Ирена Теодора Весевска е професорка на Филозофскиот Факултет во Скопје. Жена-борец за подобро општество, елоквентна и гласна за голем број проблеми со кои се соочуваат младите кои несомнено ги знае многу добро бидејќи работи со нив, оптимист дека ќе биде подобро!
Своевремено е добитничка е на наградата за најдобар студент од областа на општествените науки на УКИМ за 2006/2007 година.
За образованието и културата, за младите и иселувањето, за апатичноста на македонското општество, но и за животот во Скопје разговараме со професорката Весевска.
Едно од најактуелните прашања е иселувањето на младите во земјава. Каково е вашето искуство, непосредно од контактот со младите? Зошто се одлучуваат да заминат? Што вие ги советувате како професорка?
Процесот на масовно иселување е секако склоп на повеќе фактори, но кога би требало да сумирам, би рекла безнадежноста за поправање на состојбата во нашето општество, кое еродира веќе подолго време, и немањето државна стратегија за задржување на и онака сè помалиот број на матуранти. Ние сме заглавени во партизирана бирократија, во некој хибриден болоњски кредит-трансфер систем, кој поради дупките и речиси постојаните “експедитивни” промени во Законот за високо образование, е многу тешко целосно да се спороведе во пракса. И оние што решаваат да останат овде, треба да се соочат со многу неизвесна иднина, речиси минимални шанси за вработување по струка, со ниски месечни примања. Да не зборувам дека универзитетите веќе со децении се соочуваат со дефицит на наставен кадар. Работиме без асистенти, со едвај по некој демонстратор кој според прописите мора да е студент на втор циклус студии, а притоа, замислете, не му/ѝ следува никаков надомест.
Од друга страна, само како пример, ја имаме Словенија, да не одам подалеку, која целосно стипендира македонски студенти. Статусот и можностите кои ги имаат студентите таму, како и дипломата добиена во ЕУ, во најмала рака нè става во ситуација на борба меѓу Давид и Голијат. По природа сум реалист, и сосема ми се јасни причините и одлуката на некој кој сака да замине од Македонија. Но, исто така сум и борец и можеби залуден идеалист кој сè уште мисли (се надева) дека еднаш работите ќе мора да тргнат на подобро. Дека секоја промена почнува од нас и со нас.
Моите студенти ги бодрам да се надоградуваат и усовршуваат во секој можен поглед, да бидат жедни за знаење и учење, да си ги прошируваат личните и професионалните граници, и тука, и надвор од државава. Но секогаш завршувам со советот, мазохистички ако сакате, ако имаат и најмала шанса, да се вратат и останат овде, и да бидат носители и предводници на промените што очајнички ни се потребни.
По пандемијата, младите се изложени на промени и поради дојавите за бомби во образовните институции...Капитализмот донесе и ерозија на вистинските морални вредности. Дали според Вас младите стануваат апатични? Колку им се всадуваат вистинските вредности? Колку притоа и технологијата игра улога во оваа новонастаната ситуација?
Сите стануваме апатични. Пандемијата беше само катализатор што го забрза процесот. Ние сме заробено општество. Имаме вечна транзиција, немаме фунционален систем, имаме политизирани институции. Имаме висок процент на сиромаштија. Имаме текстилни работнички со неисплатени придонеси што треба да платат 20 илјади евра за судски трошоци. Имаме екстремно загаден воздух. Имаме распаднато здравство и образование на стаклени нозе, заглавени во вечни “реформи”.
Имаме премногу причини да сме бесни и да протестираме секој ден, но не сме и не протестираме. Секојдневно сме бомбардирани не само со дојави за бомби, туку и со скандали, непоптизам и корупција, владеење на кланови, примери на социјална и родова нерамноправност, фемициди... листата се чини оди во недоглед. И тука ни се случува целосна десензибилизација како општество. Стануваме имуни на вакви дразби. Стануваме целосно рамнодушни.
Реакцијата, ако воопшто ја има, се сведува на моментално емоционално празнење, со викање и пцуење, пишување на статуси и споделување на социјалните мрежи, или само резигнирано ццкање за тоа на кое дереџе сме паднати. Живееме во време кога сè е инстант, и сè е достапно повеќе и полесно од кога било. Кога индувидуализацијата се слави и става на прво место. Кога најбитно е нам да ни е добро, удобно вгнезедени во нашиот конформизам.
Кога развојот на технологијата оди многу побрзо, од тоа со што како човештво можеме да држиме чекор. Во време на виртуелни метаверси, AI генерирани репродукции и чат-ботови, кога границите на она што е ”реално и вистинско” секојдневно се поместуваат. Ние сме заглавени негде помеѓу. Меѓу поривот на човекот во нас да дејствува, да се бори, да бара промени, да сочувствува; и поривот на оној хибрид во кој се претвараме преку „залепените“ телефони во рака да кликаме по статуси и портали бесни или одобрувачки емотикони, задоволни дека сепак нешто сме направиле.
Своевремено бевте најдобар студент од областа на хуманистичките и општествените науки на УКИМ. Денеска младите често се одлучуваат за приватни факултети, но има и бројни брзи курсеви и обуки со кои може да бидат квалификувани. Според Вас која е разликата меѓу студирањето на државен и приватен факултет? Конкретно што е добро/лошо на Филозофски?
