Интервју со Филип Ивковски, претседател на НМСМ: Град Скопје не е подготвен да биде „Европска младинска престолнина 2027“

„Иницијативата за влез во трката за титулата Европска младинска престолнина за 2027 година дојде од Градот Скопје. Како Национален младински совет, најголемата мрежа за млади во државата, од самиот почеток дадовме поддршка во процесот, пред се водени од идејата дека овој процес и евентуалното добивање на титулата би значело дека Градот Скопје ќе направи суштински, квалитетни и одржливи политики, мерки и програми за младите“ вели Филип Ивковски - Претседател на НМСМ.

Тој додава дека на почетокот на процесот во партнерство со Градот се организирал консултативен процес со различни форми на младинско организирање односно младински организации, организации за млади, чадор младински организации и студентски тела. Целта на процесот според Ивковски било да се мапираат потребите, интересите и очекувањата на младите од процесот, но воедно и од Градот Скопје. Како што посочува Ивковски сето тоа се преточило во преелиминарна апликација, врз база на која Скопје влегол во потесниот круг од 5 градови, додека во втората фаза се работело на комплетирање на апликацијата и подготовки за претставување пред евалуациската комисија во Брисел.

Кога ви се јавија првите проблеми со Град Скопје?

Во процесот се забележуваа предзвици уште во почетните фази, но тие повеќе се однесуваа на внатрешните политики и пристапи во Градот Скопје особено по однос на човечките ресурси кои беа вклучени во истиот. Нашиот главен предизвик кој доведе до повлекување од процесот беше тоа што Градот Скопје не покажа никаква иницијатива и спремност за презентацијата пред евалуациската комисија во Брисел. Имено, по низа обиди за контакт со кабинетот на градоначалникот, се до изминатата среда ние се уште немавме воспоставено контакт за деталите околу финалното претставување кое се случи овој вторник (12.11.2024). Како НМС ја преземавме обврската за креирање на материјали и содржини за претставувањето, но сепак недостасуваше координација особено по прашањето како ќе се одвива претставување кое треба да биде водено од лидерството на Градот Скопје и НМС како главен партнер.

Што ве доведе до тоа да целосно „кренете раце“ од целата оваа иницијатива?

Горенаведениот тек на настаните ни беше јасен сигнал, и покрај нашата амбиција и посветеност на процесот, дека Градот Скопје во овој момент не е подготвен да го испорача потребното. Комуникациските предзвици беа само одраз на недостатокот на суштинска посветеност и заложба на Градот. Имајќи го истото предвид, како НМС донесовме одлука дека нашата поддршка во процесот тука застанува. И би сакале да упатиме уште еден апел до централните и локалните власти дека младите мора да се најдат високо на нивните приоритетни листи и да покажат спремност за суштинско учество на млади и за креирање и имплементирање на квалитетни полтики за младите во нашата држава.

Дали откако официјално и јавно се откажавте ве побараа од Град Скопје да им ги кажете причините?

Се уште немаме добиено официјален одговор од Градот Скопје за нивниот однос спрема процесот, ниту пак на што се должеше истиот. Единственото известување кое го добивме беше од Европскиот младински форум кои не известија дека по нашето повлекување Градот Скопје ги известил дека нема ни тие да учествуваат на претставување поради други приоритети. Порака сметаме дека е доволно јасен показател за колку младите се приоритет на државните власти.

Кој би бил бенефитот за младите доколку успееше да се реализира целата замисла да станеме Европска младинска престолнина 2027?

Идејата зад титулата Европска младинска престолнина има две компоненти, локална и меѓународна. За нас позначајната е онаа која има ефект на локално ниво, тоа значи своевиден стимул на Градот Скопје да испорача квалитетни програми и услуги за младите. Тргнувајќи од воспоставување на формите на младинско учество предвидени во законот, креирање на стратегија за млади, отворање на нови сервиси за млади, зголемување на обемот на активности и програми кои се од директен бенефит за млади, па во крајна линија и зголемување на буџетските средства наменети за поддршка на младите. Токму ваквата компонента на титулата ни беше главна мотивација за да дадеме целосна поддршка во процесот.

Другата компонента повеќе се однесува на меѓународното учество, односно голем дел од регионалните и меѓународните младински настани по воспоставената практика се реализираат во градот кој ја носи титулата. Тоа би значело дека фокусот на на меѓународен план за 2027 година евентуално можеше да биде Градот Скопје.

Дали во моментов Град Скопје има, или спроведува некои младински политики?

По однос на обврските од Законот за младинско учество и младински политики може да се забележи дека Градот Скопје има назначено службеник за млади и формирано локално собрание на млади, кое не беше во можност да ја спроведе постапката за избор на локален младински совет два пати по ред. Исто така од законските обврски за жал Градот ги нема исполнето оние кои се однесуваат за локалниот младински совет, младински центар ниту пак има подготвено локална стратегија за млади. По однос на другите активности и програми кои ги спроведува градот, се забележува дека станува збор за парцијални активности во рамки на другите програми и дејности. Така што дефинитивно како главен град во кој живеат и циркулираат голем број на млади се очекува да има системски, сопфатен и квалитетн пристап во одговор на потребите на младите. Секако научената лекција од целиот овој процес би требало да не поттикне на нас како младински сектор за поинтензивно застапување на потребите и интересите на младите, а од друга страна да претставува значаен аларм кој ќе го слушнат институциите и властите и ќе направат суштински чекори во унапредување на состојбите со младите во нашата држава.