Инвеститорот не се откажува од проектот кај „Мајчин Дом“, тужба за општината доколку стопира инвестиција

Инвеститорот Фатмир Етеми потврдува дека дозволата која ја поседува за изградба на 9-катницата наспроти Мајчин Дом, е правосилна и дека е издадена согласно законските процедури. Етеми вели дека обидите за попречување на овој проект се политички и дека не станува збор за зачувување на зеленилото. Вели дека доколку не се почитува неговата дозвола, тој ќе ја тужи општината и ќе бара отштета, пренесува 21ТВ.

 „Доколку работава продолжи вака сигурно ќе ја тужиме општината и ќе бараме отштета на Суд, а тој надомест ќе биде доста висок. Ова ми личи на она кога минатата Влада кога го урна објектот на Фијат Цановски, а сега оваа Влада пак, не ги остава бизнисмените да работат…. парадокс“, изјави Фатмир Етеми, инвеститор.

Етеми вели дека на одлуката која ја донесе општината за 15 дневно стопирање на изградбата, ќе одговори преку законски пат, бидејќи како што тврди, одлуката ќе предизвика финансиска штета и ќе го одолжи завршувањето на проектот.

„Општината направи голема грешка што ја прекина работата, бидејќи им дава мотив плус на луѓето кои вршат притисок врз општината. Ние секако дека ќе се жалиме на општинската одлука и се надеваме дека ќе го добиеме процесот“, додаде Фатмир Етеми, инвеститор.

Градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, рече дека е на страната на граѓаните во нивната борба за заштита на јавниот простор и дека заедничко решение ќе бара преку дијалог.

Првиот човек на Аеродром рече дека се надева оти проблемот ќе биде решен за две недели. Од друга страна пак, инвеститорот на „ZSF-KOM“, Фатмир Етеми, за ТВ21, рече дека нема намера да се откаже од проектот. Според него, доколку општината сака да го купи земјиштето кај Мајчин Дом, тој е подготвен да го продаде, но вклучувајќи ги сите досегашни трошоци кои изнесуваат околу 5.5 милиони евра. За утре општина Аеродром свика вонредна седница на чиј дневен ред ќе се најде изградбата на 9-катницата. Дури ги повика граѓаните и претставниците на здруженијата за заеднички за изнајдат соодветно решение. Пред два дена, жителите на општината протестираа на местото каде е предвидена изградба на деветкатната станбена зграда со деловни простории.