Интервју со Марина Главче: Македонија иако е мала, богата е со млади и талентирани студенти кои ќе ги формираат новите општествени промени

Марина Главче од Економскиот факултет во Скопје беше прогласена за една од најдобрите дипломирани студенти за академската 2021/2022 година – студенти кои покажале високи достигнувања и резултати. Освен тоа, таа е добитник и на наградата „26 јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“ од Велика Британија, која им се доделува на редовните студенти од завршниот семестар од прв циклус студии кои покажуваат особени резултати во студиите.

Нејзиниот академски просек е доказ дека со посветеност успехот е загарантиран. 

Марина вели дека не застанува тука и дека овие признанија се само почеток на остварување на нејзините амбиции во економијата како наука. 

За Е-бизнисот, за достигнувањата и признанијата, за „одливот на мозоци“ со кои се соочува земјава, како и за нејзините прпораки за подобар образовен систем разговараме со Главче во едно навистина инспиративно интервју! 

Колку е тешко за една млада личност и колку отстапки во животот бараат овие признанија кои ги доби?

Несомнено, за да се постигнат овие признанија, често е потребно многу посветеност, труд и ангажираност. Но, според мене, од круцијална важност е начинот на којшто се пристапува кон материјалот. Низ процесот на моето формално образование, најважната вештина што ја стекнав беше правилното учење, односно аналитички и детален пристап кон материјалот, без разлика на областа од научната дисциплина. Фокусот секогаш ми беше знаењето кое понатаму ќе можам практично да го применам, а не оценката. Ретко чувствував дека жртвувам дел од мојот социјален живот или квалитетен сон, за да можам да се подготвам за испит. Ова се должи и на навиката за учење што сум ја стекнала во текот на образование, но и уште поважно на начинот на менаџирање со времето.

Со правилно балансирање на академските обврски со личниот живот, сé е достижно. Моето мото коешто ме води низ секој аспект од животот е дека не постои нешто што е невозможно, ако доволно и вистински се трудиме и веруваме.

Какви беа реакциите на колегите, професорите, блиските...?

Често знам да направам рефлексија на годините поминати во образование, со посебен акцент на академските студии. Низ целиот процес имав клучна потпора од најблиските и од оваа инстанца со сигурност кажувам дека овие признанија во голема мера се должат и на нивната верба и поддршка, во моменти на успех, но и предизвик. Кога ги споделив убавите вести со нив, ја видов најчистата форма на среќа и афирмација. Искрени честитки и пофални зборови добив и од моите ценети колеги и драги професори кои несебично и на свој најдобар начин го споделуваа целото свое знаење. Овие признанија секогаш ќе ги носам со доза на гордост, како постојан потсетник за мојата љубов и посветеност кон економијата како наука.

Претставуваат круна на една етапа од мојот живот и само почеток на остварување на моите амбиции. Но, наградите “Најдобро дипломиран студент во академската година” и “26 Јули”, како најпрестижни од овој домен во Република Македонија, за мене носат и голема одговорност во насока на новите предизвици во економијата и идните истражувања.

Кој е вашиот фокус во моментов, во однос на образованието и кариерата?

Мојата кариера ја започнав во Македонски Телеком во одделот за Дигитално искуство и иновации, со фокус на мобилната апликација како дигитален канал. Голем дел од теоријата стекната во студентските клупи, ја применив во пракса. Ваквиот спој на теорија и пракса е од огромна важност бидејќи токму на овој начин може да се согледа поголемата слика во целост. Секако, мојата желба е да продолжам и со дополнително надоградување на формалното образование и да не застанам тука.

Колку Македонија како држава нуди простор за развој на младите и талентирани студенти?

Македонија како држава, иако е мала, сметам дека располага со голем број на млади и талентирани студенти кои во блиска иднина ќе ги формираат новите општествени промени. Потребно е да се ценат повеќе нивните напори и да им се овозможи простор за напредок, бидејќи само човек што се чувстува ценет, може значително да придонесе кон подобрување на различни области во општеството и кон повисоки научни истражувања. Потребни се повеќе програми за млади, поголeма поддршка за стартапи, повисоки стипендии и интернационални соработки.