Повторно ќе се надоврзам на она погоре за инстант достапноста. Зошто да губите 3, 4 години во студирање кога може да завршите курс за 4 или 6 месеци? Да се разбереме, нема ништо лошо во пре или доквалификација, бидејќи сметам дека сите имаме потреба од нови и подобрени вештини. Исто така, не можеме да одиме целосно ни против пазарот на трудот и моменталната побарувачка на кадри квалификувани во одредени области и струки. Во моментов тоа се најмногу информатичките и електро-машинските науки. Пред десетина години беа економисти, правници и лекари. Пазарот секако се заситува со бил кој профил, без разлика колку е баран.
Сведувањето на универзитетите на машини за штанцање кадри ултимативно води кон нивна целосна деградација. Од денешен аспект, не знам колкава сатисфакција би имала да бидам избрана за најдобар студент во генерацијата, ако повеќето имаат надуени деветки и десетки во индекс, ако услов да дипломираат е самиот факт што се запишале на факултет. Универзитетите воопшто, денес се ставени во позиција да функционираат како претприемачи и претпријатија, во кои најбитниот момент е прилив на средства. Знаењето и критериумите, се подолу на листата, ако и воопшто ги има.
Од мојот сопствен пример, можам да кажам дека она што го добив како фундамент низ текот на моето студирање и научно надоградување на Филозофскиот Факултет, беа прекрасни професори, живописни предавачи, неуморни истражувачи, отворени и достапни за студентите, расположени за дискусија, кои првенствено бараа критичко мислење, поттикнуваа и насочуваа. И имаа и сè уште имаат високи критериуми за оценување, поставени првенствено преку сопствениот пример на пренесување на нивните знаења и искуства.
Денес огромен број информации ни се достапни, со толку моќни пребарувачи што се надополнуваат во секоја минута со публикации, вести, видеа, слики, фајлови од целиот свет, во било која област и за било која тема. Од друга страна леснотијата со која било кој може да објави и постави информација на нет е застрашувачка, и отсуството на проверени информации и лажни вести алармантно. Зошто го зборувам ова? Бидејќи прв и основен чекор за секој студент и иден научник и професионалец е да умее да бара и селектира извори, и да распознава псевдонаучни од научни факти, а следен е да знае истите правилно да ги користи. И за крај, иако ни се чини дека сè можеме да изгугламе или за сè да изгледаме туторијали, не може архитекти или инжинери да „учат“ само од Јутјуб видеа, исто како што не можат доктори така да оперираат, нели?
Во однос на културата во земјава. Колку истата не е политизирана според Вас, со оглед дека многумина од оваа област реагираат дека партиите и таму „вмешуваат прсти“? Дали самите луѓе или пак политичарите недоволно си ја цениме културата и културното наследство?
Политичкото и партиско влијание е заплеткано во секоја сфера во нашево општество, затоа и 30 години одиме 3 чекори напред, 2 назад. Со неквалитетни и непрофесионални кадровски политики, со политички реваншизам, со приоритетни ако не и единствени „критериуми” на етницитет и партиска припадност за поддршка и финансирање на проекти и културни манифестации не се гради култура.
Имаме незаштитени и невалоризирани археолошки локалитети, споменици од прв степен оставени да се распаѓаат, децениски културни манифестации и фестивали што замираат поради доделени срамно ниски средства. Отсуството на долгорочна национална стратегија за управување со културното наследство, негова заштита и соодветна презентација е повеќе од опипливо. Македонија има капацитет да живее од културен туризам, но како да ни е полесно едно Курбиново или Матејче да ги оставиме да изчезнат, Охрид да го бетонираме и целосно да му ја смениме вековната морфологија, Скупи да го оставиме како предворје на станбени комплекси, да ја „изботоксираме“ чаршијата, за Кале да не почнувам, бидејќи неколку пати имам пишувано и зборувано за неговото распаѓање. А ова се само неколку примери, не исклучоци.
Живеете и работите во Скопје? Што ви пречи , а на што сте особено горди во овој град? Кои ви се омилени места? Како го поминувате слободното време?
Родена сум во Скопје, тука живеам и тука работам. Ужасно ми пречи дивеењето на урбаната мафија, неконтролираното и непланско градење, буквално на секој слободен метар квадратен, врз археолошки локалитети, со субстандардни градби по екстремно високи цени. Ние други објекти како да не знаеме да градиме. Нема паркови, функционални отворени простори.
Имаме мегаломански објекти-монструми, градени – недоизградени, градежен шут и ѓубре. Скопје станува град што сам себеси се гуши, и сам себе ќе се проголта. За жал. Ако на нешто сепак сум горда, тоа е фактот што во последниве неколку години, и покрај сè, Скопје има богата и разновидна културна програма, благодарение на многу млади и не толку млади ентузијасти и професионалци кои успеваат со натчовечки напори и вложена енерегија, труд и време, да создадат атмосфера на град што личи на светска метропола, со урбана публика, гладна за свежи и интригантни содржини.
Омилени места? Да ме прашавте пред три години, ќе почнев да набројувам кафулиња и дискотеки, а сега, постпандемично ќе кажам дека одењето во Градски парк и шетањето покрај кејот на Вардар, заедно со искачувањето на Водно, ми станаа медитативна терапија.
Во целиот овој хаос во кој живееме, во таа какофонија од обврски, рокови, гужви и метежи, почнав да барам места каде можам да си ги чујам јасно сопствените мисли. А тоа најмногу ми успева во природа. Во тишина. Или со добра плејлиста на слушалки.