Интервју со Тимчо Муцунски: Ние, градоначалниците, треба да бидеме пример за чесни и работливи луѓе, кои ги завршуваат обврските на време и го прават тоа за што биле гласани

Амбициозен, млад, но искусен политичар. Ова e првиот впечаток на јавноста за човекот кој од неодамна ја води скопската општина Аеродром и потпретседател на најголемата опозициска партија во државата, ВМРО ДПМНЕ. Оние кои почесто ја следат политичката сцена во нашата држава го паметат како дел од повисоките ешалони на извршната власт, но скопјани подобро го запознаа пред неколку месеци за време на кампањата за локалните избори кои се одржаа во 2021 година. Проектите кои ги ветуваше тогаш беа сериозни и амбициозни, за некого и нереални, но од оваа перспектива и според разговорот со него, може да се добие впечаток дека полека, тоа што е ветено ќе биде реализирано во најскоро време. Затоа што,  според него улогата на градоначалниците е да ги завршуваат обврските навремено и да прават тоа за што биле гласани од илјадници граѓани.

За првите сто денови од мандатот, тоа што досега е реализирано, но и за плановите за во иднина разговараме со градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.  Зборуваме за одговорноста на политичарите пред граѓаните, а во интервјуто тој ги открива и плановите за оваа година, но и за следните години од мандатот. Муцунски е татко, сопруг и професор на Правниот факултет во Скопје, а вели дека првите сто денови од мандатот го промениле неговиот живот во еден многу позитивен и сосема креативен правец. 

На кратко како изгледаа овие 100 дена од животот на Муцунски? Колку  се променија животните навики, рутината и секојдневните обврските?

Преземањето на градоначалничката функција за мене претставуваше огромна чест и задоволство и токму затоа секој нов ден за мене е голем предизвик, како на професионален, така и на приватен план. Да се биде градоначалник на една од најмодерните и најурбаните општини во земјава значи многу работни обврски, секојдневни состаноци, средби со жителите и посветена работа на проектите кои ветив дека ќе ги реализираме во наредните четири години. Јас сум семеен човек и се трудам моето семејство да не ги чувствува секојдневните работни обврски и затоа секој слободен миг им го посветувам ним. Станувам рано наутро, го носам мојот син во градинка и продолжувам со работните задачи. Изминатите 100 дена навистина ми го променија животот, но во еден многу позитивен и сосема креативен правец. Јас и претходно како професор на Правниот факултет и како пратеник во македонското Собрание имав прилично богата агенда на дневна основа, но откако станав градоначалник, да бидам искрен, откривам свои нови способности, за кои претходно можеби не знаев дека ги поседувам. Локалната самоуправа е специфична по многу нешта и секојдневно ми отвора нови хоризонти, нови пријателства и ново искуство во животот.

Слушавме за низа проекти во изминатиот период, што се беше направено за овие 3 месеци?