Бевте и во Љубљана на академско надоградување. Какво искуство понесовте оттаму? Кои образовни практики можеби треба да се пренесат и кај нас?

Во Љубљана ја завршив последната година од додипломските студии и искуството коешто го стекнав таму е од енормно значење за мене. Како млада личност, беше многу важно да осознаам нови практики на пренесување на знаење и да направам една паралела со Република Словенија и Република Македонија. Тоа што би сакала да го издвојам е големиот фокус на практичната настава којашто е присутна во образовните програми во Словенија во споредба со фокусот на теоријата. Имав можност да работам на реални проекти на истакнати компании, применувајќи теорија во пракса, како дел од испитниот материјал за положување на предметот. Иако смерот на којшто дипломирав, Е-бизнис на Економскиот факултет во Скопје, има за цел насочување и поттикнување на студентите кон дигитализацијата и работата на проекти, сметам дека сé уште во Македонија постојат образовни програми кои главно се оптоварени со теорија што понатаму станува пречка за успешно прво вработување и започнување на кариера.

Фокусирани сте на е-бизнис и дигитализација, несомнено една перспективна област. Кој е вашиот посебен предизвик во работење, имате ли некоја цел која имате поставено пред вас во овој момент?

Со оглед на тоа што станува збор за наука и материја којашто многу брзо се менува и развива, потребно е континуирано надоградување на знаењето, константна адаптација кон новите технологиите за да може да се оддржи чекор со промените. Нешто што важело пред само неколку месеци, многу брзо може да замине во историјата. Дополнително, кога зборуваме за дигитализацијата, не треба да се заборави дека на другиот крај од технологијата се корисниците, односно луѓе со веќе обликуван начин на однесување и очекување. Тоа се две крајности кои е потребно да се менаџираат добро за да се постигне баланс во однос на брзината на носење на промените во технологијата со брзината на промена на навиките на луѓето. 

Младите сé почесто среќата и успехот го бараат во странство, кој е вашот став по ова прашање и порака до нив?

Во Македонија навистина постои еден забрзан тренд, којшто во поново време е препознатлив по терминот „Одлив на мозоци”, односно иселување на високообразовани, обучени и квалификувани луѓе надвор од нашата земја. За општеството како целина, бројките кои од година во година се сé поголеми, навистина се поразителни. Но, според мене, младоста е период на најголемите промени, период од животот кога имаме најмногу енергија и желба да учиме, да се надоградуваме и да испробуваме нови нешта. Оттука, мојот став е дека и во Македонија има простор за напредување, има професионалци од кои може да се учи, но не ја исклучувам и можноста за професионално надоградување во странство и искористување на позитивните практики од таму во насока на подобрување на економската и општествената слика во Македонија. 

Како до подобар образован систем, повеќе успех и помотивирани студенти?

Подобрувањето на образовниот систем и поттикнувањето поголем успех и мотивација кај студентите бара сеопфатен пристап со вклученост и желба за промена од сите засегнати страни во едукативниот процес. Многу е важно да се направат измени во образовните програми во насока на поголема усогласеност на материјалот со европските земји. Предмет на обработка треба да бидат теми кои се актуелни, нови и недоволно истражени, наспроти застарени и веќе неприменливи. На овој начин, студентите можат да ја оддржуваат својата мотивација, преку предизвикот којшто е исправен пред нив – да дојдат до нови вистини и да чувствуваат дека времето поминато во академските клупи е време вложено во квалитетно знаење и истражување. Дополнително, правилен начин на мерење на знаењето е исто толку важно.

Спој од теоретското оценување во форма на испит и практичен дел каде што според природата на материјата тоа е достапно, ја прави целокупната слика за знаењето во дадена област. За крај, убаво е да има континуирано следење на развојот на студентите, поголема поддршка од страна на државата и самите факултети, во форма на награди и признанија коишто претставуваат дополнителен мотив за нови научни достигнувања. Од друга страна, не помалку важна е и средината во која се наоѓаме. Само компетитивна средина со умови желни за вистинско знаење претставува поле за постојан напредок и успех во кариерата.