Интервју со Мартин и Стефан: Во нашата музика нема политичка поента, целта е таа да се доближи до младите

Бендот „Некст Тајм“ го сочинуваат браќата Мартин и Стефан Филиповски. На музичката сцена се скоро 15 години. Во последните неколку години актуелни се по обработките на стари македонски песни кои ги доближуваат до помладата генерација, но и ја оживуваат традицијата. Живеат во Аеродром и функционираат во Скопје. 

На 30-ти јуни во Античкиот театар во Охрид ќе се одржи голем концерт на „Некст тајм“ и Влатко Лозановски.

На теми поврзани со музиката, приватниот живот и актуелните новини кои се случуваат овој период разговараме со браќата Филиповски. 

Момци, најпрвин честитки за новиот албум! Како сте задоволни од приемот кај публиката по нешто повеќе од месец дена од промоцијата на „Мајка“?

Ви благодариме за честитките. Сметаме дека албумот поминува одлично врз основа на тоа што повеќето песни од албумот се веќе добро познати на публиката, бидејќи повеќето песни ги извадивме како синглови со видео запис, додека пак останатите песни коишто се најдоа на албумот за овој краток временски период добро се слушани, но сметаме дека треба време за ваков вид на песни да се промовираат и да стигнат до ушите на слушателите затоа што не се летни хитови и помалку се вртат на радио станиците, и едноставно кога вадите песна без спот треба малку повеќе време за да стигнат до слушателите. Среќни сме што и периодов конечно го пласиравме албумот на продажните места во маркетите на Тинекс и Миса.

Претпоставувам дека периодов се подготвувате за најавениот голем концерт заедно со Лозано! Што да очекува публиката?

Концертот во Античкиот театар ќе биде една убава можност да се увери публиката дека сеуште во Македонија има музика и публика за нашата македонска музика.Од музичка гледна страна и ние и Лозано ќе дадеме се од себе да ужива публиката во нашата музика и да и вратиме на достоен начин за довербата што ни ја дава сите овие години. 

Koja e пораката која ја праќате со преработката на старите македонски песни? Колку тоа е поврзано со актуелни политички состојби во државата?

Сме кажале и претходно дека политичка поента нема во нашата музика, единствената поента е да се доближи и младата популација до овие песни кои што сметаме дека се културно наследство на Македонија. Среќни сме што успеваме во тоа, и среќни сме што го зајакнуваме и одржуваме македонскиот дух и култура на достојно ниво.

Како го доживувате тоа што ве нарекуваат „Антички момци“?

Искрено не знаеме зошто не викаат така, ние сме луѓе кои што живеат во 21 век и со такви сфаќања. Но, ете ајде да го сфатиме како комплимент поради тоа што веројатно пробуваме да го зачуваме минатото без кое што веројатно и нема иднина доколку се заборави.

Голем број настапи и концерти, дали ќе имате време за одмор и каде ќе го минете?

Имавме мал одмор, моравме да отидеме бар на кратко на море, како секој нормален човек. Сакаме повеќе, но едноставно сме презафатени летово и не радува тоа што е така, поради тоа што после пандемијата повторно имаме можност да се дружиме со публиката да изведуваме и да станеме на нозе финансиски.

Што за вас е Македонија во три збора?

Мајка, Татковина, сѐ!

Родени сте и живеете во Скопје! Која е првата асоцијација што ви паѓа на памет кога ќе се спомне Скопје? Што ви пречи во Скопје, а што ви се допаѓа?

Скопје е преубаво место за живеење иако мора да се средат доста работи, тука се присутни кафаните, трач муабетите, многу кафиња. Лошото возење ни пречи, но има и свој дух Скопје кои што сметаме дека во минатото беше поубав.

Ви посакуваме успешен концерт и успешно и среќно лето, приватно и професионално.