Во исклучително емотивен период за македонската јавност, пејачката Тамара Тодевска организира хуманитарен концерт посветен на трагедијата во Кочани. Во ова интервју, Тамара зборува за новата верзија на песната „Време за плачење“, за личната мотивација, креативноста во тешки времиња, како и за идните планови во нејзината музичка кариера.
1. „Време за плачење“ е песна што се појавува во период исполнет со лични и општествени предизвици. Како настана оваа песна? Дали е инспирирана од конкретни настани или претставува лична катарза?
„Време за плачење“ е една од моите омилени македонски песни, отпеана од единствениот Игор Џамбазов, а веќе со години е дел и од мојот музички репертоар. Така што, имам и јас одредено „минато“ со оваа песна... Со мојот добар пријател и соработник Роберт Билбилов одлучивме да направиме една поинаква, побавна верзија од песната и гледам дека е навистина добро прифатена од публиката. Така што, „Време за плачење“ денеска, за жал, соодветствува и со општествениот контекст и прилики, но е и моја многу драга песна.
2. Хуманитарниот концерт на 8 мај во МКЦ е значаен настан. Како се роди иницијативата за овој концерт и што очекуваш да постигне?
Во моменти на тага и болка, секој/а од нас мислеше како може да помогне, а тоа да не е единствено со споделување на апели по социјални мрежи. Јас можам да помогнам преку тоа што најдобро знам да го правам – да пеам. Многупати се докажало дека преку музиката тагуваме, изразуваме болка, емпатија, поддршка... Инаку, иницијално идејата е на мојот татко, Велко, и решив да го послушам и заедно со мојот бенд и тим да организираме хуманитарен концерт за Кочани.
3. Како мајка и јавна личност, како се справуваш со предизвиците и емоциите што ги носат тешките моменти во државата?
Уф, многу често сум премногу експлозивна, гневна, лута на сѐ што ни се случува околу нас... целиот ден, недела знае да ми се парализира од актуелен настан, случка, општествена ситуација. Имам и две деца и навистина е предизвик да балансираш, да бидеш воздржана, а истовремено и искрена... Некако изминативе години минуваме низ навистина тешки периоди и околности и мислам дека очајно ни фали успех, позитивен настан, нешто со што ќе се гордееме. Мораме да ги истакнуваме позитивните примери и истите да доминираат на дневно ниво.
4. Во изминатиот период, имаше лични и професионални предизвици. Како тие влијаеја на тебе како личност, на твојата креативност и музичка инспирација? После сето ова, каква лекција научи Тамара?
Научив многу лекции, секојдневно учам... Но, научив и дека работата, талентот и успехот никој не може да ти ги земе. Периодов навистина многу работам – како за концертот на 8 мај (од 20:00 во МКЦ), така и на нови песни и проекти.
5. Што можеме да очекуваме од тебе во текот на летото и во следниот период? Дали има нови настапи, проекти или соработки на повидок?
Веќе имаме планирано настапи низ Македонија, а можам да најавам и нови песни (кои веќе се снимени), спотови, нов албум, а се надевам и концертна промоција на истиот. Ќе биде динамично и работно, но публиката ќе има можност да слуша квалитетна македонска музика.