
Поразителни се податоците за менталното здравје кај Македонците. Сѐ помлади се соочуваат со анкциозност и депресија. Во јавноста излегоа податоци од меѓународни истражувања според кои, по ковид-пандемијата, следи епидемија на психолошки потешкотии кај сите генерации. Сведочиме ли веќе на оваа појава?
Тековите, од транзиција, економски, политички, еколошки и здравствени кризи, а и со новата безбедноста состојба во светот носат нови предизвици. Се стравува за поскапувањата, за луѓето, за децата кои страдаат... Дали има сигурност во трошоците за живот? Образование и работа надвор од границите на земјава? Дали и колку ќе може да си дозволиме патувања, како и дали е сигурно да се организираат патувања? Емоциите кај многумина се помешани со доза на страв и несигурност.
За овие теми разговараме со Александра Милевска, лиценциран психолог, семеен и системски психотерапевт под супервизија.
Кочани – 16. Март – колективна трагедија која остави длабоки траги по менталното здравје кај секој граѓанин во Македонија. Што може да порачате една година по оваа стравотна несреќа? За какви чувства, емоции, психолошки матрици може да посведочите од она што се случува во јавноста?
Една година по една ваква трагедија, многумина очекуваат болката да биде помала, како времето само по себе да има моќ да ја избрише. Но реалноста е поинаква. Загубата, шокот и траумата немаат временски определен рок. За луѓето кои директно ја доживеале трагедијата, но и за пошироката заедница, ваквите настани оставаат длабоки траги кои се обработуваат долго време.
Од она што можеме да го видиме и во јавниот простор, се појавуваат различни емоции: тага, гнев, чувство на неправда, страв, но и силна потреба за смисла. Кога се случува колективна трагедија, луѓето не тагуваат само за изгубените животи, туку и за изгубеното чувство на сигурност. Се нарушува основното уверување дека светот е предвидлив и безбеден.
Од системска перспектива, ваквите трагедии го погодуваат целиот социјален систем. Тие ги отвораат и многу други болки - лични, семејни, па и колективни рани кои можеби долго време биле потиснати. Затоа гледаме различни реакции: некои луѓе зборуваат и бараат правда, други се повлекуваат, некои реагираат со гнев, а некои со длабока тага. Сите тие реакции се дел од начинот на кој заедницата се обидува да се справи со траумата.

Она што е важно една година подоцна е да не очекуваме луѓето „да продолжат понатаму“ како ништо да не се случило. Понекогаш најважната работа што една заедница може да ја направи е да не заборави, да остави простор за сеќавање, за тагување и за разговор.
Во исто време, ваквите моменти нѐ потсетуваат и на нешто друго, а тоа е - колку е важна поврзаноста меѓу луѓето. Во криза, луѓето често се свртуваат едни кон други, барајќи поддршка, разбирање и заедништво. Можеби токму тука лежи и едно важно прашање за сите нас како општество: дали трагедијата ќе нѐ остави само со болка, или ќе нѐ поттикне да создадеме повеќе грижа, одговорност и солидарност?
Каква е, според Вас, состојбата со менталното здравје кај Македонците? Колку е важно да се зборува за овој тренд? Дали имате впечаток дека значаен дел веднаш посегнуваат по лекови за смирување?
Кога зборуваме за менталното здравје, јас често велам дека тоа не е само приказна за поединецот, туку за целиот систем во кој живее. Во последните години, навистина гледаме сѐ повеќе луѓе, и сѐ помлади - кои се соочуваат со анксиозност, напнатост, чувство на несигурност или депресивност. Дел од ова секако се засили по ковид - пандемијата, која беше глобална криза што ја разниша нашата основна претпоставка дека животот е предвидлив. Но, ако гледаме од системска перспектива, пандемијата не беше единствениот фактор. Таа само ги извади на површина ранливостите што веќе постоеја: економската несигурност, долготрајниот стрес, брзиот начин на живот, но и недостатокот на доволно простор за емоционална поддршка во семејствата и заедниците.
Кога овие притисоци се наталожуваат, сосема очекувано е психолошките потешкотии да се појават како сигнал дека нешто во системот не функционира добро. Затоа е многу важно за овој тренд да се зборува. Не за да создадеме чувство на паника, туку за да ја нормализираме темата за менталното здравје.
Во нашето општество долго време постоеше стигма - луѓето се срамеа да признаат дека им е тешко, па често се обидуваа сами да се справат со товарот. Денес гледаме дека сѐ повеќе луѓе бараат помош, и тоа е позитивен знак.
Во пракса, навистина имам впечаток дека дел од луѓето релативно брзо посегнуваат по лекови за смирување. Понекогаш затоа што сакаат брзо олеснување од непријатните чувства, а понекогаш затоа што тоа им е најдостапната форма на помош. Но, важно е да се нагласи дека лековите можат да бидат корисни кога се препишани од стручно лице и кога се дел од поширок третман. Сепак, од системска перспектива, симптомите како анксиозноста често носат и порака - тие зборуваат за стрес, за нерешени односи, за притисоци во семејството или општеството. Ако се фокусираме само на нивно „смирување“, без да го разбереме контекстот во кој се појавуваат, ризикуваме да ја пропуштиме суштината или функцијата која ја имаат.

