Катерина Тодевска Спасиќ е позната водителка која е искрено вљубена во својот роден град Скопје. Токму оваа љубов ја инспирираше да му ја посвети емисијата „Скопје Але Але“, каде што преку интересни приказни ја доловува уникатната атмосфера и духот на градот.
Во интервјуто со Катерина, разговараме за урбаното и старо Скопје, за незаборавните ликови кои го обликуваат градот, но и за нејзиниот приватен живот. Еден разговор со една од најпозитивните и најведри личности кои ја красат македонската телевизиска сцена.
Од неодамна ја освојувате публиката со интересни приказни за Скопје преку емисијата „Скопје Але Але“. Колку оваа емисија е предизвик за вас? Која е можеби најинтересната приказна која ја дознавте?
Да емисијата „Скопје Але Але“ веќе трета сезона го живее својот живот. Почна сè заради мојата голема љубов кон мојот град, кон моето Скопје. Секако дека е предизвик да ги изберете вистинските соговорници и да ги договорите да ви ја раскажат својата приказна за Скопје. Што се однесува до раскажаните приказни има многу навистина многу.
Ако треба да го опишете Скопје во три реченици, како би звучело тоа?
Скопје е најубавата приказна. Тој ги чува во себе сите наши спомени и тајни. Секое место си има своја приказна, секој од нас скопјаните во него си има свои спомени, всушност Скопје без луѓе не бива, ама и ние без Скопје не сме цели.
Кои се вашите омилени места во Скопје, што најчесто саката да правите приватно во главниот град и околината?
Омилени места.. Турската чаршија, Градскиот Парк и многу други кои ме потсетуваат на убави спомени.
Што најмногу ви пречи во Скопје и има ли начин да се решат овие проблеми?
Најмногу ми пречи некултурата или подобро нечувството за своето, сето она што му го правиме на Скопје, всушност си го правиме на самите себе.
Дали можеби можете да издвоите неколку урбани фаци или јавни личности кои се синоним за Скопје?
Има многу приказни и соговорници. Сепак ако треба да издвојам тоа секако е Игор Џамбазов и неговата приказна за својот прв француски бакнеж, потоа Викса и неговата приказна за зградите со лифт и без - затоа што ги украле, потоа приказната на Драган Мијалковски за песната 223 305 и луѓето кои го имале овој број и многу можам да редам… Катерина Катерина Тодевска Спасиќ
Секако постојат неколку урбани ликови синоним за Скопје, како Данило Коцевски, Игор Џамбазов, Драган Мијалковски, Викса, Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Мите Тралала и уште многу.
Што си посакува Кате во претстојната година приватно и професионално?
Ах секогаш многу желби. Здрави и живи да влеземе во својот нов дом.
Ви пречат ли „провинцијалците“ во Скопје?
И да и не. Всушност голем дел од денешните скопјани некогаш биле дојденци, па така и на овие најновиве ќе им требаат неколку децении да станат вистински граѓани или вистински скопјани. Можеби ние немаме време, ама Скопје секогаш има време за сите!