„Исцелител“ не влезе во потесна конкуренција за „Оскар“

Македонскиот филм „Исцелител“ и покрај интензивната промоција во Холивуд, за жал не успеа да влезе меѓу деветте филмови кои ќе се натпреваруваат за „Оскар“ во категоријата од неанглиско говорно подрачје. Филмот на режисерот Ѓорче Ставрески донесе голем број на награди и признанија и одлична промоција на Македонија како земја која врти нов лист во домашната кинематографија.

Потесниот круг во оваа категорија го исполнија полскиот филм „Cold War“ на Павел Павликовски, јапонскиот „Shoplifters“ на Хироказу Корида, колумбијскиот „Birds of Passage“ на Кристина Галего и Циро Гера, потоа данскиот филм „The Guilty“ на Густав Милер, германскиот „Never Look Away“ на Флориан Хенкел вон Донерсмарк, казахстанскиот „Ayka“ на Сергеј Дворцев, либанскиот „Capernaum“ на Надин Лабаки, мексиканскиот „Roma“ на Алфонсо Карон и „Burning“ од Јужна Кореја во режија на Чанг-донг Ли.

И покрај тоа што „Исцелител“ не ја доби официјалната номинација за Оскар, лобирањето за овој филм може да донесе можности за поголема гледаност, покани на фестивали и евентуална продажба на филмот во САД.

Дебитантското филмско дело на Ставрески се прикажа на педесетина меѓународни филмски фестивали низ светот од кои три се од престижната А-категорија. Овој филм освои 15 меѓународни награди, како и четири домашни награди во дистрибуција и уште четири во претпродукција. Во просек, филмот се прикажувал на повеќе од еден фестивал неделно и добивал повеќе од една награда месечно.

Најпознатите светски филмски списанија како „Варајати“, „Скрин дејли“, „Сенсес оф синема“ и „Холивуд репортер“ објавија ѕвездени рецензии.

„Исцелител“ е и првиот македонски филм кој е достапен на услугата Ејџ-би-о – гоу, а се прикажува и на најпознатата телевизиска мрежа Ејџ-би-о, и тоа во 14 земји во Европа. Исто така, дел е од азиската интернет-телевизија „Синема ворлд“. Низ 26 града во Македонија го погледнаа повеќе од 23 илјади гледачи, а годинава на 6 јуни, во Градскиот парк во Скопје, ја имаше најмасовната домашна проекција на отворено.

Главните улоги во „Исцелител“ ги толкуваат Благој Веселинов и Анастас Тановски, а во останатите улоги се Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Симона Димковска и други.

Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на „Фрагмент филм“ од Скопје и во копродукција со ГРААЛ С.А. од Грција.