Интервју со Ивана Стаменковска, јога инструкторка: Флексибилноста на телото и умот доаѓа со дисциплина и истрајност

Јогата има огромно влијание врз животот, таа може да ви даде чувство на сигурност и флексибилност, како и да ве ослободи од стресот, а на оваа тема разговараме со младата и талентирана јога инструкторка Ивана Стаменковска.

Ивана е една од најпознатите јога инструкторки во Македонија, која ја следат речиси 34.000 луѓе на Инстаграм и им дава инспирација на многу жени. Таа во интервју за „Скопје Инфо“ раскажува кога се родила нејзината љубов кон јогата и ни ги открива нејзините придобивки.

Кога се роди љубовта кон јогата, колку време вежбаш и што најмногу те привлече кон неа?

- Љубовта кон јогата се роди сосема спонтано додека вежбав фитнес програма која вклучуваше јога. Активно ја практикувам од 2017 година. Најмногу ме привлече „недостижното“ во неа. Склопот на сила, баланс, психичкиот аспект и флексибилноста сè уште не престанува да ме фасцинира.

Што претставува јогата за тебе и колку видови на јога постојат?

- Никогаш не сум можела со зборови да го опишам она што го чувствувам кога ќе застанам на простирката. Повеќе е чувство отколку нешто кое би можела да го склопам во зборови. Со модернизацијата има многу стилови на јога со цел да ја направат подостапна за сите луѓе во овој динамичен свет. Јога си е јога без разлика каков е стилот.

Кои видови на јога ги предаваш?

- Предавам воглавно „Power јога“ и „Аштанга“. Динамични ми се часовите, па и многу потсетуваат на „workout“.

Кои се причините поради кои треба да се практикува јогата? Дали треба да си физички и духовно подготвен за да практикуваш јога или може секој да вежба?

- Можам да набројувам милион и една причина зошто е добро да практикуваш јога. Тука само ќе кажам дека првично треба да ѝ дадеш шанса, а другото ќе си дојде само по себе, ви ветувам.

Како влијаеше јогата врз твојот живот?

- Јогата има огромно влијание во мојот живот, до степен што не би можела да си го замислам моето секојдневие без да ја практикувам. Ми влева чувство на сигурност и флексибилност во секој мој друг аспект од животот.

Каков совет би им дала на тие што сакаат да почнат со јога?

- Би кажала дека не мора да си флексибилен за да почнеш да вежбаш јога. Флексибилноста на телото и умот доаѓа со дисциплина и истрајност.

За крај, каква мотивациска порака би испратила до луѓето?

- Мотивацијата е само дел од секунда. Дисциплината е таа која треба да се почитува.