Се чини дека Агенцијата за катастар на недвижности игра клучна улога во развојот на инфраструктурата, гарантирањето на сопственоста и дигиталната трансформација на јавните услуги. Во ова интервју разговараме со директорот на Агенцијата, Иван Живковски, кој споделува повеќе за тековните предизвици, реформите што се спроведуваат, како и идните чекори кои ќе овозможат поквалитетни и побрзи услуги за граѓаните.
Со какви предизвици се соочува Агенцијата за катастар на недвижности во моментов и како планирате да ги надминете?
Најважен приоритет на нашата институција е одржување на функционален катастар кој треба да ја гарантира сопственоста, да ги намали земјишните конфликти, да го поддржи оданочувањето на недвижниот имот, да обезбеди гаранција при кредитирањето, да го подобри урбанистичкото планирање, развојот на инфраструктурата и целокупното општество. При реализацијата на овие цели, често наидуваме на проблеми и предизвици, но тие се решаваат.
Во моментов, АКН се соочува со неколку клучни предизвици, на чие решавање интензивно работиме. Застарената технолошка инфраструктура е голем хендикеп бидејќи многу процеси сѐ уште се делумно рачно извршувани, што ја намалува ефикасноста и ја зголемува можноста за грешки.
За жал, во изминатите седум години воопшто не се водело грижа за човечките ресурси во институцијата и како последица на тоа се јавува дефицит на стручен кадар, што исто така создава потешкотии во тековното функционирање. Веќе работиме на регрутирање на нов кадар со фокус на млади професионалци, и за таа цел започнавме и редовни стручни обуки за редовно вработените. Во таа насока, неодамна за првпат организиравме стручно советување наменето за правниците од агенцијата, а планираме ваквите стручни советувања да станат редовна пракса и да се одржуваат неколку пати годишно. За таа цел, потпишав меморандум за соработка со Академијата за судии и јавни обвинители, за размена на искуства и знаења. Во овој процес започнавме и соработка со Нотарската комора и Комората на извршители.
Мора да потенцирам дека со моето доаѓање во агенцијата затекнав преку 5.600 заостанати - нерешени предмети, но со брза и ефикасна внатрешна реорганизација успеавме да ги решиме заостанатите предмети, а истовремено и навремено да ги решаваме сите тековно пристигнати предмети.
Дополнително, во изминатиов период се соочуваме со зголемен број на барања од граѓаните, но и од државните институции, поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10, како и со процесите за упис во катастарот на голем број државни објекти кои со децении имаат статус на дивоградби, а за кои изминатите седум години не е преземено ништо од претходната Влада. Генерално можам да констатирам дека, и покрај зголемениот наплив на предмети, Агенцијата за катастар навремено постапува и брзо и ефикасно ги обезбедува услугите за граѓаните.
До каде е процесот на дигитализација на катастарските услуги и што конкретно е досега реализирано?
Агенцијата за катастар на недвижности ја има најважната улога во регулацијата и развојот на геопросторната инфраструктура, урбанистичкото планирање и пазарот на недвижности. Дигитализацијата на катастарските услуги е можеби најголемото парче во мозаикот на успешното катастарско работење. Како влада ветивме дигитална трансформација на Македонија, и сите институции, вклучувајќи ја и АКН, веќе интензивно работиме на тоа.
Тимот во АКН напорно работи на дигиталните алатки со кои ќе се унапредат сите јавни сервиси поврзани со катастарот на недвижностите, за што сакам јавно да им се заблагодарам.
Електронскиот катастар е ставен во употреба пред речиси 15 години и истиот не е технолошки надграден, односно неопходно е да се премине на понова верзија со обезбедена поддршка. Потребно е и сите технолошки компоненти кои се користат на сите нивоа да бидат надградени во најнови верзии, за да се осигура повисоко ниво на безбедност и отпорност од неовластени упади. За таа цел, формирав работна група од искусни геодети, правници и ИТ-инженери, кои изработуваат спецификација за имплементација на софтверско решение што ќе ги инкорпорира сите потребни елементи. Со реализација на овој проект ќе се забрзаат процесите и ќе се обезбеди поквалитетна и поефикасна услуга кон крајните корисници.
