Интервју со Ивана Блажевска Поповска: Луѓето се пресудни и клучни за успехот и со нив Еуролинк е успешен, иновативен и уникатен

Ивана Блажевска Поповска е Директор на Сектор за човечки ресурси во Еуролинк. Таа е сопруга и мајка на две деца, вљубеник во уметноста и убавата книга. Тие кои ја познаваат велат дека таа е весела и позитивна личност. Го сака животот и тој за неа претставува константно движење напред, и затоа секој ден и е различен, исполнет со интересни и необични случки.

Ивана ги сака луѓето и верува во нив, некогаш повеќе од што самите веруваат во себе бидејќи таа вели дека со верба стануваме посилни, побогати со искуство и посмели. Додека го подготвуваме ова интервју ја почувствувавме нејзината харизматичност и енергија, но и енергијата на Еуролинк. 

За луѓето, вербата, вредностите и системот на управување со човечките ресурси во Еуролинк, денес разговараме со Ивана Блажевска Поповска. 

Еуролинк е голема компанија со сериозна  мрежа која долго време постои на пазарот, која е стратегијата на компанијата во однос на човечки ресурси?

Еуролинк во својата стратегија клучен фокус става на вработените и клиентите во нераскинлива и меѓузависна врска. Основата е во ефикасна и транспарентна комуникација и личен и професионален развој кај вработените кој ги збогатува со знаење и вештини за остварување долгорочни и пријателски односи со нашите клиенти. Оттаму тргнуваме во креирање на секоја политика, план на активности и програми за наградување на вработените. Тоа е клучно за успехот, лојални и задоволни вработени.

Колку вработениот е важен ресурси во целиот систем за функционирање на Еуролинк?

Нашите луѓе се пресудни и клучни за успехот на компанијата. Без нив нема да постои Еуролинк ваков каков што е, успешен, иновативен, уникатен. Такви се моите колеги, сите 204, различни индивидуалци а обединети во желбата за успех, во љубовта кон компанијата. Кога се внесувате во работата со ентузијазам тоа го чувствуваат клиентите и остануваат со вас низ годините.

Кои профили се најзастапени во компанијата и како го спроведувате процесот на регрутирање?

Имаме вистинско шаренило од профили во Еуролинк. На тоа сме особено горди, бидејќи различноста ни дава добра основа за креирање новитети и имплементирање на промените во секој сегмент од работењето.

Отворените позиции во Еуролинк најпрвин ги огласуваме интерно за да дадеме шанса на некој од нашите редови. Често ги поттикнуваме вработените да ни предложат кандидати, тие ја знаат компанијата и често предлагаат кандидати кои одлично се вклопиле во нашата корпоративна култура. Кога позицијата нема да се пополни интерно тогаш потрагата по кадри продолжува со екстерни ресурси. Важен дел е и процесот на селекција, кој го правиме мултисекторски и досега се покажал успешен.  

Дали Еуролинк е компанијата која поддржува учење и надоградување?

Веруваме во формално образование а повеќе од тоа во континуиран развој преку обуки на кои како компанија инсистираме и во континуитет низ годините инвестираме. Дури и пандемијата не нѐ расколеба, продолживме со обуките, само ги насочивме онлајн. 

Во рамки на секторот за продажба веќе неколку години спроведуваме програма за континуирано  учење преку која нашите колеги држат чекор со новините во однос на продуктите и услугите а најдобрите си обезбедуваат атрактивни награди.

Годишната програма за обуки вклучува и стручни обуки, менаџерски обуки а годинава промовиравме и програма за Идни Лидери, кои освен што ќе учат преку разни обуки ќе  водат и проекти во кои ќе имаат можност да ги имплементираат своите знаења.

Кои се карактеристиските на добриот и успешен работник и како тие се задржуваат и мотивираат?

Отвореност, љубопитност и желба да се учи и напредува се карактеристики на успешните и добрите.

Преку редовни тимски состаноци инсистираме на отворен дијалог во рамки на секторите а периодично ги прашуваме вработените за нивното мислење на различни теми и бараме предлози од нив за подобрување кои често ги имплементираме.

Развиваме и спроведуваме програми за обука, мотивациски програми за наградување, програми за зајакнување на корпоративна култура.

Креираме програми во кои има за секој по нешто атрактивно, па така предвидени се наградни патувања, квартални и годишни награди, томбола извлекувања, програми за континуирано учење, јавни признанија и сл.

Главна цел е да го зајакнеме чувството на припадност на вработените кон тимот, да обезбедиме финансиска стабилност и баланс помеѓу професионалното и приватното кој е важен во јакнење на нашата организациската култура на грижа, меѓусебна соработка и континуирано учење и развој.  

 Што е со младите кадри кои завршуваат студии и се без искуство?

Секоја компаниска стратегија треба да ги вклучува младите луѓе кои сѐ уште немаат создадено работно искуство. Низ годините континуирано го дополнуваме тимот со ваков кадар и Еуролинк веќе има добро воспоставена пракса и систем на градење кадри токму од луѓе без претходно работно искуство.

Младите луѓе треба да бидат охрабрувани, да им се доделуваат предизвикувачки задачи и да им се даде слобода да ги завршат на свој начин, честопати тоа го прават подобро од веќе воспоставената пракса. Ова покажува дека секој член од тимот е важен и може да допринесе, доколку му е оставена слобода во работењето и поттикната креативноста.

Кој е вашата порака до кадрите кои не се дел од Еуролинк и оние кои својата иднина ја гледаат во оваа компанија?

Вреди да си дел од овој изграден систем, каде секој е вреднуван прво како човек а потоа и како професионалец, каде се цени иницијативата, бидејќи успехот на Еуролинк почива на иницијативи, храбри предлози и брза реализација. Сите динамични и амбициозни луѓе кои сакаат предизвици, сакаат да растат и на личен и на професионален план им порачувам да ги следат нашите огласи за отворени позиции и да не се двоумат да нѐ контактираат.