Среќен сум што уште од првиот ден јас и мојот тим почнавме со многу енергична работа, за која имаме фидбек од граѓаните кои го забележуваат тоа директно на терен. Веднаш се зафативме со решавање на најгорливите прашања, кои најмногу ги мачеа аеродромци. Она што беше прво и основно е создавање чиста и здрава животна средина. За жал, наследив општина каде што претходно не се ангажирале околу ова прашање. Општината беше преполна со депонии создавани со години, а кои освен што претставуваа грда слика за нашиот Аеродром, беа и штетни по здравјето на жителите и околината. Контејнерите беа преполни со ѓубре, а парковите и јавните површини оставени на забот на времето. Затоа, најпрвин се зафативме со темелно чистење на Аеродром и враќање на неговиот некогашен сјај. А, бидејќи не сакаме само да решаваме, туку и да превенираме појави на несовесно однесување, воведовме сменско работење на нашите инспекциски служби, како и дежурства. Така, Општината има поголем увид на состојбите на терен и можност за побрза реакција кога е тоа потребно. Исто така, во соработка со Град Скопје изнаоѓаме системско решение за прашањето со бездомните кучиња, а со ЈП „Градски паркинг“ интензивно бараме начин за зголемување на бројот на паркинг местата, едно од моите клучни ветувања во предизборната кампања. Почна реализацијата на големиот проект „Clean AirDrom“ финансиран со средства од Европската унија, а во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Правниот факултет „Јустинијан Први“ ја започнавме имплементацијата на проектот за создавање на вистинска европска општина со нула корупција, еден сосема нов начин и систем на функционирање на општините којшто ние сакаме да го наметнеме и во другите општини и институции.  Истовремено, го трасираме патот за почеток на изградба на три нови градинки, кои се повеќе од потребни за нашите жители. Почната е процедурата за реконструкција и реновирање на сите осум основни училишта во Аеродром, како и на спортските терени низ општината. Истовремено успеавме за многу кратко време целосно да го реновираме Спортскиот центар во Ново Лисиче кој од неодамна го носи името Марко Божиновски. Во делот на урбанизамот, би сакал да го истакнам донесувањето на деталниот урбанистички план за Долно Лисиче кој како предлог неодамна беше презентиран пред јавноста и е поставен на увид, така што сите заинтересирани можат да учествуваат во неговото креирање.

Секако, свесни сме дека ова не е доволно и секогаш може повеќе. Гарантирам дека ќе продолжиме да работиме со исто, па дури и со засилено темпо за време на целиот мандат и аеродромци ќе осетат вистинска промена во средината во која живеат.

Промовиравте развоен буџет со многу проекти, што е планирано за периодот кој следи?

Буџетот е развоен, скроен со многу труд и посветеност, детално анализиран и многу реален. При изработката, се погриживме истиот да се заснова исклучиво на барањата на граѓаните и решавањето на најгорливите проблеми кои со години ги мачат аеродромци. Се потрудивме да ги покриеме сите сегменти, без притоа кој било да биде исклучен, да се фокусираме за раст и развој на Аеродром како целина. За време на мојата кампања, јас промовирав многу проекти кои сметам дека се од исклучителна важност, но акцентот го ставив на топ 7 приоритети: изградба на нови детски градинки, Аеродром без сообраќаен хаос, изградба на нов мултимедијален центар, Велодром, реновирање и модернизација на сите основни училишта, Екодром – нови 100 илјади метри квадратни зелени површини, и проектот што го споменав погоре – Општина со нула корупција. Планираме основање на општински институт за развојни проекти, како и изградба на Иновациски центар кои можат да донесат огромен фидбек во Аеродром во полето на иновациите и новата технологија. Планираме и целосно реновирање на сите основни училишта на нашата територија, воведувајќи нов принцип спротивен на селективноста и со цел ниту еден објект на образовна институција да не биде запоставен во однос на другите. Како млада и спортска општина, ќе продолжиме да инвестираме во спортот и физичката активност, за што покрај реновирањето и модернизацијата на спортските игралишта на територија на општината, издвоивме дури 5.000.000 (пет милиони) денари за поддршка на спортските клубови и за правилен и соодветен развој на спортот и спортистите. Можам да гарантирам дека ќе дадам се од себе за сите работи кои ги ветив да бидат видливи за аеродромци што е можно поскоро, што секако претставува уште еден своевиден предизвик.

По овој период на градоначалничката позицијата, колку визијата за Аеродром е промената од таа за време на кампањата? И колку денешната визија е реална и остварлива?

