Ристo Манчев: Лошите навики се главна причина за сообраќајките во Скопје

Во 2015 година на улиците во Македонија вкупно 144 лица ги загубиле своите животи. Оваа бројка е за 14 лица поголема во споредба со таа од 2014 година. Од друга страна оваа година беше доста активна со многу кампањи и останатите активности реализирани од страна на РСБСП. На оваа тема, но и на теми поврзани со сообраќајот во главниот град во годишно интервју разговараме со Ристо Манчев, секретар на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.

Скопје Инфо: Како ја оценувате изминатата 2015 година од аспект на безбедноста на сообраќајот?

Во 2015 година,  заклучно со денешниот ден, 144 лица го загубија животот во сообраќајни незгоди  и од тој аспект можеме да заклучиме дека имаме пораст на бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди во споредба со  2014 година, кога 130 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди. Меѓутоа ако го имаме во предвид фактот дека во 2013 година, 198 лица го загубија животот во сообраќајни незгоди , како и фактот дека во просек во Република Македонија 160 - 170 лица годишно  го губат живото во сообраќајни незгоди можеме да констатираме дека во последните две години постои одреден напредок. Сепак тоа не ни дава за право да констатираме дека состојбата со безбедноста на сообраќајот на патиштата во Република Македонија  е на потребното и посакувано  ниво.  Напротив, неопходно е повисоко ниво на култура во сообраќајот, повисоко ниво на јавна свест за одговорно учество во сообраќајот,  повисоко ниво на лична одговорност и засилен ангажман на сите надлежни институции. Само со ваков пристап ќе успееме да ја оствариме  една од главните цели на Втората национална стратегија  2015-2020 а тоа е намалување на бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди под 100 лица на годишно ниво.

Скопје Инфо: Каква е состојбата на улиците во главниот град?

Изминатава година бројот на загинати и повредени лица во Скопје за жал е во пораст. Водејќи се од ваквата состојба , на иницијатива на Град Скопје, формирано е координативно тело, во кое членува и РСБСП,акое имаше за задача да утврди приоритетни мерки за подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во главниот град. Во таа смисланајпрвин беа дефинирани потенцијално опасни места каде најчесто се случуваат сообраќајни незгодии утврден е акционен план запреиспитување насоодветноста на сообраќајно урбанистичките решенија. Исто така преземени се мерки за подобрување на сообраќајната сигнализацијаи унапредување на нејзиното одржување. Како резултат на тоа забележливо едека на повеќе улици во Град Скопје се поставени така наречени „ мачкини очи“со цел поголема видливост на пешаците и пешачките премини. Во делот на сообраќајната превенција за прв пат формиран е Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на Град Скопје кој има за задача да го унапредува сообраќајно превентивното дејствување на ниво на Град Скопје. Со овие и со низа други мерки кои ги донесе координативното тело, со засилена контрола на сообраќајната полиција и со повисоко ниво на јавна свест за поголема одговорност во сообраќајот , се надеваме дека наредната година значително ќе се намали бројот на загинати и повредени лица на улиците во главниот град.

Скопје Инфо: Што презема РСБСП за подобрување на безбедност на сообраќајот во главниот град?

РСБСП континуирано  реализира голем број на сообраќајно едукативни активности во насока на информирање, едуцирање  и подигање на јавната свест за одговорно учество во сообраќајот. Во таа смисла во 2015 година во градот Скопје реализирани се голем број на  кампањи, јавни настани, манифестации, дефилеа, работилници, сообраќајно едукативни предавања, итн.  кои беа насочени   кон различните групи учесници во сообраќајот а се со единствена цел  внимателно и одговорно учество во сообраќајот на патиштата. Сепак процесот на промена на навиките и културата на однесување во сообраќајот  е сложен и комплексен процес, бара континуирана работа и согласно тоа РСБСП ќе продолжи и во наредниот период да дејствува во таа насока се додека не изградиме еден систем на општествени вредности кога неодговорното однесување во сообраќајот и „беснеењето “ по улиците ќе наиде  на највисока општествена осуда и  одговорност  за сторителот.

Скопје Инфо: Ги почитуваат ли учесниците сообраќајните правила, што вели вашето искуство и кои се најчестите грешки на возачите и останатите учесници во сообраќајот?

