Интервју со стенд ап комичарката Ивана Наскова: Ќе го кажам судбоносното „да“ кога ќе се изгради автопатот Скопје-Охрид

Повеќе не е русокоса, има интересен став за „спонзорушите“, а ќе го каже судбоносното „да“ кога ќе се изгради автопатот Скопје-Охрид! Ивана Наскова, спонтана, досетлива и шегаџика со стил, но истовремено и девојка која во верува во вистинска љубов и сè што е добро и праведно на овој свет. Нејзината романтична страна најмногу ја обожаваат читателите на нејзините романи.

Стенд ап уметноста ја афирмира и промовира и пред македонската публика, а најави и нов роман. За македонските мажи ќе каже дека се недоволно храбри да пријдат на девојка и да покажат вистински шарм...

Во продолжение едно искрено и енергично интервју со Ивана! 

Една од најдобрите стенд ап комичарки во регионот, авторка или водителка? Која титула ви е најдрага?

Благодарам за поканата за ова интервју и се разбира за пофалните зборови. Е сега за прашањето, ова исто како кога ќе прашате родител кое дете му е најсакано, хахах. Никогаш не би можела да одвојам една како најдрага, но ете, сум приметила дека во одреден период повеќе уживам да ја работам едната од другата.

Пишувањето го преферирам кога сум во малку изолирано расположение и кога сакам одмор и мир. Стенд ап комедијата е можеби најзахтевна и бара најмногу енергија од мене, затоа и правам малку повеќе пауза од еден настап до друг, но дефинитивно уживам да настапувам и да ги засмејувам луѓето. Водителството, за жал, иако е моја прва љубов, сепак имам најмалку желба да му се вратам можеби затоа што чувствувам дека во моментов за да се направи забавно шоу, радио или телевизиска емисија е скоро невозможно затоа што естрадата ни е премногу заспана.

Може ли да направите кратка паралела меѓу настапите со стенд ап во Македонија наспроти Белград? Каде има повеќе атмосфера, кој повеќе прифаќа шеги на своја сметка? Каква е српската публика?

Од настапи надвор од Македонија, Белград, Србија, ама и Хрватска ми се подеднакво драги. Од самиот почеток ми беше желба и сон да се пробам надвор од Македонија и неизмерно сум благодарна на дадената шанса и остварен сон. Колегите и од Србија и од Хрватска се прекрасни, имав привилегија да запознаам и да работам со исклучително талентирани и прекрасни луѓе.

Споредба не би можела да направам, а и не сакам, затоа што сме свесни дека сме сè уште далеку да се споредуваме со пазар како што е хрватскиот или српскиот. Публиката таму веќе има култура и навика за редовна посета и уживање во стенд ап уметноста, која е ценета и платена. Во Македонија, оваа гранка сè уште се развива, но се радувам што се појавуваат нови таленти кои сакаат да се испробаат во овие води и што напредуваме во ова поле.

Најважното од се е што Македонците сакаат да се смеат и мојата публика која доаѓа на моите настапи се дефинитивно луѓе кои имаат смисла за хумор и ја прифаќаат мојата интеракција и шега со нив.

Која е најдобрата финта од вашите стен ап настапи, според вас?

Има многу и тешко ми е да издвојам една, стенд апот е раскажување на една приказна на смешен начин, не е спој од кратки шеги или вицеви. Како и да е, наместо да споделувам дел од приказните кои ги раскажувам на моите настапи, јас би ве поканила да дојдете и да видите и вие и вашите читатели, па сами да си ја одберете омилената и најдобрата.

Што е полесно - да бидеш стенд ап комичар или да ја најдеш својата сродна душа? Очекуваш ли 2025 година да се промени нешто во однос на твојата „потрага по сродна душа“?

Веројатно е полесно да бидеш стенд ап комичар, хахахаах. Искрено отсекогаш целев кон тоа да бидам среќна која сум како личност и таа среќа да не ја врзувам со постоењето на друга личност. Значи среќна сум и кога сум сама. На крајот од денот сродната душа треба да додаде вредност и донесе повеќе радост и задоволство во нашиот живот, наместо да бидат оние кои ќе не направат среќни од нула. Верувам дека за секој постои таа една личност која ќе не натера да веруваме во љубов и сакам тоа да ми се случи и мене, но дури и да не се случи наскоро или во иднина, јас знам дека за мојата среќа единствен фактор сум јас и ништо друго или никој друг.

