Интервју со Драгана Младеновска, магистер по фармација и диететика: Мојот успех за среќа е баланс, а за тоа се потребни добар план и акција

Грижата за сопственото здравје и вежбањето се клучот на успехот за многу работи во животот. Со балансирана исхрана и физичка активност ќе добиеме подобро здравје, подобра физичка форма, кондиција и поубав живот. Поради тоа се потребни одредени промени во животниот стил и навики, а за придобивките од тоа разговараме со Драгана Младеновска, магистер по фармација, диететика и фитнес-инструктор.

Колку вежбањето и правилната исхрана влијаат врз имуниот систем на човекот?

-Оптималното здравје и одржувањето на силен имунитет се комплексни процеси кои зависат од многу внатрешни и надворешни фактори. За правилно функционирање на сите органи и органски системи потребно е нашето тело да биде во хомеостаза. Постигнувањето на таа хомеостаза е сложен процес кој како што кажав зависи од многу фактори, но исхраната, физичката активност, квалитетен сон и помалку стрес се дефинитивно еден од начините кои помагаат телото да биде во хармонија, а со тоа и имуниот систем да функционира пооптимално.

Што значи комплетно избалансирана исхрана? Кои се бенефитите од добро балансираната храна?

-Исхрана со која внесувате разновидна и нутритивно богата храна која го снабдува телото со  соодветни количини на сите хранливи материи неопходни за добро здравје.

Балансираното хранење значи внес на доволно храна од сите групи, но и внес на храна согласно вашите потреби (пол, возраст, активност, здравствена состојба...).

Бенефитите од ваков начин на исхрана се огромни, а една од главните придобивки е што овој начин на исхрана може да биде стил на живот. Балансираното хранење не е диета за 1 месец, туку исхрана која дава најголема поддршка на здравјето.

Живееме во модерно време. Сите сме во трка со времето за да стигнеме да ги завршиме сите обврски во 24 часа, па често изговор е дека нема време за подготовка на храна. Која е вашата препорака за здрав живот и одржување на телесната тежина?

-Сите брзаме негде и сме во трка за нешто подобро, подобар живот....но да застанеме и да размислиме малку подлабоко дека ништо ќе нема смисла ако би го немале здравје. Вежбањето, правилната и балансирана исхрана се патот до подобро здравје и поквалитетен живот и тоа би требало да ни е приоритет и најголема мотивација за поголема грижа за себе.

Правилното хранење значи планирање и организација и воопшто не е тешко и не бара многу време ако успееме рационално да го искористиме. Неделно планирање на оброци, пазарење, организација и договор со луѓето кои влијаат на нашето хранење се најважните алатки кои помагаат во овој процес.

Одржување на телесната тежина ќе направиме само тогаш кога ќе бидеме во соодветен калориски баланс со внесот и потрошувачката, а тоа најлесно се менаџира преку храната и редовната физичка активност.

Стресот е причина за многу современи проблеми и болести. Може ли вежбањето да ни помогне во менаџирање на стресот?

-Може и тоа многу. Вежбањето всушност го модулира начинот на кој реагираме на стресот и негативните настани од средината. Вежбањето прави неверојатен баланс на главните невротрансмитери во мозокот и со тоа помага во полесно менаџирање со стресните ситуации.

Постојат многу научни студии кои потврдуваат дека најдобар начин за справување со анксиозноста е всушност физичката активност, што потврдува колку длабок ментален ефект има вежбањето. Вежбањето и хормоните на среќа кои се лачат за време и после физичка активност влијаат на намалување на нивото на кортизол кој е главен хормон кој се лачи во поголема концентрација при стрес.

Вие сте и фитнес тренер и сопственик на студиото „FitLife“. Кога се роди таа идеја и како дојде до нејзина реализација?

-Физички сум активна од својата 13-14та година, веќе добри 17-тина години и секојдневно сум си благодарна за тоа. Одлуката да го претворам хобито во бизнис дојде кога почнав да работам стандардна работа. Во 2015-та магистрирав на Фармацевтски факултет  во Скопје и истата година веднаш се вработив. Кога почнав да работам сфатив дека работата која ја работам не ме исполнува и ни малку не прилега на мојот претприемачки дух, се чувствував врзана како во кафез, воопшто не бев среќна. Со многу голема доза на страв, без никакво искуство и со само 25 години, но со огромна поддршка од мојот партнер го превземав ризикот и во септември 2017-та година ја започнав приказната FITLIFE. Пробав одреден период да балансирам и да ги работам двете работи, но тоа траеше многу кратко. Веќе во 2018-та целосно му се посветив на FITLIFE. Кога работите со љубов, нештата добиваат друга димензија. Јас сега максимално уживам во ова што го правам и токму заради тоа бизнисот има напредок.  

