Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) Иринка Сотирова Бухова тврди дека во изминатите 22 месеца нема, ниту претходно имала контакти со Жан Митрев.
„И ДСЗИ и лично мене не интересира кој е тој што од институцијата контактирал со Жан Митрев. Најодговорно тврдам дека не во последните 22 месеца додека траела студијата, туку и многу долго пред тоа, немам никакви контакти со посочениот господин. Ја користам можноста и сега, личноста што ја даде дезинформацијата да ме побие со докази, односно нека ги даде доказите со кои располага во соодветните институции“, одговори Бухова на прашањето за тоа „кои кодошеле кај Жан Митрев“.
Бухова објасни дека ДСЗИ не дава, ниту одзема дозволи за приватни клиники.
„Дозволата за „Жан Митрев“ е дадена од Министерството за здравство, а што пишува во неа ќе ви каже министерот. ДСЗИ не е орган што треба да ја критикува или одобрува одлуката дадена од МЗ. ДСЗИ не побарува дополнително време во однос на надзорите кои ги има направено“, рече директорката.
Таа претходно информира дека во „Жан Митрев“ се направени три редовни и девет вонредни инспекциски надзори и детално ги образложи.
Бухова објасни и како се пријавуваат интрахоспиталните инфeкции. Клучна и прва институција, рече, до која се доставува информација за интрахоспитална инфкеција, е Центарот за јавно здравје кој прави епидемиолошки увид и наложува мерки.
„Да не ги мешаме институциите“, порача Бухова.