Во предизборната кампања влегов многу подготвен за тоа што би ме очекувало доколку победам на изборите, а и додека траеше сиот тој процес, во средбите со граѓаните имав можност да слушнам и научам многу за локалната самоуправа. Имајќи го тоа предвид, уште од тогаш создадов јасна слика и почнав да ја градам мојата визија за тоа каков Аеродром сакам да создадам во наредните години. Добив огромна подддршка од аеродромци и сега единствено што ми останува е она што го ветив и што беше напишано на хартија да го претворам во реалност. Мојата визија е Аеродром да прерасне во општина каде што секој еден жител ќе може да ги ужива сите погодности, децата да добиваат правилен раст и развој, да имаат современи услови за образование, да создадеме повеќе места за спортување, за културни настани, паркови за дружење и рекреација, еднаков пристап до сите услуги и институции. Сè што ветив е многу остварливо, но секако изминатиот период се соочив и со одредени препреки кои не се лесно надминливи и не зависат само од нас, туку и од централните власти. Сметам дека без оглед на тоа од која политичка партија доаѓаме, ние градоначалниците мора да го добиваме потребниот ветер в грб, затоа што сме избрани директно од граѓаните. Впрочем, мојата кампања главно е темелена на идеи од самите аеродромци и токму поради тоа, сметам дека централната власт е тука да ни помогне да ги оствариме ветените политики. За жал, засега немам поддршка, а тоа значи дека централната власт во моментов го занемарува мислењето на над 18 илјади жители на Општина Аеродром кои уште во првиот круг гласаа за мене. И тоа е една генерална слика на ниво на цела Македонија, затоа што со истиот однос се соочуваат и други мои колеги. Како пример би го дал заедничкиот проблем на голем број општини околу енормно зголемените трошоци за струја  поради зголемувањето на цената на електрична енергија купувана на слободниот пазар. Иако побаравме, не добивме помош од Владата што сметам дека е крајно неодговорно и нè доведува во една многу непријатна ситуација, бидејќи сепак регулаторните тела и одговорните за цените се под нивна надлежност. Искрено се надевам дека во брзо време ќе се смени ваквиот однос и конечно ќе можеме без никакви пречки да го реализираме секое наше ветување.

Ќе успееме ли Аеродром од општина на згради да ја направиме општина на паркови?

Она што ѝ е познато на пошироката јавност е дека токму ние бевме прва општина која во првите 100 дена презема конкретни чекори кои на вистински начин ја запираат предвидената бетонизација на Аеродром. Урбаното јадро е дефинитивно пренаселено и дојдовме до една критична точка во кој таа масовна градежна експанзија мораше да се спречи. Наместо да запрат, во последните четири години градежните активности само се интензивираа. Токму затоа, на моја иницијатива и со одлука на Советот на општината, беа избришани 7 маркици на кои беа планирани згради, а со оваа одлука ќе бидат предвидени за парковско зеленило со разни содржини атрактивни за сите категории на граѓани. Ова е пракса која сакаме да прерасне во стандард за секоја општина, со што конечно би се ставил крај на урбаниот хаос. Секако, важно е да се напомене дека не сме целосно против процесот на урбанизација, но дека истата треба да се практикува во досега запоставените делови и да се спроведе на крајно хуман начин, со обезбедување на услови за живот соодветни за 21 век и со силен акцент на зачувување на зеленилото и животната средина. Во предизборната програма предвидовме нови 100.000м2 зелени површини, кои ќе ги опфатат не само местата кои беа предвидени за згради, туку и низ целата општина. Во првите 100 дена беа спроведени акции за расчистување на депониите на чии места ќе има зеленило и паркови, а истовремено во веќе постојните паркови беа засадени над 500 нови садници. Она што граѓаните треба да го очекуваат до крајот на мандатот е и новиот мегапарк во соработка со Град Скопје кој ќе опфати површина од десетици илјади квадратни метри. Иако и во моментот Аеродром важи за една од најзелените општини, настојуваме да го задржиме тој епитет.

Впечатокот на јавноста е дека локалната самоуправа насекаде е тромава и заспана, ќе ја будите ли општинската администрација или пак ќе ја освежувате со нови кадри? Што онаму каде едноставно нема да се заврши задачата, нема да се исполнуваат роковите?

