Интервју со психијатар д-р Васка Митова: Постои пандемија на нарушувања на менталното здравје, секундарна на онаа на ковид и веројатно таа ќе трае многу подолго

Во денешното интервју разговараме со д-р Васка Митова, психијатар на Клиниката за психијатрија во Скопје. Како експерт во оваа област, таа ни дава одговор на прашањата како да се носиме со пандемијата на нарушувања на менталното здравје и како да си помогнеме себеси во тешките моменти.

Докторке, живееме во време во секое секојдневно се соочуваме со здравствени предизвици. Најчестото прашање кое го поставуваат луѓето е „како да се биде нормален во вакво ненормално време“ кој е вашиот одговор на ова прашање?

„Абнормална реакција на абнормална ситуација е нормално однесување.“ Виктор Франкл го заклучил тоа набљудувајќи го однесувањето на затворените во концентрациониот логор, еден од четирите во кои престојувал. За среќа далеку сме сите од такво страдање, непоимливо за светот во кој сега живееме. Актуелната пандемија на поинаков начин влијае врз секој од нас, помалку или повеќе. Но, во нас е и капацитетот за справување и со овој предизвик.

Какви последици остава пандемијата од Ковид 19 врз менталното здравје на граѓаните? И кои се симптомите преку кои може да се препознаат одредени психички нарушувања?

Сите реагираме согласно сопствените механизми на одбрана кон различни предизвици. Но, често се случува траума која трае долго, со голем интензитет, што особено сведочиме во последниот период. Следиме зголемена појава на анксиозност, депресија, несоница, како и појава на семејно насилство, автодеструктивно однесување, обид за суицид... Едноставно кажано, постои пандемија на нарушувања на менталното здравје, секундарна на онаа на ковид. И истата веројатно ќе опстојува долго по првата.

Која група  пациенти е најмногу на удар од последиците кои ги носи пандемијата од Ковид 19?

-Најранливите категории се секогаш први на удар. Но, сведоци сме на појава на симптоми реактивни на трауматски настани и кај личности кои никогаш претходно немале потешкотии на психички план. Едноставно, самите фактори на стрес понекогаш ги надминуваат индивидуалните капацитети за справување, или пак траат предолго, што севкупно резултира со зголемена појава на симптоми кои влијаат на менталното здравје.

Како вие како доктор и останатите ваши колеги ја прифативте „ненормалната реалност“ во која живееме? Колку се промени вашето секојдневие и вашите обврски?

Немаме избор – мора да се адаптираме. Предизвиците изминатава година го потенцираа притисокот врз целокупниот здравствен систем, во кој секоја област реагира на сопствен начин. Ние, психијатрите, се трудиме на секаков начин да сме подостапни за оние на кои им е потребна помош. Работиме и по принципите на телепсихијатрија, иако морам да напоменам дека ништо не го заменува живиот контакт со пациентот. Сепак, нудиме избор за да може и оние на кои им е оневозможено доаѓањето на Клиниката да добијат соодветна стручна помош. Секојдневието е променето со фактот дека веќе скоро и да немаме работно време, односно по враќањето во домот телефонот често не престанува да ѕвони. Доаѓањето на новиот бран, масовното заразување создава интензивен страв кој не ретко преминува во паника, што често е потешко за справување отколку самата болест на телесен план.

Дали може да се издвои одреден фактор од целото пандемично живеење кој има најголемо влијание врз психолошкото здравје на пациентите?

-Човекот е социјално битие, има потреба од контакти со блиски лица. Покрај влијанието на загуба на блиска личност, како и загуба на работно место, односно лабилност на финансиски план, социјалното дистанцирање го покажува своето влијание. Затоа најчесто советуваме да не се изгубат контактите со фамилијата и пријателите, туку да се адаптираат кон можностите кои се достапни, но сигурни. Дружењето надвор, во природа, е сосема безбедно.

Што им советувате најчесто на пациентите?

Грижете се за сопственото здравје, и физички и психички. Практикувајте редовно омилена физичка активност, без разлика дали е во безбедноста на домот или пак прошетка во природа. Истата има големо позитивно влијание и врз менталното здравје. Не правете компромис околу спиењето, од извонредна важност е. Практикувајте за вас значајни активности, пуштете ја омилената музика во домот и дружете се со децата, најдете си омилена серија... Убавината на животот е уживањето во малите моменти, тие го прават голем. Можеби сето ова ни се случи за да сопреме, да размислиме што е важно а што не е, за што вреди да се посвети време. Единствено времето не е можно да го купиме.

Од ваш аспект, колку системот се справува добро со психолошки последици кои настануваат по прележување на корона вирусот?

Ковид симптоматологијата остава последици и на психички план. Во склоп на Клиниката за психијатрија отворивме Кабинет за ментално здравје за пост-ковид состојби, каде пациентите може да добијат соодветна стручна помош за симптомите кои се појавуваат во текот, или по оздравувањето од оваа болест.

Која е вашата порака, како пациентите да пронајдат нешто позитивно во ова сивило во кое живееме?

Иако ситуацијата е објективно тешка, сепак треба да гледаме нанапред со оптимизам. Сонцето позитивно делува, трудете се да поминете повеќе време во природа. Поминувајте го времето со блиските, зацврстувајте ги значајните релации, посветете внимание на своите родители, на своите деца. Пијте го кафето со партнерот, нека е ритуал секој ден. Јавете се на блиските кои минуваат низ тежок период, бидете поддршка. Страдањето олеснува кога се споделува. Никој не знае до кога ќе сме тука, но додека сме, заедно да живееме.