Интервју со психолог Марија Чапе: Ковид ситуацијата конечно нѐ натера сè она што го решававме со „ајде ќе помине“, сега вистински да го решиме

Секој има и по некој ден во кој „ништо не му оди од рака“, па тука се нервозата која има потенцијал да прерасне во анкциозност, тагата, фрустрираноста, коплексите...Но, дали и колку и во таквите денови и/или животни периоди имаме љубов кон самите себеси.

Дали има простор да се одложува себељубењето бидејќи од таму потекнува основата во сите нас?

Одговор на ова, и уште многу други прашања, ќе ни даде Марија Чапе, енергетски психолог, основач и сопственик на психолошкото советувалиште КЛУЧ.

Дали „многу арно не е на арно“, колку сме подготвени ментално и емотивно „да се соголиме“ пред стручните лица, каква врска има детството со нашиот карактер, како да се носиме со последиците од ковид пандемијата?

Одговор ќе дознаете од интервјуто со Марија Чапе, прв и единствен сертифициран практичар за ЕФТ емоционално фокусирана терапија, во продолжение.

Општ впечаток е дека во земјава владее колективна депресија, а според статистиките расте бројот на оние лица, дури и помлади, кои користат антидепресиви. -Каков е вашиот став на темава? Загрижувачка ли е состојбата? Дали сметате дека решението во медикаментите или потребно е првин пациентите да побараат соодветен психолошки третман и разговор, па дури потоа да се одлучат за терапија со лекови?

- Драго ми е што оваа тема станува актуелна и доволно гласна за да ги разбуди и душите кои долго биле во длабок сон. Би рекла дека повикот за освестување е колективен и дека веќе нема одложување на она што се вика – себељубење бидејќи од таму потекнува основата во сите нас. Негување на љубов кон себе, негување на љубов кон другите, негување на љубовта кон својата душа...душата бара спас, но ние ја гледаме со човечки очи и затоа ја нарекуваме депресија.

А знаете баш ми е драг оној израз deep-resd(t) односно длабок одмор. Со ова сакам да кажам дека и депресијата има две лица, на нас е изборот на кое лице ќе погледнеме во очи, а потоа секако дека прво би советувала секој да тргне од реченицата: ”Подготвен/а сум да погледнам во себе и да најдам решение”, често појдовните точки се очајување и запрашување, но зошто би губеле време со тоа? Се што е дојдено е веќе тука, епа ајде да му дадеме љубов, верувајте ништо друго не ни преостанува. Никогаш нема погрешно решение, моментот кога ќе седнете пред психолог е толку ослободувачки како масажа за душата, потоа ќе добиете вистински насоки во кој правец да се движите. Затоа да, побарајте совет од стручно лице и слушнете го тој совет, ние, психолозите со задоволство би подале рака секому, затоа сме тука за вас.

Оптимисти VS песимисти! На некои луѓе им е полесно да се справат со тешкотиите во животот, на други тоа име многу поисцрпувачко, па дури и не можат самостојно да се справат со предизвиците. Од што зависи најмногу дали една индивидуа ќе биде оптимист/песимист? Колку во нашето општество е тешко/лесно да се биде оптимиситчки настроен?

- Видете ние сме генерации врз кои е проткаено дека МНОГУ АРНО, НЕ Е НА АРНО. Ние сме негувани со тие уверувања кои кај некој погласно кај некој потивко го диктираат однесувањето. Нема карактери оптимисти или песимисти, туку има оние кои бегаат од себе и оние кои со нетрпение се “фрлаат” во својот внатрешен оган, затоа што кој разгорува тој и гасне. Во нашето општество, во овој свет се’ се сведува на уверувања со кои одбираме да живееме. Добрата вест е дека тие уверувања има начин да се преиспитаат, да не се земаат здраво за готово, да си овозможиме да го модификуваме нашиот карактер.

Токму со ЕФТ емоционално фокусираната терапија која ја работам си помагаме да ги детектираме тие уверувања, да направиме селекција на истите и да креираме нови. Ние по природа сме слободни, влегуваме во кафезот на заробеноста во оној момент кога одбиваме да бидеме тоа што сме – креатори на нашата слобода. И да, звучи едноставно и она УВЕРУВАЊЕ кое вели – аха животот не е бајка, ќе одекнува додека го читате ова, но сепак за момент запрашајте се Што ако имаме избор? Сакате да бидете креатор или само патник низ својот живот? Можеби имате избор...затоа го читате ова сега.

