
Мобилната апликација „Домче“ од денес достапна на App Store и Play Store. Станува збор за простор што нема да биде само апликација, туку чувство на дом за децата што растат далеку од Македонија, емоција што ќе ги премости километрите оддалеченост од татковината која не треба да биде заборавена.
Веб апликацијата која беше лансирана на 5.мај - Денот на македонскиот јазик веќе предизвика голем интерес меѓу Македонците низ светот.
„Насмевки, игра и учење! Без притисок. Во сопствено време“ - беше најавено неодамна, а сега апликацијата станува реалност на сечиј телефон или таблет.
Со неа, децата преку игри, сложувалки и интерактивни активности на лесен и забавен начин го учат македонскиот јазик и кирилицата.

Андријана Алексовска стои зад идејата за „Домче“ и го води развојот на продуктот и искуството што децата го имаат со апликацијата.
На денот кога апликацијата „го здогледува светлото на денот“ разговараме со младата и амбициозна Андријана која на дело покажува како се сака и негува мајчиниот јазик и воопшто татковината - местото каде се корените и кое дава крилја.

Чија беше идејата и што ве инспирираше за една ваква оригинална дигитална платформа?
Идејата е моја. Но, инспирацијата дојде од луѓето што го живеат проблемот што „Домче“ го решава. Инспирација ми беше еден настан, кој ме изненади и растажи – ќерка на наши иселеници којашто одговараше на германски, додека мајка ѝ ѝ зборуваше на македонски. Инспирација ми беа и 374-те семејства кои одговорија на анкетата што ја пуштив во групи на нашата дијаспора од Германија, Шведска, Австралија, САД, Холандија, Белгија, Велика Британија...
Инспирација ми беа родителите кои напишаа дека пробале сè – YouTube, саботни школи, видео повици со баба – и ништо не давало траен резултат. Инспирација ми беа 159-те семејства кои оставија контакт пред да видат и една слика од производот.
Кога ќе добиеш 374 одговори за неколку дена на прашање за кое мислиш дека само тебе те мачи, сфаќаш дека идејата всушност ти ја дале луѓето. Ти само требаше да ја реализираш. Затоа лансирањето на веб апликацијата на 5 мај, Денот на македонскиот јазик, не беше случајно. Тоа беше единствениот датум што имаше смисла.
Кој стои зад „Домче“?
Мал тим од четворица сме. Јас стојам зад идејата за „Домче“ и го водам развојот на продуктот и искуството што децата го имаат во апликацијата. Панче Караманов ја претвора идејата во функционална апликација и се грижи „Домче“ да работи стабилно. Маја Арсовска Нича се грижи за маркетингот и дигиталното присуство на „Домче“ и носи важна перспектива како родител. Мирјана Димитров се грижи секоја одлука да биде добро промислена и секогаш гледа на „Домче“ и од перспектива на родител.

Сите доаѓаме од различни професии, различни приказни, но една заедничка мисија – да создадеме простор што нема да биде само апликација, туку чувство на дом за децата што растат далеку од Македонија.
Што се нуди во апликацијата?
„Домче“ е првата дигитална апликација за македонски деца во дијаспората на возраст од 4 до 12 години. Преку игра – сложувалки, меморија, гатанки, брзозборки – децата го градат односот со македонскиот јазик и култура, без лекции, без оценки, без притисок.
Нашиот лик Маја ги води низ секоја сесија, секогаш на македонски. Никогаш не прекорува. Секогаш слави. Содржината се прилагодува на јазичното ниво на детето, а не само на возраста. Затоа што седумгодишно дете кое македонскиот го слуша секој ден дома е сосема поинакво од седумгодишно дете кое го слуша само на Велигден кога ќе дојде баба. „Домче“ ја знае разликата.
Сесиите се кратки – нема известувања кои прават притисок за пропуштен ден, нема црвени Х-ови. Детето секогаш завршува со чувство на успех, никогаш на пораз. Родителот има увид во напредокот – нема оценки, туку само сигнал дека детето се враќа и ужива. Името не е случајно.
„Домче“ е деминутив од зборот дом – помало, потопло, поинтимно. За дете кое расте далеку, тоа е малото катче од дома на дофат на таблет.
314 семејства се запишаа на листата за чекање пред пуштањето на веб апликацијата без да видат ни една слика од „Домче“. Денес ја користат повеќе од 200 семејства, во неколку земји. Она што ни го кажаа родителите по лансирањето беше едноставно: децата сами бараат да играат повторно. Тоа, за нас, е поважно од секоја друга метрика. Мобилната апликација е од денес достапна на iOS и Android.
Колку чини претплатата за оваа апликација?
„Домче„ работи на месечна или годишна претплата. Месечната претплата е 8.99€ по семејство, каде што се вклучени до три деца. За годишната претплата семејствата добиваат два месеци бесплатно. Но, од 15 до 20 јуни родителите можат да ја активираат нашата понуда „Летото почнува со „Домче““, каде што добиваат три месеци за само 19.99€. Семејствата коишто се со нас од самиот почеток добиваат посебни услови, како знак на благодарност затоа што ни веруваа пред да постоиме.

На каков одзив се надевате, со оглед дека има многу Македонци низ светот?
Повеќе од 700.000 Македонци живеат надвор од Македонија. Нивните деца растат во Минхен, Сиднеј, Чикаго, Бостон, Стокхолм, Брисел. За многу од нив, македонскиот станува јазикот само на разговорот со баба, но и сè помалку од тоа. Не се надеваме на бум. Се надеваме на нешто потрајно – дека секое македонско семејство во дијаспората ќе знае дека „Домче“ постои. Дека кога родителот ќе се праша „како да му го зачувам јазикот на моето дете?" ќе знае дека не е сам со тоа прашање и дека постои место каде може да почне. „Домче“ не го заменува разговорот со баба, ниту саботното школо, ниту патувањето во Македонија. Го надополнува она што постои – со нешто достапно секој ден, во секое место, без притисок.
Која е визијата за „Домче“?
„Домче“ денес е апликација. Но, визијата е поголема. Чекор по чекор градиме платформа и заедница за македонските семејства кои животот го градат надвор, а Македонија сакаат да ја задржат дома. За децата визијата е дигитален дом каде ќе можат да го учат јазикот и културата, да слушаат приказни, да ја истражуваат Македонија преку игра.

За родителите визијата е заедница каде конечно ќе престанат да се соочуваат со овој предизвик сами. Денес секој се соочува со овој предизвик во својот дом, во својот град, во својата земја, со свои средства. „Домче“ треба да биде местото каде тоа се менува. Мобилната апликација за iOS и Android е достапна од денес, а во текот на летото ќе имаме и нови начини за забава на децата на македонски јазик.
Која е клучната ваша порака како креаторка на „Домче“?
Ова не е приказна за апликација. Ова е приказна за јазик кој полека се губи, тивко, без да забележи никој и за семејства кои сакаат да го задржат, но не знаат како. „Домче“ е прв одговор на тоа прашање на македонски јазик, направен за македонски деца.
„Домче“ од денес се наоѓа на Play Store и App Store. Секое дете, каде и да живее, заслужува да може да разговара со своето семејство на сопствениот јазик. Ние почнавме. И би сакале сите кои ја читаат оваа приказна да го знаат тоа. Сакаме секое македонско дете во дијаспората да го има „Домче“ на дофат. Не затоа што мора – туку затоа што сака.