Интервју со Филип Арсовски, млад уметник и студент по архитектура

Поминувајќи време на инстаграм нашето внимание го привлекоа убавите слики нацртани од страна на Филип Арсовски. На прв поглед добивме впечаток дека се нацртани од возрасен и сериозен уметник. Во разговор од него дознавме дека станува збор за млад и мултиталентиран артист кој во слободно време игра фудбал и свири пијано. Првиот впечаток е дека неговите слики имаат приказна или пак сакаат нешто да кажат. 

Филип Арсовски е студент на архитектура, млад човек со љубов кон уметноста.  За уметноста, архитектурата и за Скопје денес разговораме со него. Вели дека Скопје е град на хаос, кич и искривен вредности. Живееме во време кога се остава многу мал простор на архитектите, а старите градби остануваат заборавени и незаштитени, вели Филип. 

Студент по архитектура, уметник и љубител на фудбал. Што од ова е хоби, а што професија?

Работам на тоа архитектурата да ми биде професија, со оглед на тоа дека сум на магистерски студии на Архитектонскиот факултет во Скопје,но уметноста која засега ми е хоби во кое сум вљубен и го правам со големо задоволство доколку се укаже шанса, поради не доволното ценење на истата на просторите во кои живееме, би можело да ми стане професија. Искрено и го посакувам тоа. Во делот за хоби дефинитивно се наоѓа фудбалот, пијаното кое ме опушта и релаксира.

Какви се твоите професионални планови за во иднина? Каде се гледаш себе си?

Моите професионални планови за во иднина пред се, се завршување на студиите, а понатаму да продолжам да работам во областа на архитектурата и уметноста, секако да придонесам за развивање на македонската архитектура, македонската уметност и нејзино презентирање на глобално ниво.

Како течеше откривањето на талентите?

Уште од рана возраст, моите таленти беа откриени од моите родители, но и од моите воспитувачи. Како од основно образование, така и во средното образование, кои се посветија на мое правилно развивање и фокусирање на таленот.

Колку младите околу тебе се интересираат и ја разбираат уметност?

Многу малку , за жал. Мојот впечаток е дека младите се незаинтересирани за уметност. Можам да приметам од кога посериозно се занимавам со сликање, младите околу мене се заинтересирани и можат да препознаат нешто добро и поразлично, што секако е добар напредок.

Во каква техника се сликите кои ги изработуваш?

Првите слики на кои што почнав да работам беа во техника акварел на платно, но како и секој млад уметник сакав да експериментирам со различни техники за да пронајдам која најмногу ми одговара. Акрил на платно е техниката која најмногу ми одговара и голем број од моите слики се изработени во оваа техника.

Живееме во едно време на кич, искривени вредности и урбан хаос. Какво твоето мислење за архитектурата во Скопје?

Архитектурата во Скопје во едно вакво време како што кажавте, време на кич, искривени вредности и урбан хаос, е пред се безлична, неоригинална, едноставно без дух. Време во кое архитектурата како професија се деградира на минимално ниво, не се дава слобода на архитектите да ги искажат своите чувства преку објектите и да го направат Скопје едно поубаво место за живеење. Од друга страна многу малце се грижиме за објектите кои ни се културно наследство, кои го репрезентираат Скопје и го даваат ликот на градот. Алудирам на објектите изградени пред и после земјотресот кои оставиле белег врз градот . Сведоци сме на уништувањето на центарот на градот, оставање на објектот на македонска пошта на милост и немилост по пожарот кој го зафати, негрижата за објектот на НБРМ, Старата желеничка станица и ред други. Но, и да се напомене на масовното градење на безлична станбена архитектура.

Што му недостасува на градот?

Зеленило. Преголемо е сивилото кое го има Скопје, претворен во една урбана џунгла. Од друга страна како млад човек би рекол дека му недостига добар ноќен живот, забава на едно културно ниво, а не на онаа на која сме сведоци се почесто.

Доколку би можел што би променил?

Би променил голем број на работи дефинитивно.  Пред се, воведување на ред, во архитектурата давање поголема слобода, да се ценат младите архитекти и нивните идеи,а  конкретно за архитектурата во Скопје, унифицирање на правилата и законите за општините, и нивна контрола исклучиво од град Скопје, како би се избегнал различниот изглед во секоја од нив.

А во областа на уметноста, јас би направил поголема презентација на ументиците и нивната работа, поголема поддршка од медиумите како би се кренала свеста на народот во областа на културата.

Кое е местото на кое би сакал да живееш?

Искрено би живеел во Фиренца во Италија, тоа за мене е едно посебно место со свој шарм, но Скопје е градот во кој сум роден, и мислам дека не би можел да го заменам за ништо на светов.

Дали има нешто конкретно на што работиш во моментот?

Во моментов работам на две нови слики. Се уште не би можел да откријам што ќе можете да видите на нив. Едната ќе биде во истиот карактер како и сликите досега, а другата ќе биде нешто ново и поразлично.

Опиши го Скопје со три зборови.

Љубов, инспирација, хаос.