Повеќе од една деценија е дел од Министерството за култура... За нејзиниот препознатлив моден стил, но и енергија далеку е слуша... Ивана Дамовска е светска дама и урбан лик од скопските улици.
Задоволството е големо да се слушнат нејзините гледишта - како со широка насмевка и убава мисла низ секојдневието...
За работата, мајчинството, културата, стилот, но и за Скопје - искрено со Ивана Дамовска.
Работата во Министерството за култура сигурно носи многу предизвици, но и големо задоволство. Што беше најголемиот предизвик со кој сте се соочиле досега, а што најмногу ве исполнува во оваа улога?
Задоволството од работата го прават предизвиците. Искуството пак, дава можност да ги препознате препреките за реализација на предизвиците, но и како да најдете вистинско решение... Во Министерството за култура сум повеќе од десетина години, а во тимот на министерот за култура и туризам Зоран Љутков сум, откога е на оваа функција. Станува збор за многу комплексна работа на која работиме тимски, секој одделно професионалец во својата област. Да се креираат и имплементираат културни политики во државата, да се обезбедат услови за непречен развој и културен прогрес, културните институции да си ги вратат позициите но и повеќе, да станат значајно место кое ќе дава силен импулс на културното живеење во општината, градот, државата, македонските културни производи: филмот, сликарството, музиката, балетот и другите дејности да станат препознатливи во светот, се само дел oд мноштвото точки што ги зацртавме во обемната агендата на Министерството.
За кратко време сработивме доста, а пред нас се уште многу значајни настани и проекти за кои јавноста доправа ќе слуша, но верувам и ќе ги ужива бенефитите од нивната реализација.
Важите за личност со урбан и препознатлив стил. Како би го опишале вашиот животен стил во неколку збора? Дали повеќе ве привлекува енергијата на градот или сакате да се повлечете во мирни катчиња кога имате време за себе?
Стилот, во голема мера го одредува карактерот, сензибилетот, возраста, а може и да зависи од професијата. Но, постои нешто во сите нас по кое другите не препознаваат. Не мора да носите цвеќиња во косата за другите да препознаат дека сте романтична. Сигурна сум дека на стилот влијаат условите во кои растеме, естетиката која не опкружува, вредносни критериуми кои ги усвојуваме. Тоа што се гледа со очи, е само последица на сето тоа.
Стил е и посветесноста на професијата, односот кон сопственото родителството и спрема вашите родителите, стил е постојно усовршување, учење, однесување, емпатијата спрема другите, стил е дали се грижите за околината во која живеете, работите, во која ви расте детето.
Стил е како се однесувате спрема обврските воопшто, колку се вложувате, дали и како ги реализирате и колку вие во нив се реализирате. За мене стил и е како чекорите, некогаш по улиците, а најмногу низ животот.
Инаку, да многу го сакам Скопје. Тој е мојот роден град и град на барем десетина генерации мои предци, по мајкина страна. Го сакам и метежот и буката на градот. Така ми кажува дека е жив. Мирните катчиња се во прегратката на мојот син. Доволно ми е едно големо гушкање за целосно да се ресетирам.
Што најмногу ви се допаѓа во Скопје, а што би промениле доколку имате можност? Дали градот ги задоволува вашите културни „апетити“, или мислите дека му недостига нешто важно?
Ми се допаѓа што во Скопје за помалку од 10 минути сте во парк, за исто толку на планина (Водно). Во Скопје никогаш не можеш да бидеш сам, зашто во сто метри ќе си кажеш „добар ден” барем со дваесетина луѓе. Ова е град со многу украси. Секој може да си најде нешто за себе. Јас го обожувам Вардар и неговиот кеј, Чаршијата и мирисот на тазе печен геврек, Аквадуктот кој многу векови пред нас го направиле нашите предци, град кој ја има Божицата Мајка. Ако невечер не отидам во „Трибека“ или „Бир гарден“ тогаш ќе уживам во концерт, на пример, на Пласидо Доминго. Тоа е мојот град, има душа. Но, на градот му треба уште и уште концерти, претстави на актуелни уметници во светот. На Скопје му требаат силни бели дробови. Многу дрвја. Ако дрвја никнуваа колку што има згради тогаш ќе имавме огромна шума низ градот! Ќе дишевме и градот и ние. На овој прекрасен град му треба повеќе емпатија, насмевки и добра мисла.
