Исчистете го организмот од никотин

Сите пушачи, но и оние кои неодамна ги оставиле цигарите треба што поскоро во своето мени да вклучат производи кои помагаат побрзо да се исфрли од организмот долгогодишниот наталожен никотин.

Познато е дека на зависниците од цигари им недостасуваат многу витамини и минерали, бидејќи пушењето негативно влијае врз способноста на нивната апсорпција од храната.

Оваа лоша навика најмногу влијае врз намалување на количеството витамин Ц и колку е поголем бројот на испушени цигари во текот на денот, овој витамин го има се помалку во организмот. Затоа на пушачите дневно им се потребни 2.000 мг витамин Ц, што може да се обезбеди со редовно конзумирање на овошје и зеленчук.

Експертите истражиле дека пушачите кои го зголемуваат конзумирањето на овошје и зеленчук имаат 23 отсто помала можност за заболување од рак на белите дробови.

Посебно позитивно влијание врз здравјето на зависниците од цигари имаат коренестиот зеленчук, зелката, кромидот, лукот и печурките. Ладилникот треба да биде полн и со намирници со зелена боја, како што е спанаќот, магдоносот, кељот, брокулата. Тие често го чистат телото од разни хемиски отрови од околината, смогот, никотинот, пестицидите, тешките метали и многу се корисни за детоксикација на црниот дроб.