FITLIFE денес е веќе препознатлив бренд со холистички пристап за подобрување на здравјето и навиките.

Бидејќи работите со голем број клиенти, кои сакаат да водат здрав живот, дали сметате дека сме нација која се грижи за своето здравје?

-Можам да кажам дека со текот на годините луѓето стануваат многу посвесни и бројот на луѓе кои започнуваат да се грижат повеќе за себе и за своето здравје секоја година расте. Сепак, имаме уште многу работа, особено кога се нутритивните навики во прашање. Прженко, бело лепче со секој оброк и соленко се можеби трите најголеми нутритивни проблеми кои ги имаме како нација.

Аеробик или пилатес? Како да се направи вистинскиот избор и кои се придобивките?

-Што и да изберете, позитивно влијание за здравјето ќе имате и од едното и од другото. Многу е важно при изборот да знаеме што сакаме да постигнете и да добиеме од физичката активност. Аеробикот е повеќе кардио активност која го јакне кардиоваскуларниот систем и ни ја зголемува кондицијата. Со аеробик можете да согорите многу калории. Од друга страна пилатесот пак прави длабока активација на сите мускули во нашето тело, дури и на оние најмали кои не сме ни свесни дека постојат. Пилатесот е одличен за зацврстување на телото, за подобрување на координацијата, балансот, флексибилноста, стабилноста и подвижноста на зглобовите. Вежбите и движењата во пилатес има длабока и терапевстска моќ врз телото.

Според мене за оптимални резултати најдобро е комбинација од двете.

Вие нудите и вежби за трудници. Дали тие треба да вежбаат за време на бременоста или постојат одредени состојби кога тоа не е возможно?

-Секоја трудница која има нормална бременост бе никакви патологии и дозвола од својот доктор би требало да биде физички активна. Бенефитите од активна бременост се огромни, мислам дека за нив можам да напишам книга. Благодарение на вежбањето јас моите две бремености не ги ни почувствував. Едноставно е, вежбањето ви дава енергија, позитива, ви го намалува стресот, помага за контрола на килограмите, ви го подобрува сонот и што е најважно превенира од најчестите компликации кои можат да се јават во бременост.

Сепак постојат одредени состојби кога не е препорачлива физичката активност и тоа: кај жени со одредени срцеви или белодробни заболувања, кај лошо поставена плацента, кај скратено грло на матка и кај преекламсија (висок крвен притисок). Докторот што ја води бременоста знае најдобро да препорача дали трудницата смее да биде физички активна или не.

Кога е најдобро да се почне со вежбање по породувањето?

-Најбезбедно да се започне со вежби после породувањето е тогаш кога докторот ќе дозволи, но и тогаш кога жената ќе се почувствува дека е спремна. Со царски рез тој период може да биде подолг, но најчесто после 10-12 недели телото е веќе спремно да започне со модифицирана активност. Со природно породување оваа временска рамка може да биде пократка.

Исто така важно е и колку и дали жената била активни пред и за време на бременоста. Секоја жена е индивидуално различна. Жените многу често се споредуваат една со друга, но тоа никако не смеат да го прават. Друга важна работа е да не го одложуваат стартот, но и да бидат внимателни со изборот на вежби.

Како да се мотивираме да вежбаме? Кој е вашиот совет за оние кои сè уште се немаат решено да почнат да вежбаат?

Мотивацијата е многу важна во било која работа, па така и во вежбањето. Сепак, не може секогаш да бараме мотивација за да се покренеме на нозе. Тогаш кога недостасува мотивација, на сила доаѓа дисциплината и свесноста.

Од друга страна кога се вежбањето и животните навики во прашање она што треба да се прашаме себе си е „Зошто го правам тоа и зошто сакам да го правам?“. Одговорот сигурно е за подобро здравје, подобра физичка форма и кондиција и за поубав живот. Па, зарем ова не е доволна мотивација, зарем здравјето треба да го ставиме на последното скалило, приоретизирајќи ги притоа сите други работи и активности.

Каков совет би им дале на тие кои сакаат да си го подобрат животот? Кој е вашиот успех за среќа?

-Мојот успех за среќа е БАЛАНС, а за да го постигнете тоа потребно е добар план и акција. Не треба да нè фрустрира тоа што не секогаш ќе одиме по планот, но не треба да застануваме никогаш. Мотивацијата како што кажав претходно може да ја има, но таа нема да е секогаш со нас и во такви моменти дисциплината е таа која не води напред.

Да бидам искрена во менталната благосостојба и среќа кои ги имам верувам дека најголем удел има вежбањето. Физичката активност прави модулација на трите главни невротрансмитери во мозокот а тоа се адреналин, допамин и серотонин. Од нив зависи нашето расположение, чувство, задоволство, среќа и мотивација. Не постои таблета која може да го направи тоа на начин како што тоа го прави вежбањето. