Интервју со Сергеј Попов, Претседател на УМС на ВМРО ДПМНЕ: Потребно е младите да бидат вокални и критични кон она кое сметаат дека нема да донесе добро

Го мотивира желбата за успех и амбициозноста, ужива во прошетки во природа, добар филм или серија. По природа е оптимист и главен порив му е помислата за подобро утре. Вели дека младите во Македонија се соочуваат со лош квалитет на живот, лошо образование, кое во овој период сè повеќе прогредира поради лошите и избрзани образовни реформи. Денес во едно неофицијално и опуштено интервју разговараме со Претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ, Сергеј Попов. 

Верувам дека политиката одзема многу време во еден твој работен ден, но надвор од работните обврски, кој е Сергеј Попов и со што го исполнуваш слободното време надвор од обврските?

Да бидам искрен, тешко наоѓам слободно време, затоа што да се биде на чело на УМС во ова динамично секојдневие на политичката сцена, бара навистина обемен ангажман. Во она слободно време што ми преостанува, јас сум човек кој има доста активен социјален живот, исполнет со многу дружба. Уживам во прошетки во природа, добар филм или серија. Нешто што малкумина го знаат за мене е дека уживам сам да подготвувам разни јадења и да експериментирам во кујната.

Кои се работите кои тебе те мотивираат?  

Ме мотивира желбата за успех и амбициозноста. По природа сум оптимист и главен порив ми е помислата за подобро утре. Сметам дека заедно со мојот тим сме спремни за големи успеси. Задоволството и насмеаните лица на младите и успехот од најмалите секојдневни проекти и активности кои ги реализираме како УМС, ми дава уште поголема мотивација и надеж дека заедно можеме да успееме и да обезбедиме подобра иднина за секој млад човек во Македонија.

Спорт или пијачка, што би избрал прво?

Уживам во сите аспекти на социјалниот живот. Омилен спорт кој го практикувам е скијањето. Од време на време знам да одиграм партија фудбал со другарите или да прошетам на Водно или некоја друга локација во природа. Исто така, како и сите млади, уживам во добро кафе наутро, а навечер секако во добро друштво и пијалок.

Колку политиката создава граници на живеењето на младиот човек? Дали оваа функција го ограничи или отвори нови можности во живеењето како млад човек? Живееме во едно исклучително тешко време, со какви предизвици се соочува младиот човек во Македонија?

Политичкиот активизам апсолутно не создава граници, напротив, отвора можност за запознавање на голем број искрени пријатели и дружба, стекнување нови искуства и запознавање на сопствениот народ и држава. Во изминатиот период сето ова е намалено, како резултат на пандемијата која по сè изгледа дека последни во светот ќе ја надминеме. Младите во Македонија се соочуваат со лош квалитет на живот, лошо образование, кое во овој период сè повеќе прогредира поради лошите и избрзани образовни реформи. Сето ова ги става младите во подредена положба на пазарот на трудот во одност на врсниците од другите земји од Европа. Токму затоа секој млад човек во животот се наоѓа пред крстопат, а тоа е дали да остане тука или да ја напушти Македонија и да бара подобро образование, просперитет и иднина на друго место.  

Верувам дека често се движите во круговите на вашите врсници, каква е перцепцијата на младите, дали тие веруваат дека во оваа мала земја има иднина за нив?

Како што напоменав во одговорот на претходното прашање, на младите им е навистина тешко да се одлучат кој пат да го изберат, од причина што не гледаат партнер во државата, немаат верба во системот и институциите. Тие се демотивираат кога гледаат во каква состојба е нашата држава, а во колку подобра ситуација се соседните земји, еве, нема да ги земам за пример западните држави или САД.

Во ваква состојба, каде Сергеј Попов и Унијата на млади сили го гледаат излезот од ваквата состојба?  

Излезот го гледаме во обединување на младите околу една работа, а тоа е дека вака веќе не може и работите мора да се променат. Потребно е младите да бидат вокални и критични кон сè она кое сметаат дека нема да донесе добро. Сакам да испратам апел до сите младински организации од секаква форма, но и до сите млади да бидат гласни кога сметаат дека се обесправени, затоа што на волјата на мнозинството никој не може да се спротистави. Ние како УМС, подготвуваме младинска визија која ќе ја промовираме пред младите, и истата ветуваме дека ќе се избориме, како низ институциите, така и внатре во партијата, да биде реализирана.

На есен нè очекуваат локалните избори, како тука ја гледаш вклученоста и улогата на младите?

Мојата партија ВМРО – ДПМНЕ во повеќе наврати покажа дека дава шанса на младите, тоа ќе го покажеме и на претстојните локални избори. Како младина ќе дадеме сè од себе да понудиме што поквалитетни кадри, кои ќе се најдат на советничките листи и секако, потоа како дел од советите на општините. Исто така, активно учествуваме во креирањето на програмите за овие локални избори, особено во делот на проектите кои ги засегаат младите.

Кои се твоите политички амбиции, каде се гледаш во иднина?

Моментално сум фокусиран единствено на Унијата на млади сили и обезбедување на поквалитетен живот за младите преку менување на оваа власт, како на централно, така и на локално ниво. Не би можел конкретно да одговорам, но во секој случај политиката е нешто што ми е од голем интерес и планирам и понатаму да продолжам да се занимавам со неа.