Во делот на дигитализацијата мора да ја споменам и мобилната апликација (I-Kat), која обезбедува преглед на алфанумерички и геопросторни информации од Геодетско-катастарскиот информационен систем. Истата ја надградивме и во моментов е достапна и за iOS, а не само за Android како претходно.
Дали во блиска иднина граѓаните ќе можат целосно електронски да ги добиваат катастарските услуги – без физичко присуство во шалтерските служби?
Апсолутно. Тоа е еден од нашите главни стратешки приоритети – целосна дигитализација на катастарските услуги. Процесот е веќе во тек. Моментално, електронски можат да се преземаат имотни листови и бројни други услуги и продукти преку порталот за е-услуги: e-uslugi.katastar.gov.mk. Овој портал го пуштивме во употреба кон крајот на 2024 година и истиот е веќе надграден со 10 нови услуги, покрај постоечките 109. До крајот на 2025 година, планираме бројката да надмине 130 електронски достапни услуги.
Електронски можат да се проверуваат сопственоста, катастарската состојба, статусот на предметите во реално време, да се врши онлајн плаќање на такси, и да се пристапува до геопросторни податоци преку nipp.katastar.gov.mk и LiDAR порталот.
Овозможена е и целосна електронска комуникација со професионалните корисници (нотари, институции, адвокати и геодети). Во скоро време планираме и целосна дигитализација на поднесување на барањата, не само од професионални корисници, туку и од граѓаните и сите правни лица. Планираме и целосна интеграција со националниот портал за е-услуги uslugi.gov.mk.
Секако, за повозрасните граѓани кои не користат интернет, шалтерите ќе продолжат да функционираат и да обезбедуваат квалитетна услуга.
Како Агенцијата се справува со евентуални неправилности и коруптивни практики? Каде граѓаните можат да пријават злоупотреби?
Корупцијата е сериозен предизвик за македонското општество. Таа создава атмосфера на недоверба, нееднаквост и неправда. За жал, ни нашата институција не е исклучок.
Свесни за ова, веднаш по моето доаѓање ја започнавме кампањата „Не биди соучесник – пријави обид за корупција“, со која ја подигнуваме јавната свест и ги охрабруваме граѓаните да пријавуваат. Пријавите може да се поднесат анонимно на prijavikorupcija@katastar.gov.mk или на тел. 070/288-300.
Имаме и Сектор за внатрешна контрола и одделение за ревизија кои вршат редовни и вонредни проверки. Се постапува по пријави од граѓани и се следат сомнителни одлуки. Обуките за етички стандарди и антикорупциска култура се редовна пракса, а соработуваме и со ДКСК и другите истражни органи.
Во последниот период се отворија неколку нови подрачни канцеларии. Дали се планира понатамошно проширување на мрежата низ државата?
Да. Отворивме две нови канцеларии – во Автокоманда и во Драчево. Канцеларијата во Драчево доби проширени надлежности – сега може да се поднесуваат барања од сите организациони единици. Канцеларијата во Автокоманда е комплетно нова и ги опслужува жителите на Гази Баба, Бутел, Петровец и Арачиново.
Во скоро време, повторно ќе ја активираме и канцеларијата во Чашка, која извесен период не функционираше поради административни пречки.
Што ново може да очекуваат граѓаните од Агенцијата за катастар во наредниот период? Подготвувате ли нови услуги или подобрувања?
Изминатите неколку месеци откако сум директор на АКН го одбележаа неколку сериозни проекти, од кои намалувањето на цените на катастарските услуги ценам дека најмногу го почуствуваа граѓаните.
Драстичното намалување на цените за одредени катастарски услуги и до 83% се нешто кое верувам дека значително ќе влијае на социјалниот стандард на граѓаните, но и услугите на катастарот ќе ги направи подостапни за сите.
Во следниот период ќе продолжиме со унапредување на нашите услуги, со фокус на дигитализацијата, подобрување до пристапот и развој на нови веб-услуги, кои ќе значат економичност во постапките и задоволни корисници. Дополнително повторно се работи на регистарот на цени и закупнини, кој од непознати причини беше прекинат, по насока од претходно раководство.