на Водно Градот Скопје воведе две нови автобуски линии- автобусот со број 25А тргнува од пред катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј, а автобусот со број 25Б - од паркингот кај Цветниот пазар (Дом на печат).

Овие две автобуски линии до Средно Водно, како и линијата со број 28 до Нерези, се бесплатни за време на викендите и државните празници.

За да се заштити планината Водно од загадување и за да се овозможи непречено и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот, а особено на пешаците и на велосипедистите, Градот Скопје и ЈП „Градски паркинг“ воведоа зонско паркирање на паркиралиштата на Средно Водно и кај манастирот „Свети Пантелејмон“ во Нерези. Паркирањето на овие две паркинг зони, А0 и А02, се наплаќа за време на државните празници и за викендите од 9 до 16 часот. Цената за првиот час паркирање изнесува 100 денари, а секој нареден час – 50 денари.

Парите од наплатата на паркирањето се наменети за одржување на парк-шумата „Водно“.