Работите ли на некој нов роман, или некакво книжевно дело?

Работам на приказната во мојата глава и чувствувам дека е спремна за брзо да се излие и на хартијата. Одамна не сум се посветила на пишувањето и сега веќе чувствувам како ми недостига. Затоа, се надевам дека за многу брзо ќе ги израдувам моите читатели со нов роман.

Ивана даде одговори на неколку кратки и забавни прашања: 

Ивана е ......феминистка! (каква)

Таква што верувам дека сме еднакви со мажите, но на крајот од денот вистинскиот маж иако знае дека сама можеш да направиш сè, сепак нема да дозволи тоа да го правиш сама и ќе ти помогне и даде поддршка затоа што е вистински маж. Поддршката е многу важна и важно е жената да се чувствува како жена и да и биде дозволено таа нежна, женствена енергија да излезе од неа.

Најголемиот стереотип во Македонија е... 

Има премногу, но ако морам да издвојам еден, е дека убава и успешна жена мора да е буткана напред од маж. Не е точно! Убавите жени можат да бидат и паметни и успешни и сами да се изборат за сè што сакаат да имаат во животот.

Македонските мажи се...

Недоволно храбри да пријдат на девојка и да покажат вистински шарм. Самодовербата кај мажот е клучен фактор кој ќе ја освои жената која ја посакувате, ако ја немате таа самодоверба, тогаш работете на себе.

Убавата и успешната жена во Македонија е...

Честопати за жал осудувана, озборувана и омразена од оние кои сакаат да бидат со неа или сакаат да бидат како неа, а не можат.

Мојот став за „спонзорушите“ е ... 

Секој си одбира како ќе си го живее животот. Ако една жена не сака да работи, не сака да биде финансиски независна и сака некој друг да ги плаќа нејзините сметки и да ја издржува, тоа е нејзин избор, само нека биде искрена за тоа и нека не глуми љубов и нека не глуми дека парите не и се главниот и единствен фактор во изборот за партнер. Искрено дел од нив за тоа што го прават, човек треба да има јак желудник, така да и нивното не е лесно. Исто така, да се разбереме дека не секоја жена што сака маж со пари е спонзоруша. Има ли жена која не сака успешен маж со пари?! Доколку јас заработувам и сум успешна, многу е нормално да сакам и таков маж покрај себе кој е исто така амбициозен и успешен. Доколку мажот нема пари обично е затоа што нема амбиција и памет, не е вреден и работлив и не знае да ја планира иднината. Така да, најдете ми една жена која ќе сака да биде со таков маж и сака со него да создаде семејство и дом и ќе речам - грешам, не бев во право.

Кога бев „плавуша“ бев …

Истата Ивана само со друга боја на коса.

Македонска романтика во три збора...

Живеам со моите (хахаххха).

Моите бивши се...

Прекрасни луѓе со кои работите не успеале заради издржани причини. Никогаш нема ништо лошо да кажам за поранешен партнер, затоа што јас сама сум си ги бирала и никој со сила не ми кажал да бидам со нив. Каква е една жена, многу кажува и изборот на партнери кој го направила. Моите се прекрасни луѓе на кои им посакувам се најдобро во животот.

Кога Ивана ќе го каже судбоносното „да“...

Ќе кажам „да“ кога… ќе се изгради автопатот Скопје-Охрид хахаххаахах. Ќе кажам „да“ кога ќе бидам сигурна дека покрај себе имам партнер кој е амбициозен, вреден, паметен, кој знае да се носи со животот и предизвиците, кој ми влева сигурност, ме смее, ми дава поддршка и на кој комплетно му верувам и најважно од се, ме прифаќа таква каква што сум и кога сме заедно светот исчезнува.

Кафана со ракија и мезе или диско со виски?

Кафана, нешто слабо издржувам на штикла и се поретко трпам гужви.

Кафе или вино за зимските вечери?

Црвено вино!

Шопинг или спа?

СПА! Шопингот не ми е баш омилена активност хаххаха.

Љубов или секс?

И двете затоа што цело е кога има се!