 Една од најраспространетите тези во психологијата е дека голем удел во формирањето на една личност карактерно имаат првите години од животот. Колку Вие се согласувате и како ја објаснувате оваа теза, дека стравовите, траумите, упорноста, позитивниот поглед на светот „влечат корени“ од првите 5 години од животот на детето?

- Хм...потполно се согласувам. Таму е складирано се она што ние сме денес. Но, па ако се таму би било баш идеално што ние ќе средувавме денес, што ние ќе менувавме, поправавме па и расипувавме, нели? Мора да има материјал за работа и тоа е одлична точка за работа на себе, нашето детство и разбирање на детето во нас. Знаете, враќањето во детството за да го прочиситите е единствениот сигурен начин дека барем во тие моменти ќе си дозволите да го оживеете детето во себе. А детето во вас, мора да е живо, за да живеете и вие сега.

Каков е вашиот начин на работа? Какви пристапи и методи користите? Дали можеби има груба проценка колку третмани со психолог се потребни за да една личност биде психички здрава по одредена траума? Што е клучно?

- Прво и најважно, нема здрава ниту нездрава личност. Тоа се личности, со помалку или повеќе рани, подлабоки или површни...но подготвени за исцелување. Јас работам на уникатен начин, начин кој излегува надвор од класичната психологија, начин кој е неограничен и засекогаш. Работам со таа љубов, која научив како да ги исцелува другите, тоа го учев во посебна школа во Америка и тоа ме доведе до моето надоградување односно да станам прв и единствен сертифициран практичар за ЕФТ емоционално фокусирана терапија. Овие методи се токму насочени кон ослободување на детето, на се она што го одржувате живо во вашата глава, а е дел од минатото. Работат во насока на преземање одговорност за себе и учење, не што сте, туку КАКО да бидете она за кое што сте создадени. Ве чекам со задоволство.

Што кога одредена личност не прифаќа психолошка помош, на пример во случаи кога негови блиски се загрижени за него, но тој одбива ваков вид на помош? Има ли решение за ваквите случаи?

- Да, има решение за секој. Како што често велам никогаш не ги терајте вашите блиски да побараат решение на ваш начин, не им кажувајте како и што треба, туку едноставно, покажете им. Работете вие со психолог, разговарајте вие и олеснете си го товарот, можеби тој кој сте го терале ќе погледне од друг агол како ви е вам подобро и ќе посака и нему да му биде така. Но, не е ваша работа да го трасирате туѓиот пат, колку и да е болно некогаш за прифаќање. Ваша работа е да покажете се што умеете, но преку себе. Љубовта ќе ви даде сила онолку колку што е потребно.

Колку Македонците се грижат за сопственото ментално здравје?

- Онолку колку што им дозволуваат нивните уверувања...Не можам да зборувам во име на сите, но тука ќе им се заблагодарам на сите мои прекрасни клиенти, храбри борци. Сега нашето семејство на психолошко советувалиште КЛУЧ и ZERO LIMITS PSYCHOLOGIST брои многу успешни приказни, многу победи и нека се множат. А јас верувам дека секој ќе го пронајде својот внатрешен мир кога ќе биде подготвен да го побара.

Ковид пандемијата си го направи своето! Какви се психолошките последици кај луѓето по пандемијата? На што се жалат најмногу? Ќе биде ли потребно многу време за луѓето да го надминат стравот што го наметна пандемијата?

- Бурата надвор од нас помина некако, остана оваа во нас. Психолошките последици после ковид или благодарение на него сега вистински ќе бараме начин за исцелување? Не знам...можеби ќе кажете јас сум од оптимистите, но ковид ситуацијата конечно не натера се она што го решававме со АЈДЕ ЌЕ ПОМИНЕ, сега вистински да го решиме. Можеби овој пат навидум не е лесен, но е вистински и траен. Затоа апелирам, без разлика дали е се премногу црно, без разлика дали верувате дека има надеж или не...само не се откажувајте, не мора овој живот да биде било каков, кога може да биде убав. Па...направете го таков, за тебе, за мене, за сите нас.