Денешното утринско кафе го пиеме со Моника Стојановска, поетеса и уметница, која со своите зборови и илустрации нè потсетува на важноста на малите гестови и заборавените навики.
Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за себе. Дали некогаш замислуваше ваква кариера? Каква улога имаат твоите лични искуства во она што си денес?
Јас сум Моника, ги сакам уметноста и книжевноста и се обидувам да го обликувам мојот живот според тие две страсти. Трагањето на убавината, во непосредната околина и општо, отсекогаш била моја мисија и желбата ми е со годините само да ја усовршувам таа способност. Никогаш точно не знаев каква кариера ќе имам, но уште од рана возраст бев уверена дека ќе биде поврзана со уметноста. Она што сум денес е, во најмала рака, рефлексија на моите интереси од минатото. Мојата работа, начинот на кој живеам, начинот на кој изгледам и се однесувам се производ на мојата љубопитност од минатото. Се трудам да ја искористам секоја можност да го направам мојот живот да изгледа приближно до она кое некогаш сум го сонувала и замислувала, бидејќи мојата замисла за животот од некогаш не е толку различна или далечна од мојата замисла денес.
Како изгледа еден вообичаен ден за Моника? Кои се твоите омилени навики во текот на денот?
Деновите ми наликуваат едни на други, но тоа не ми пречи, напротив – ми носи спокој. Се будам рано без аларм, пијам кафе додека ги разгледувам новостите за денот, не зборувам со никого, земам време за себе. Проверувам дали имам нарачки за мојата продавница „Моки“, правам план што во денот треба да се спакува и испрати по пошта. Често одам до „Моки“ и таму поминувам неколку часа. Дома продолжувам со сите активности кои ги бара мојата работа – фотографирање, декорирање, снимање. Продолжувам со книгата од онаму кадешто сум застанала, гледам 1-2 епизоди од некоја серија или си пуштам филм. Често сакам да готвам храна што ме прави среќна, да се навратам на некое подзаборавено хоби и да разлистувам огласи за мебел или предмети за домот.
Работите кои ги создаваш носат носталгично чувство и имаат такви бои. Како го градеше својот стил низ годините?
Мојот стил низ годините постојано се менуваше, особено тој на декорирање и облекување. На пример, имав период во моите тинејџерски години кога бев опседната со силни бои кои ги мешав на себе или во мојата соба. Многу истражував и испробував различни начини за да се изразам преку облеката или украсувањето на просторот и секогаш уживав во тоа. После долго „барање“, мојот стил стана покозистенен бидејќи одеше рака под рака со мојот карактер кој подобро знаеше што сака и што не сака. На мојот карактер и мојот сензибилитет моментално најмногу им одговараат земјени тонови и избледени нијанси од проста причина што ме смируваат кога сум опкружена со нив. Веројатно тоа се отсликало и во мојата работа и во цртежите за „Моки“.
Би рекле дека она што го креираш потсетува на поезија, но ти не си непозната и во таа област. Во 2022 беше објавена твојата прва збирка „Има и такви денови”. Кажи ни повеќе за овој дел од тебе.
Сакам да пишувам, сакам да читам и сакам да зборувам. Зборот, покрај уметноста, најмногу ми помага да го изразам својот дух, и го сакам бидејќи истовремено ме празни и ме полни. Излегувањето од печат на „Има и такви денови“ е една од моите најголеми животни радости. Долго чекав да се почувствувам подготвена за да ја споделам мојата поезија на толку официјален начин, па нејзиното печатење за мене претставуваше голем и храбар чекор. На мое големо задоволство оваа година од печат ќе излезе и мојата втора збирка поезија. Навистина сакам да раскажувам преку различни медиуми, а поезијата е еден од најпосебните медиуми за мене.
Какви се деновите во кои имаш највеќе инспирација?
Во деновите кога имам инспирација се чувствувам како да можам да полетам. Не знам што најпрво да направам, од каде да почнам и на што да се фокусирам. Тогаш најчесто почнувам различни работи истовремено и давам дел од себе во сите активности. Деновите во кои имам инспирација ми помагаат да видам колку животот има да понуди.
Очигледно е дека те инспирираат односите меѓу луѓето, топлината на малите гестови, грижата за оние кои ги сакаме. Честопати велиме дека живеме во свет во кој луѓето се оттуѓени еден од друг, дека некои вредности се заборавени особено меѓу младите луѓе. Колку сметаш дека она што го креираш влијае на перцепцијата и навиките на луѓето за овие мали нешта?
Не знам колку мојата работа влијае врз навиките на луѓето или врз нивната перцепција за нештата. Она што ми преостанува е да се надевам, дека барем некако, успевам да продрам во нивниот емотивен свет, макар на кратко, и да им разбудам нешто – макар на кратко. Преку „Моки“ гледам да ја истакнам важноста на малите гестови на внимание и комуникација со луѓето околу нас, а преку пишувањето гледам да ја подарам најсировата верзија од себе без задршка. Сакам мојата уметност, во било кој нејзнин облик, да може да биде блиску до оној од другата страна и да му каже: „Тука сум и те разбирам“.
Постојат ли места или личности во Скопје кои те инспирираат? Кажи ни нешто повеќе за инспирацијата поврзана со Продавницата за лук.
Скопје ме инспирира исто онолку колку што ме инспирира секое друго место во кое ќе се најдам. Секаде има посебни локации, сокаци со вредни, чесни и посветени луѓе, затскриени убавини и скромни приказни кои не бараат внимание, а го заслужуваат. Тоа се универазлни работи. Продавницата за лук е една од трите илустрации кои ги нацртав базирани врз фотографии направени во Скопје. Таа фотографија конкретно е фотографирана од Ивана Павлаковиќ, баба Лоза која продава каранфили е фотографирана од Огнена Костова, а парот што се враќа од пазарење е фотографиран од Кристина Нановиќ. Тие три приказни во моментот ме освоија со својата скромност и топлина и сакав да им подарам мој печат.
Кои се следните планови за Моника? Поезија, илустрации, можеби комбинација од двете?
Моите најискрени желби и планови се поврзани со продавницата која сакам да расте уште повеќе и да го добива обликот кој го заслужува, а потоа со излегувањето од печат на новата збирка поезија (надежно) на есен. Се надевам на инспиративни периоди кои ќе ми бидат ветер во грб кон исполнувањето на моите замисли.