(Интервју) Зоолошката градина во Скопје има најевтин билет за посета и е дом на бројни ретки животни, вели директорот Попов

Зоолошката градина во Скопје безмалку еден век е омилено место за прошетка, едукација и рекреација на посетителите од разни генерации. Разбирливо најбројни и најчести гости се децата, за кои често се организираат забавни активности во ова катче. 

За тековните работи, но и за тоа што претставува Зоолошката градина севкупно за земјава разговаравме со првиот човек на оваа најпосетена институција - Зоран Попов.

Со разубавувањето на времето претпоставуваме дека е зголемена посетеноста на скопската Зоолошка градинка и на Дино паркот. Каква е посетеноста од почетокот на годинава, кои се најчести посетители, дали има посети од странство?

Оваа година започна со голема посетеност, а за првомајскиот викенд забележавме историски рекордна посета на Зоолошката градина. За само еден викенд имавме преку 25 000 посетители што е рекорд во 97 години постоење на Зоолошка градина-Скопје. Нѐ радува тоа што тимската работа придонесува за што повеќе посетители како од целата држава, така и од околните држави, а со оглед на репутацијата која ја има Скопје ЗОО, имаме и доста гости од подалечни дестинации - туристи кои го посетуваат Скопје, а во својот план за прошетка секогаш ја вклучуваат и Зоолошката како број еден атракција.

Колку чини сега билетот и дали има најави за негово поскапување?

Влезницата за ЗОО Скопје е само 80 денари, а со тоа сме можеби и Зоолошка градина со најевтин билет за посета. Поради ковид кризата, а сега и енергетската криза и се она што се случува во светот изминатиот период, трошоците се енормно зголемени- почнувајќи од цената на електричната енергија, па се до храната за животните и материјалите за реконструкција. Сметаме дека цената на влезница е премногу мала, а за да можеме да обезбедиме што подобри услови и за животните и за посетителите треба што побрзо да се реагира за зголемување на цената.

Како кандидат членка за во ЕАЗА (Европската асоцијација на зоолошки и аквариуми), треба да исполниме многу високи критериуми, а од нашите ментори од ЕАЗА добивме насоки за зголемување на цената на влезницата.

Колку за споредба, едно кафе во кафуле веќе чини 120 денари, кутија цигари 140 денари, а влез за во кино 350 денари.

Редовно имате активности и групни посети. Што е следно за претстојниот период?

Како установа чија примарна дејност е едукација, култура и образование редовно подготвуваме едукативни настани, најмногу за деца од школска и предшколска возраст, дечиња од ранливи категории, како и за лица со попреченост. Сето тоа го правиме инклузивно, во заеднички дружби и убаво поминати настани и прошетки кои долго се паметат. Често за одблежување на светските денови на видовите животни, подготвуваме едукативни настани кои се отворени и интерактивни за сите посетители, па и цел месец мај нѐ очекуваат интересни едукативни работилници, прошетки, предавања кои ќе бидат на теми поврзани со животинскиот свет, климатските промени и биодиверзитетот.

Со што може да се пофали скопската Зоолошка градина во однос на ретки животни? 

Скопје ЗОО е дом на многу загрозени видови на животни. Имаме два слона спасени од циркус кои се вистинска реткост бидејќи Дуња е индиски слон, а Даела африкански, а сепак живеат заедно. Познати сме и по тоа што имаме голема група на лемури, кои се еден од најзагрозените видови во светот, а нивниот број во родниот Мадагаскар секојдневно се намалува. Со размножувањето на овие животни, помагаме во опстојување на видот. Тука се и белите лавови, кои во природата ги има останато околу 13 единки и живеат само во Јужна Африка. Хамболдт пингвините чии живеалишта во Перу, Аргентина и Чиле се веќе загрозени, а ние годинава имаме дури четири бебиња.

Одговорни ли се посетителите? 

Со години се бориме да ја подигнеме свеста и културата кај посетителите. Има многу одговорни посетители кои ги почитуваат сите правила и бон тон, но има и многу такви кои постојано мора да ги предпуредуваме да внимаваат на кодексот на однесување. За таа цел, поставивме преку 200 нови мали и големи табли на три јазици кои се поставени на секое живеалиште и укажуваат дека хранењето и вознемирувањето на животните е строго забрането. И понатаму ќе правиме кампањи, со кои кај секој посетител ќе пробаме да ја разбудиме емпатијата кон животните, но и одговорноста што треба да ја имаат при посета на Зоолошката. 

Љубовта кон животните несомнено треба да е приоритет на вработените. Може ли да ни кажете некоја интересна случка/како се грижат вработените за животните?

Нашите вработени пред се со голема љубов и емпатија кон животните и за нив се грижат како за сопствени деца. Одговорноста да се чува животно, особено различни видови како во нашата зоолошка е огромна и секој од нив посветува доволно време во денот за да работи со секое животно на својот реон. И самите животни чувствуваат кога некој од нив е среќен, а кога тажен. Затоа за да се биде зоонегувател треба да се поседува големо трпение, смиреност и позитивна енергија. Многупати досега низ годините се случувало нашите зоонегуватели да треба бидат сурогат родители на различни видови бебиња животни, па по потреба и дома 24 часа се грижеле за кенгури, мајмуни, кози, лами, срни... За да се работи во зоолошка градина, прв и основен предуслов е да ги сакате животните и да сакате да помогнете за што поголема нивна благосостојба.