
Името на Горан Андреевски не е непознато во македонската јавност, особено меѓу љубителите на кошарката. Тој е селектор на македонската кошаркарска репрезентација, а негов најголем успех е освоеното Европско првенство за играчи до 18 години во Б-дивизијата. Во разговор за нашиот медиум, Андреевски зборува за својата спортска кариера, визијата за иднината на спортот и одлуката да се вклучи во политиката како носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар.
Андреевски е роден во Скопје, каде живее целиот свој живот. По завршувањето на основното училиште „Кочо Рацин“ и средното „Методи Митевски Брицо“, дипломирал на Факултетот за физичка култура, а потоа и магистрирал на тема „Спортски менаџмент“. Веќе 25 години работи како професор по физичко образование и тренер по кошарка, и е основач на младинскиот кошаркарски клуб „Водно Санс“ – еден од најуспешните во Македонија и Европа.
„Во Македонија сум повеќекратен освојувач на титули во сите младински категории – од пионери, кадети и јуниори, до младинци. На Европската лига за млади освоивме титула во категоријата до 15 години и станавме вицешампиони во истата лига,“ вели Андреевски.
Тој потсетува дека како селектор на македонската репрезентација до 18 години го освоил златниот медал на Европското првенство (Б-дивизија), а на првенството во А-дивизија го постигнал најголемиот успех во историјата на македонската младинска кошарка – 14-то место во Европа. Андреевски е и првиот македонски тренер со ФИБА Европа и Евролигa Head Coach сертификати.
На прашањето зошто решил да се вклучи во политиката, Андреевски вели дека вредностите научени во спортот – дисциплина, тимска работа, упорност и чесност – се применливи и во јавниот живот.
„Кога работиш со млади, гледаш колку е важно да им создадеш услови за развој и фер натпревар. Но исто така гледаш дека тие услови зависат од системот и институциите. Затоа почувствував дека мојата улога не смее да остане ограничена само на спортот,“ објаснува тој.
„Ако во спортот се бориме за секој поен, во политиката мора да се бориме за секој човек. Не влегов од лична амбиција, туку од општествена одговорност – да ја ставам мојата енергија, искуство и лидерство во служба на граѓаните,“ додава Андреевски.

Како носител на советничката листа во Општина Центар, Андреевски вели дека неговиот тим има јасна и конкретна програма за периодот 2025–2029. Нивната визија, објаснува тој, е Центар да стане модерна, зелена и функционална општина, што ќе се постигне преку подобрување на инфраструктурата, отворање дневни центри за деца со попречености, воспоставување програми за ментално здравје, создавање мини-паркови и спортски игралишта во секое маало и дигитализација на услугите преку апликациите „Моја општина“ и „Отворен буџет“.
„Ќе вложуваме во спортска инфраструктура, училишни спортски лиги и програми за младите. Овие проекти не се ветувања, туку остварливи решенија што ќе го подобрат секојдневието на жителите на Центар,“ вели тој.
Андреевски нагласува дека вклученоста на граѓаните е еден од темелите на нивната програма. „Центар мора да биде транспарентна и отворена општина. Одлуките ќе се носат со граѓаните – преку дигитални алатки, јавни расправи и советувалишта по маала. Нашата цел е Центар да стане пример за вистинска партиципативна демократија.“
„Ако центарци ни ја дадат довербата, ветувам чесна, транспарентна и посветена работа – секој ден, за секој граѓанин. Центар ќе биде чист, зелен, модерен и безбеден. Заедно ќе покажеме дека вреди да се бориме, затоа што ова е нашиот дом и нашата иднина,“ порача Андреевски.