Генерално можеме да констатираме дека најголемиот број на учесници во сообраќајот ги почитуваат сообраќајните правила и прописии одговорно се однесуваат во сообраќајот. Меѓутоа одредени сообраќајни прекршоци се провлекуваат долг период и истите се повторливи и се третираат како прифатена девијација. Овде посебно мислам на лошите навики за погрешно паркирање, односно паркирање на тротоар или велосипедска патека, престигнување на велосипедот и покрај тоа што од спротивна насока надоаѓа друго возило, како и зголемувањето на брзината на возилото кога на семафорот ќе се појави жолтотот светло, односно наместо да се припрема возилото за запирање дополнително се забрзува и на тој начин се загрозува безбедноста пред се на пешаците во сообраќајот. Исто така не почитување на правилата за ограничување на брзината на јавен пат во населено место е сообраќаен прекршок кој многу често го прават возачите.

Пешаците како учесници во сообраќајот исто така често пати се неодговорни и ја преминуваат улицата на места каде што тоа не е дозволено и предолго се задржуваат на коловозот додека велосипесдистите не прават разлика дали ги почитуваат правилатакои се однесуваат на пешаците или на велосипедистите кои се различни во многу нешта и така многу често можеме да забележиме како велосипедистите поминуваат на пешачки премин со возење на велосипедот. Оваа се најчести прекршоци кои ги прават различните учесници во сообраќајот и оваа појава можеме да ја смениме единствено со поголема сообраќајна едукација, со повисока свест и со промена на културата и етиката во сообраќајот.

Скопје Инфо: На кратко каква порака ќе пратите до нив: на што треба да внимаваат во сообраќајот?

Безбедноста во сообраќајот е заедничка и поделена одговорност на сите учесници во сообраќајот. Во таа смисла неопходно е секој поединец кој на било кој начин учествува во сообраќајот да го даде својот пример, својот придонес за побезбеден сообраќај и да покаже повисоко ниво на индивидуална одговорност како учесник во сообраќајот. Оваа е првиот и најважниот чекор кој треба да го направиме за побезбеден сообраќај затоа што факторот човек е причина за 90% од сообраќајните незгоди со потешки последици.

Скопје Инфо: Пред нас се празниците кои се препораките за безбедно возење?

Во пресрет на новогодишните и божиќните празници апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да бидат одговорни во сообраќајот. Посебно апелираме до младите возачи да не консумираат алкохол доколку управуваат моторно возило или да не управуваат моторно возило доколку имаат консумирано алкохол.Да не дозволат момент на невнимание, момент на непромисленост, момент на еуфорија и слабост да предизвикаат последици за кои ќе жалаат целиот свој живот. Забавите, прославите и веселбите се добри ама краткотрајни, последиците од сообраќајните незгоди се трајни, долгорочни а често пати и фатални. Посебно апелираме до возачите почетници да бидат совесни и да имаат на ум дека правото за управување на моторно возило е доверена одговорност која треба да се оправда токму на вакви моменти. Исто така потсетуваме дека возач почетник ( лице кое не наполнило две години од моментот на стекнување на право за управување на моторно возило) не смее да управува моторно возило без соодветен придружник во периодот од 23 до 05 часот, потоа не смее да управува со возило чијамоќност на моторот е поголема од 77 KW а толеранцијата односно дозволено количествона алкохол во крвта е „ 0-нула“. Затоа препорачуваме е само на возачите почетници туку и на сите останати да не користат сопствено возило при прославата на новогодишната ноќ и на тој начин најдобро, безгрижно и безбедно да ја поминат новогодишната ноќ и божиќните празници и прослави.

Скопје Инфо: И на крајот кои се плановите на РСБСП за следната година?

Во 2016 година РСБСП ќе продолжи со активностите за континуирана едукација и подигање на свеста кај различните групи учесници во сообраќајот. Покрај тоа 2016 година ќе ја одбележат големиот број на сообраќајно едукативни трибини, предавања, форуми и советувања а ќе бидат преземени и активности за зајакнување на сообраќајното образование во рамките на образовниот процес. Покрај тоа во 2016 година акцент ќе биде ставен на унапредување на сообраќајно превентивното дејствување на локално ниво во соработка со ОСБСП и единиците на локалната самоуправа.