По ковид пандемијата, на глобално ниво, луѓето се соочуваат со нови предизвици – страв од војни, економски кризи, страв од неможност безбедно да се патува... Како во вакви услови да се сочува сопствениот внтрешен мир, каде да се насочат мислите... Што секој од нас како поединец може да стори за своето ментално здравје? Ова е дополнителен тригер за анкциозите лица, депресивните лица, лицата песимисти... Како дополнително да им се олесни ним?
Живееме во време во кое чувството на неизвесност станува речиси секојдневие. По ковид - пандемијата, светот како да влезе во период на постојани глобални тензии: војни, економски кризи, климатски закани. Сето тоа создава атмосфера во која луѓето почесто чувствуваат страв, напнатост и загуба на контрола. Важно е да разбереме дека човекот не живее изолиран од светот околу себе. Кога системот во кој живееме е нестабилен, природно е и нашата психолошка стабилност да биде разнишана. Проблемот настанува кога постојано сме изложени на информации кои ја поттикнуваат нашата вознемиреност, а притоа чувствуваме дека немаме реално влијание врз тие настани. Затоа, еден од најважните чекори за зачувување на внатрешниот мир е да научиме да ја правиме разликата меѓу она што е под наша контрола и она што не е.

Човекот не може да ги запре глобалните конфликти, но може да се грижи за својот мал систем - за своите односи, своето здравје, за начинот на кој ги организира денот и мислите. Практично, тоа значи неколку едноставни, но важни работи: да ја ограничиме изложеноста на постојани негативни вести, да негуваме блиски односи и разговори со луѓето околу нас, да создадеме ритуали на стабилност во секојдневието (моменти на мир, движење, природа, тишина). Многу често токму тие „мали“ работи се она што му помага на човекот да ја врати внатрешната рамнотежа.
За лицата кои и онака имаат анксиозни или депресивни тенденции, ваквите глобални случувања навистина можат да бидат дополнителен тригер. Тие често имаат поголема чувствителност на неизвесност и опасност, па умот полесно создава сценарија на катастрофа. Во такви случаи, важно е човекот да не остане сам со тие мисли. Разговорот, психолошката поддршка и постепеното учење како да се регулираат мислите и емоциите може значително да помогнат.
Каде е границата меѓу „самозаштита“ од сите деструктивни вести со кои секојдневно се соочуваме како општество од една страна и општествената-одговорност, од друга страна? Како да останеме заштитени, но истовремено и да бидеме борбени за подобро утро, и како поединци и како колектив?
Границата меѓу самозаштитата и општествената одговорност не е цврста линија, туку повеќе личи на рамнотежа која постојано ја бараме. Човекот истовремено е и поединец и дел од пошироката заедница. Кога премногу се изложуваме на деструктивни вести, ризикуваме да станеме преоптоварени, беспомошни или парализирани од страв. Но ако целосно се исклучиме, тогаш се губи и чувството на заедничка одговорност и грижа за општеството. Затоа прашањето не е дали треба да се информираме или да се заштитиме, туку како да го направиме тоа на начин што ќе ни овозможи да останеме психолошки стабилни, но и општествено одговорни.

Понекогаш луѓето мислат дека постојаното следење на сите негативни информации е знак на одговорност. Но, реалноста е дека кога човек е преплавен со информации и чувства на беспомошност, многу потешко може да биде активен и конструктивен. Самозаштитата тогаш не е бегство од реалноста, туку начин да се зачува психолошката енергија.
Од друга страна, општествената одговорност не се мери со тоа колку вести ќе прочитаме, туку со тоа што правиме со она што го знаеме, дали сме подготвени да реагираме кога има неправда, дали сме подготвени да поддржиме некого, дали сме подготвени да придонесеме во нашата мала заедница. Можеби затоа е покорисно да ја поместиме фокусната точка: од пасивно следење на лоши вести кон активна грижа во сопствениот круг на влијание. Понекогаш борбата за „подобро утре“ започнува со многу мали чекори, со тоа како разговараме со другите, како се грижиме за луѓето околу нас, како реагираме кога гледаме неправда.
Како Вие лично се справувате со секојдневните предизвици? Како „го елиминирате“ товарот од секојдневните проблеми кои ви ги споделуваат пациентите? Какво е чувството некому да му помогнете? Што ве опушта по напорен ден?
Работата со луѓе носи голема одговорност, затоа што на психотерапија често слушаме приказни исполнети со болка, страв, загуба или дилеми. Но во исто време, тоа е и простор каде се случуваат многу важни човечки средби. Системската перспектива, никогаш не ја гледа личноста само низ нејзиниот проблем, туку низ релациите, ресурсите и значењата што ги носи во својот живот. Тоа ми помага и мене како терапевт да не го носам товарот како нешто што треба сама да го „решам“, туку како процес во кој човекот постепено ја пронаоѓа сопствената сила.
Со текот на времето учиш да поставиш и здрави граници, да бидеш целосно присутен со клиентот во моментот кога работите заедно, но и да знаеш дека по завршувањето на сесијата неговиот живот продолжува со неговите избори, неговото темпо и неговата одговорност. Таа граница е многу важна за да се зачува и професионалната стабилност.
Чувството кога некому ќе му помогнете е многу значајно. Понекогаш тоа не е голема промена, туку мал момент, кога човек ќе каже дека првпат се почувствувал разбран, дека нешто му станало појасно или дека направил чекор што претходно му изгледал невозможен. Тие моменти се потсетник дека разговорот и човечката поврзаност имаат огромна сила.

По напорен ден, за мене е важно да создадам моменти на мир. Имам мал утрински ритуал со кафе, кој ми е многу драгоцен простор за себе. Но и во текот на денот се трудам да најдам време за едноставни работи кои помагаат да се врати рамнотежата – прошетка, физичка активност, слушање на музика, разговор со блиски луѓе или време поминато со книга или добар филм. Токму тие мали, секојдневни ритуали се начин повторно да се поврземе со себе и да ја зачуваме енергијата потребна за оваа работа.