Интервју со младите стрип ентузијасти од Paragons: Нова шанса за пробивање на стрип културата

Ретко кој од нас го поминал своето детство или младост без да наиде на некој од популарните стрипови на нашето време. Гледано во ретроспектива, стрип- културата се појавува уште во 19 век, но со постепениот развој ја доживува кулминацијата во втората половина на 20 век, кога во различни држави низ целиот свет се издигнува на ниво на вистинска уметност.

Овој период, повеќе или помалку, се совпаѓа и со развојот на оваа култура во Македонија, која иако има иницијален успех и пробив кај младата популација, за жал денеска станува се понепрепознатлив.

Токму од овие причини, а од љубовта кон уметноста и креативниот начин на изразување и опишување на општествените појави, група ентузијасти од Скопје се решија да преземат иницијатива за заживување на оваа култура во државата.

Во ова интервју разговараме со младите ентузијасти за нивната посветеност кон уметноста и давање нова шанса за пробивање на стрип-културата помеѓу граѓаните во Македонија.

Имајќи го предвид фактот за релативно ниската заинтересираност за оваа дејност последниве години, би сакале ли најпрво да ни кажете што всушност претставува Paragons?

Секако! Paragons претставува платформа за обединување, промовирање и развивање на стрип културата во Македонија. Целта е да направиме силен колектив на стрип уметници, сценаристи, и читатели, кои често ќе соработуваат, ќе се дружат, ќе споделуваат идеи, мислења и рецензии, ќе освојуваат меѓународни стрип натпревари, и успешно ќе ги пласираат своите приказни на пазарот. Се разбира, мотивот лежи во ширењето на стрип магијата до пошироката публика која поради една или друга причина, се уште му немаат дадено шанса на стрипот како еден креативен медиум преку кој може да се раскажат безброј приказни, преку најразлични стилови на цртање, боење и пишување.

Колку е развиена стрип културата во Македонија?

 Малку, и недоволно. Видете, во Македонија навистина има прилично голем број на луѓе кои читаат стрипови, така што не е се толку лошо. Од Загор и Dylan Dog, преку Marvel и DC, до јапонски стрипови – манга… На светско ниво, постои публика за секој стрип, но и стрип за секоја публика. За жал, до сега немало можност за младите стрип ентузијасти како нас да се обединиме и да твориме заедно, да се дружиме и да ги дискутираме нашите идеи и приказни. Затоа, го оформивме Paragons.

Има ли други стрип здруженија во Македонија? Кажете ни нешто повеќе за таквите здруженија и како вие се вклопувате во целата оваа приказна.

Има, но се бројат на прсти од една дланка. Би ги издвоиле нашите пријатели од Стрип центарот на Македонија – Велес, на чија изложба бевме гости пред некоја недела, и супер си поминавме. Поздрав до велешани! Би ги спомнал и пријателите од comics.mk  кои се и дел од Paragons, и од самиот старт ни дадоа безрезервна поддршка. Огромна почит имаме и за екипата Макстрипови, бидејќи ако не беа Мичо, Здравко Гиров, Давор Драмиќанин, Игор Јовчевски и цела таа екипа, дефинитивно немаше сега да постои Paragons. Овие здруженија можеби не допреа до мејнстримот во Македонија, меѓутоа допреа до нас, и наша цел е сега да ја продолжиме нивната борба.

Велите „борба“. Може ли да се живее од правење стрипови, или е навистина борба?

Многу ретко, ако воопшто кој било во Македонија, живее само од пишување и цртање стрипови, и тие еден или двајца што живеат од тоа, работат исклучиво на странски проекти. Сите стрип уметници и сценаристи со кои ние сме разговарале, творат или работат нешто друго на страна. Стрипот им доаѓа почесто како хоби.

Зошто е ова вака? Дали е резултат на незаинтересираноста на публиката, или недоволно квалитетна понуда?

Има многу причини. Најпрвин, уметноста во Македонија генерално не се вреднува, па почетната точка за сите уметници е многу тешка. Потоа, во Македонија веќе традиционално се запоставени добриот маркетинг и менаџмент, а ова е особено впечатливо кај македонскиот стрип чија промоција е на најниско можно ниво. Ако не се потрудите самите да најдете некоја вест, нема шанси да допре до вас некоја нова информација поврзана со стрипови во Македонија. Друга многу важна причина е дека нема ниеден македонски долгометражен и сериозен стрип серијал, а оние кои се кратки, често се хумористични или се за детска публика. Поради ова, редок е квалитетниот македонски стрип материјал во кои стрип ентузијастите можат целосно да се инвестираат, и природно да настане некоја фан база. На долг рок, ова има резултирано со незаинтересираност кај публиката. Се разбира, доколку понудата би била поквалитетна, веднаш ќе почне да се јавува заинтересираност која со тек на време ќе станува се поголема и поголема.

Има ли потреба од финансиска помош на државата и институциите во оваа уметничка гранка?

Министерството за култура веќе субвенционира издавање на стрипови, и со тоа го овозможува и она мало издаваштво што го имаме во Македонија. За жал, се субвенционираат многу малку стрипови и со тоа реално не се овозможува развивање на стрип културата до степен на само-одржливост каде не би имало потреба од таа државна финансиска помош. Треба да се направи стратегија за развивање на стрипот како уметност на градско и на државно ниво, и потоа со зачестени субвенции, таа стратегија да се проследи до крај.

Кој стрип би го препорачале за некој што претходно нема прочитано ниеден стрип?

 Дефинитивно „Watchmen“ од Alan Moore и Dave Gibbons. Тој стрип ќе им докаже дека стриповите имаат феноменална приказна и можат да бидат и со сериозна, филозофска, психолошка и политичка позадина, наспроти популарното мислење дека стриповите се медиум за деца. Како контраст во стилови, би го препорачале и „Maus“ од Art Spiegelman, кој има добиено Pulitzer. 

Што е следно за Paragons?

 Во моментов се припремаме за меѓународниот стрип натпревар во Лесковац, на кој со помош на Paragons ќе ја претставиме Македонија со повеќе од 10 кратки стрипови од млади македонски уметници. По тој натпревар следат и други, меѓу кои и меѓународниот стрип конкурс „Велес 2023“ организиран од Стрип центарот на Македонија – Велес, за кој исто така се подготвуваме. Од големо значење ни е да донесеме што повеќе меѓународни награди во Македонија, па затоа активно работиме на тоа. Веќе го концепираме и нашето прво издание кое ќе биде збирка од кратки стрипови на млади и талентирани стрип уметници.

 За крај, имате ли нешто да им порачате на читателите на Skopjeinfo?

Ви благодариме и вам и на вашите читатели за можноста да ја претставиме нашата мисија на пошироката публика! Би сакале да ги поттикнеме артистите од Македонија да земат поактивно учество во промовирање на уметноста. Активностите на Paragons може да ги следите на нашиот инстаграм профил paragonscomics. Таму секојдневно може да најдете стрип новости, дискусии, скечови, и рецензии. Удрете еден follow, нема да зажалите!