Современите жени често жонглираат меѓу кариерата, приватниот живот и социјалните обврски. Како успевате да најдете баланс меѓу работата, одморот и времето за себе? Имате ли некоја „тајна формула“ што ви помага?
Не знам дали тоа се вика баланс, ама јас знам од што нема да отстапам. Не сакам и нема да отстапам секое слободно време да го поминам со моето дете, бесценети ми се моментите додека патуваме до музичкото училиште „Илија Николовски Луј” и се смееме за денот што изминува, уживаме во готвењето заедно и секако обожаваме да гледаме филмови, и во кино и дома. Времето посветено нему е време посветено за мене. Зашто само така јас сум спокојна и среќна.
Модата е значаен дел од вашиот имиџ, а и луѓето често ја забележуваат вашата стилска препознатливост. Каков е вашиот став за модата во Скопје?
Ова е време на силна индивидуалност, но и време, на екстреми. Така е во сите сфери, па и во модата. Сепак, забележлив е еден бран на изразена едноставност и софистицираност кај дел од помладата популација не само во облеката туку во севкупупниот впечаток што многу ме прави радосна.
Сакаме да сме модерни. Имаме среќа што што сме снаодливи иако некогаш се претерува со униформноста, особено во боите. На пример, зимава со бургунди црвената. Влијанието на источните пазари е особено видливо во уличната мода што е разбирливо имајќи во предвид дека сме земја чие население има ограничени материјални можности. Но, има и други фактори... Последниве години станаа помалку видливи домашните модни креатори кои пред само десетина години имаа силно влијание на модните текови кај нас.
Имаше мошне богат и динамичен моден живот, се организираа модни недели, викенди, имаше значајни модни настани. Се разбира, имаше сериозни модни списанија кои во меѓувреме згаснаа. Во регионот тие и сега егзистираат. Сето тоа придонесува за некои други влијанија со сомнителни вредности. Скопје е град на модерни и негувани жени. На жените во Скопје исклучително важно им е да бидат модерни, да покажат дека ги следат модните текови, иако на моменти се претерува зашто на тој начин се гуши персонилизацијата.
Кога би можеле веднаш да спакувате куфер, која дестинација би ја избрале и со кого би сакале да ја споделите таа авантура?
Лесно и брзо пакувам куфер. Тоа го правам неколку пати во годината, надвор од годишниот летен одмор. Секогаш патувам со тие што ги сакам, моето семејство, пријателите. Уживам целосно во модерниот Берлин, во ориенталниот Истанбул и секако во било кој дел на Италија. Таму сум јас. Таму сум подеднакво дома. Три дена, три ноќи, доволно за да се вратам регенерирана и подготвена за нови предизвици..
Патувањата се моја страст, на моето семејство. Сега имам мотив повеќе зашто сакам мојот син да го запознае светот и да му дадам можност да развие вредносен систем за животна средина, стандард, култура и за уште многу нешта. Зашто нема подобро научена лекција за Париз од таа кога со свои очи го гледаш од Ајфеловата кула.
Ако треба да посакате нешто за Скопје – што би било тоа? А ако можете да придонесете за подобро општество, во кој сегмент би сакале да направите промена?
Сакам погледот од мојата тераса да биде широк, да гледа во далечина, да не го запира бетон пред мојот прозорец, го сакам урбано Скопје, ама да се изградат училишта, паркови, паркинзи, па дури потоа згради, а не обратно како сега.
Очекувам да има уште неколку концертни сали, да има театри, кина низ целиот град, по Вардар наместо шишиња да пловат кајаци, тоа што го градиме сега да не го рушиме за двасетина години, да не се оставаат да пропаднат објекти само затоа што ги изградила друга влада, да не ги прекопуваме улиците пред избори, да не работиме кампањски, Градот да не создава проблеми, туку да ги решава.
Да не се исмејуваат немоќните, да станат видливи социјално загрозените, да не се фалиме дека не го познаваме соседот, да бидеме хумани секојдневно. Ништо од тоа што го сакам не е невозможно. Промени се потребни и можни само треба градот во кој живееме да го сакаме повеќе и тие кои се тука родени и тие кои имаат друг роден крај. Мерката за сакање е грижата за него. Секој да почне од себе, зашто нема подобар пример од личниот.