Не би рекол дека администрацијата и службениците сами по себе се тромави и заспани како што споменавте, туку целиот систем кој со години е воспоставуван придонел до таа појава. Токму затоа, една од моите главни предизборни заложби беше ние да бидеме предводници во процесот на искоренување на негативните појави и да дадеме пример кој ќе се имплементира како на локално, така и на централно ниво. Ако во моментот „заспаноста и тромавоста“ се синоним за институциите и локалната самоуправа во Македонија, една од моите главни цели е да вложам напори тоа конечно да се промени. Секој административен службеник има точно определени обврски и овластувања кои мора да ги извршува, бидејќи сето тоа е во корист на граѓаните и на сите нас. Секако, важно е да се потенцира дека таа промена која сакаме да ја видиме треба да почне од највисоките нивоа, па затоа ние како градоначалници треба да бидеме вистински пример за чесни и работливи луѓе кои си ги завршуваат своите обврски навремено и го прават она за кое биле гласани од илјадници граѓани. Дополнително, започнуваме и со вид на реформа на микро ниво, која ќе започне во локалната самоуправа во Општина Аеродром, а потоа се надевам и ќе се прелее во работата на сите општини низ целата држава. Тука мислам на проектот со Фондацијата „Конрад Аденауер“ што веќе погоре го споменав. Се надевам дека со домашните и странски експерти ќе се погрижиме Аеродром да ја искорени корупцијата и да имплементира мерки и препораки кои ќе ја зголемат ефикасноста на општинските служби.

Од неодамна имате една висока партиска позиција, колку вие лично сте задоволни од нивната работа?

Новата партиска функција, потпретседател на најголемата политичка сила во Македонија ВМРО-ДПМНЕ, во мојата политичка кариера и во личниот живот дојде како многу позитивно освежување. Се сметам себеси за човек кој сака постојано да прифаќа нови предизвици и секогаш го давам својот максимум за успешно да се соочам со истите. Како градоначалничката, така и партиската функција за мене имаат огромна вредност и претставуваат голема одговорност. Овој период би рекол дека начинот во управувањето со локалната самоуправа и партиската одредница се поврзани и зависни едната од другата, најмногу поради тоа што гледаме вистинска свежина и надеж за позитивна промена во нашите средини каде предводат новите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ. Секако, не смее никој тука да запре и сметам дека секогаш може подобро од она што сме го виделе до сега. Мојата цел, а воедно и целта на целата партија е прикажаната посветеност, работа и енергија да продолжат и понатаму и се надевам што побрзо да ги пренесеме на централно ниво, со крајна цел Македонија да ја направиме уште поубаво место за живеење за сите. Граѓаните го заслужуваат тоа.

Млад сте, но долго во политиката: кој е вашиот личен впечаток, дали политичарите прават доволно за граѓаните, општините и за државата?

Мислам дека одговорот на прашањето „дали политичарите прават доволно“ не нè води никаде суштински. Она за кое треба да зборуваме е дека главната улога на политичарите треба да биде службата кон граѓаните и гледањето на големата слика – општото добро на сите во Македонија, бидејќи на крајот на денот ние одговараме пред нив. Во многу наврати во моите разговори со младите луѓе и студентите, им велам дека тие треба да се насочат целосно кон процесот на креирање политики и нудење на идеи, а не кон коментирање на дневна политика. Така е и за ова прашање, ирелевантно е дали политичарите досега правеле доволно. Она што е важно е дека секој еден од нас треба да влезе во политичките процеси со максимална мотивација и да даде добар пример во воспоставувањето на вистински европски стандарди во политиката. Сметам дека за сега во Општина Аеродром даваме доволно добар пример за посветена работа, со тоа што ќе ги вложиме сите напори за позитивните примери да ги отсликаме и на централно ниво. Тоа е промената која треба да ја осетат сите граѓани на Македонија и нешто кон кое треба да целиме. Поставуваме високи цели и стремиме кон издигнување на Македонија на ниво со европските земји, бидејќи токму таму сите ние припаѓаме.