Најновиот предизвик на Тик-ток познат како „супермен“ ја загрижи заедницата. Децата и младите на удар, возрасните загрижени за потенцијалните опасности, но и за последиците по менталното здравје од сите трендови кои ги носат социјалните мрежи.
За оваа актуелна тема потребно да се да се разговара многу, стручно и гласно, а ние токму тоа го сторивме со м-р Сања Јовановска, лиценциран психолог, семеен и системски психотерапевт под супервизија, ОЛИ советник.
Дали „среќата“ е префорсиран поим, за менталното здравје на младите, за влијанието на социјалните мрежи, сајбернасилството и уште многу други агли на менталната хигиена, прочитајте во интервјуто со Јовановска!
Вели преголем стремеж кон постигнување на апсолутна среќа може да ја оддалечи среќата од нас односно да ја направи потешка за достигнување. Од друга страна непријатните емоции на страв, тага, луина, бес, гнев, љубомора се исто толку значајни за човекот како и пријатните. Сте знаеле ли дека стравот како непријатна емоција е емоција која има еволутивно значење за човекот?
Трендот со „тик-ток“ предизвиците е најнова причина за загриженост кај родителите. Дали, како стручно лице, сметате дека има сериозни последици по менталното здравје од овој тренд, и кај родителите и кај децата и младите лица?
Темата за социјалните мрежи е многу актуелна и социјалните мрежи во денешно време се неизбежни и за младите и за повозрасните. Користење на социјалните мрежи има свои позитивности, ни овозможува постојана меѓусебна поврзаност, овозможува полесна достапност за создавање на социјални контакти, овозможува полесна информираност и тн. Но, за жал социјалните мрежи можат да имаат негативно влијание врз децата и младите. Овој вид на комуникација меѓу децата и младите овозможува полесно ширење на содржини и полесно ширење на актуелни трендови кои можат да имаат штетни последици по менталното и физичкото здравје на децата и адолесцентите. Тоа го покажа и трендот „супермен” на социјалната мрежа Тик-ток, кој и кај нас и во регионот, но и пошироко предизвика физички повреди кај многу адолесценти и ги загржи родителите, наставниците и општеството.
Ваквата загриженост е сосема во оправдана бидејќи ваквите трендови односно предизвици на социјалните мрежи поттикнуваат опасни дејствија, промовираат насилство и нездраво однесување и сето тоа негативно влијае врз децата и адолесцентите односно врз нивниот комплетен развој.
Како што веќе споменав на адолесцентите им е важно да бидат ИН, да бидат прифатени во група, виртуелно да бидат вреднувани низ лајкови на социјалните мрежи и тоа уште повеќе ги поттикнува или ги притиска да прибегнат кон прифаќање на некој тренд и негово користење. Трендот „супермен“ предизвика физички повреди кај многу деца, но тоа исто така е и трауматичен настан за повредениот, за неговите родители и за другите учесници во предизвикот. Ова може да остави последници по менталното здравје кај сите нив, какви последици ќе остави зависи од тоа како едно семејство минува низ фаза на стрес, колку детето ќе биде разберено и поддржано од страна на родителите и другите важни луѓе околу него како и од подготвеноста за барање на психолошка помош и поддршка за надминување на последиците.
„Смарт уредите“ не може да ги укинеме, ниту социјалните мрежи. Како влијаат кај младите сите оние „инфлуенсерски“ текови? Кои емотивни состојби се јавуваат најчесто кај децата и младите, со оглед дека сакаат да се поистоветуваат со трендовите, а реалноста во која живееме е друга? (на пример се промовира конзумеризмот, експерименти со здравјето, насилство, опасни „финти“...)
Да, смарт уредите и социјалните меидуми не можеме да ги укинеме но може да се промени пристапот кон нивна употреба. Со ограничување на содржината која се гледа и вреднува, но и ограничување на времето поминато пред екран.
Децата и адолесцентите кои минуваат подолго од три часа на социјалните мрежи можат да имаат потешкотии при спиење, регулација на емоции, намалена концентрација и внимание при учење, предизвикува чувство на анксиозност како и лесна зависност од екран и социјални мрежи. Кога пак зборуваме за ограничување на содржината важно е да се нагласи дека родителите можат да имаат големо влијание врз децата и адолесцентите за содржината која ја гледаат но и за нејзино соодветно разбирање.
Важна е блиска комуникација родител-дете, која овозможува споделување без критика, со многу разбирање, во која децата и адолесцентите ќе бидат комфорни да споделат за актулените тредндови и содржини каде родителот би имал можност за превенција на опасности.
Дел од тоа како се соржината која се гледа може негативно да влијае врз децата и адолесцентите би го навела следното:
Создавање на нереална слика за животот: Следењето на инфлуенсери кои промовираат перфектен живот, перфектена гардероба, луксуз, постојани патувања и постирање на идеални слики на социјалните мрежи може да создаде чувство на пониска вредност кај младите луѓе, и низ споредување може да се чувствуваат под притосок за постигнување на одреден стандард за да се вклопат во средината или групата, или одреден стандард за да бидат среќни. Бидејќи промовирањето на перфектност може да создаде и нерелна слика за животот кај адолесцентите. Сето ова може да предизвика незадоволство кај децата и адолеесцентите од својот живот и може да доведе до анксиозност и депресија.
