Интервју со Наташа Костовска: Грант Торнтон Северна Македонија е една од водечките фирми кои обезбедуваат ревизорски, даночни и советодавни услуги

Грант Торнтон Северна Македонија е дел од мрежата на независни фирми на Grant Thornton International. На прашања поврзани со работата на компанијата и со посебен фокус на Environmental, Social and Governance разговараме со Наташа Костовска која е Менаџер за ревизија во оваа ревизорска компанија. 

Вие сте дел од една од водечките компании во оваа сфера на глобалниот пазар, колку долго сте во Северна Македонија и кои услуги ги нудите тука?

Грант Торнтон Северна Македонија е дел од мрежата на независни фирми на Grant Thornton International. Во Република Северна Македонија сме присутни повеќе од 20 години и вработуваме повеќе од 60 професионалци. Грант Торнтон Северна Македонија е една од водечките фирми кои обезбедуваат ревизорски, даночни и советодавни услуги, целосно посветени на постојаност во обезбедувањето на  услуги на клиенти од различни индустрии вклучувајќи компании од приватен и јавен сектор, финансиски институции, владини институции, непрофитни организации и фондации.  Она што е значајно да се напомене е дека Grant Thornton International и Грант Торнтон Северна Македонија, согласно последните трендови, во последните години развиваат и услуги поврзани со ESG достапни на нашите клиенти. Станува збор за услуги како што е подготовка на ESG стратегија која ќе ги намали ризиците и ќе креира нови можности за компаниите, услуги поврзани со подготовка на ESG  извештаи со цел нивна усогласеност со барањата на регулаторите и најдобрите практики, постојано следење и унапредување на ESG извештаите со цел да се зголеми транспарентноста на компаниите во оваа област, како и ангажмани на уверување за проверка на усогласеноста на ESG извештаите со стандардите за овој тип на извештаи.      

 ESG e кратенка која станува многу популарна во последните месеци, станува сè повеќе позната низ светот и сè почесто слушаме за неа, но може само мал дел од луѓето знаат што значи, Што всушност е ESG?

ESG e кратенка што доаѓа од англиските зборови Environmental, Social and Governance односно се однесува на прашања кои се поврзани со животната средина, општествени прашања и управувањето на компаниите. Овие теми се сè повеќе популарни за компаниите и нивните одговорни лица, но истовремено и за инвеститорите кои преку нив ги оценуваат компаниите со цел донесување на одлука за инвестирање во истите.

Овие прашања повеќе не се само „добро е да се има“, туку веќе стануваат неопходни за повеќето компании.

Истражувањето на Grant Thornton International покажува дека одржливоста е главен приоритет на компаниите. Согласно истражувањето, шест од десет компании во кои било спроведено истражувањето, сметаат дека одржливоста е нивен главен приоритет, дури и ја сметаат за подеднакво значајна, ако не и за позначајна од финансискиот успех на компанијата.

Каде се македонските компании во однос на ESG?

Во Република Северна Македонија постојат голем број на општествено одговорни компании кои на различни начини придонесуваат за животната средина и општеството. Она што се уште не е во голема примена од страна на македонските компании е обелоденувањата во нивните годишни извештаи за работењето за прашањата поврзани со животната средина, општествените прашања и нивното управување. Сепак треба да се напомене дека постојат македонски компании кои веќе неколку години обелоденуваат извештаи за одржливост.

Дали постои некоја регулатива која е важечка во Северна Македонија и каде може да се прочита повеќе за неа?

Благодарение на Македонската Берза и поддршката на Европската банка за обнова и развој, на почетокот на февруари оваа година е објавен Водич за ESG известување. Водичот има за цел да им помогне на македонските компании кои котираат на Македонската берза во однос на прашањата поврзани со животната средина, општествените прашања и нивното управување. Водичот претставува еден вид на алатка која ќе им помогне на компаниите да се усогласат со барањата за ESG обелоденувањата наведени во новиот Кодекс на корпоративно управување објавен од Македонската Берза. Дополнително, во Водичот се вклучени и податоци за главните меѓународни стандарди и рамки за ESG известување, иницијативи поврзани со известувањето и правна рамка на ЕУ.

Дали постојат одредени обелоденувања кои се задолжителни за компаниите?

Согласно новиот Кодекс на корпоративно управување на акционерските друштва котирани на Македонска Берза, компаниите имаат обврска за обелоденување на информации поврзани со животната средина, прашања од општествен интерес и нивно управување во своите годишни извештаи за работење. Согласно Водичот за ESG известување, македонските компании во годишните извештаи за работење треба да вклучат информации за влијанието на компанијата врз животната средина односно прашања поврзани со климатските промени, користење на водата и употреба на суровините, нивното влијание на загадувањето и отпадот. Понатаму, компаниите треба да вклучат информации за општествените прашања односно нивното влијанието на вработените, клиентите, добавувачите и другите засегнати страни односно прашања поврзани со работни услови, здравје, безбедност, човекови права и односи со заедницата.  И на крај, компаниите треба да вклучат информации за нивното управување вклучувајќи податоци за корпоративното управување на компанијата, работната етика и борба против корупција како и заштита на лични податоци и останати прашања поврзани со управувањето.