Влијание врз слика за себе: Промовирањето на префектен физички изглед може да предизвика намалена самодоверба, загриженост за сликата за своето тело, потешко прифаќање на развојните промени на телото и сл. Ваквата споредба може да доведе и до депресивно разположение или до промени и проблеми со исхраната. Ова има големо влијание особено врз девојчињата во рана андолесцентна возраст кога градат свој идентитет и став за себе и светот околу себе.
Можност за манипулација и злоупотреба: Адолесцентите често преку социјалните мрежи споделуваат и свои лични содржини и слики кои можат да бидат злоупотребени а со тоа да се нанесе штета по интегритетот на младиот човек. Затоа што социјалните медиуми овозможуваат полесно ширење на информации и вистинити и невистинити и лесно може да доведе до сајбер насилство со тешки психолошки последици за жртвата.
Насилство и себеповредување: Од друга страна, како што веќе и наведов со предизвикот на Тик-ток, на социјалните мрежи достапна е несоодветна и штетна содржина која влијае врз превземање на активности од страна на адолесцентите кои се штетни за нив или за некој во нивна близина, низ превземање на активности за самоповредување или повредување на друг. Изложеноста на ваков тип на содржини може да влијае кон нормализирање на патолошко однесување. Од друга страна пак ваквата содржина кај деца и млади кои се ранливи може да предизвика самоповредување дури и мисли за самоубиство или пакт за самоубиство.
За жал пред неколку години имаше и ваков тренд/предизвик на социјалните мрежи. Затоа е важна информираноста од страна на родителите и забележување на промените во однесувањето кај своите деца и адолесценти како и соодветно и навремено реагирање на истите.
Крајот на календарската година секогаш е предизвик да се направи ретроспектива на „статусот“ на менталното здравје. Но, се чини дека на моменти сме уморни и од сите оние совети „да се вежба повеќе, да се чита повеќе, да се медитира, да се дружиме со позитивни луѓе“... Дали според Вас се клише овие совети, дали се универзални или сепак секој треба да си го пронајде својот индивидуален пат до внатрешен мир, хармонија и среќа?
Интересно прашање бидејќи навистина секојдневно се среќаваме со кратки совети како да се чувствуваме подобро и како да си самопомогнеме. Овие наведени работи како и многу слични (пливање, планинарење, плетење, пишување поезија, вклучување во здруженија ) колку и да се клише знаат да бидат од помош при превенција на менталното здравје, а некогаш и да помогнат кај одредени индивидуи и кога се соочуваат со некој предизвик со менталното здравје. Она што е важно да се нагласи е дека ова не мора да е прифатливо или да е делотворно кај сите.
Секој поеддинец има или изнаоѓа свој начин на регулирање на стрес, негативни емоции, минување низ тешки животни периоди, предизвици при животни промени... И доколку одредена потешкотија е присутна или регулацијата на стрес е отежната треба да се побара психолошка помош и поддршка од стручно лице што овозможува јакнење на снагите кај една индивидуа и изнаоѓање на лични креативни начини и вештини за справување со секојдневните предизвици.
И состојбата „среќа“ некако стана префорсиран. Што советувате Вие како стучно лице, треба ли ние возрасните, но и децата да ги учиме и на некој начин „принудуваме“ постојано да сме/се среќни?
Кога сме кај трендовите, некако како да стана тренд да се шират постојано содржини со брзи решенија како до среќа, како да се чувствуваме подобро и како навистина да станува тренд де секој постојано мора и треба да е среќен. Ова предизвикува притисок за потрага по постојана среќа и во потрагата се доаѓа до состојба на се помалку среќа и незадоволство дури и разочарување. Бидејќи не е ниту можно ниту здраво да имаме само позитивни емоции. Како што не е здраво и природно постојано да сме во чувство на очај, тага.... Да, позитивните емоции и чувството на среќа мотивираат, даваат енергија. Но, преголем стремеж кон постигнување на апсолутна среќа може да ја оддалечи среќата од нас односно да ја направи потешка за достигнување. Од друга страна непријатните емоции на страв, тага, луина, бес, гнев, љубомора се исто толку значајни за човекот како и пријатните. На пример стравот како непријатна емоција е емоција која има еволутивно значење за човекот. Предизвикува чувство за борба или бегство кога сме животно загрозени, на тој начин не научил да бидеме претпазливи како и еластични во соочување со одредени потешкотии и предизвици. И секако многу теми во нашите животи можат да бидат непријатни и да предизвикаат непријатни емоции и тоа е во ред. Чувството на тага, на бес на лутина и очај се нормални при загуба на некој важен или нешто многу важно. И во ред е да сме тажни во процесот на тагување, тоа е важно и лекувачки, закрепнувачки. Односно непријатните емоции и состојби не учат како да решаваме потешкотии, не прават поеластични на животни промени, ни помагаат при закрепнување односно при раст и развој. Важно е да бидеме задоволни и среќни со себе и својот живот, да превземаме активности за исполнување на животни цели кои ќе не водат кон добросостојба но не и да по секоја цена се стремиме кон апсолутна и постојана среќа.
Се грижат ли Македонците за своето ментално здравје, или сеуште посетата на психолог е табу тема?
Полека како да се будиме. Имам впечаток дека 2020та година или година на Корона вирусот и сите предизвици кои ги донесе пандемијата како да предизвика и поголема отвореност кон барање на психолошка помош и поддршка за соочување со одредени потешкотии, животни предизвици како и поголема отвореност за личен раст и развој особено кај младите.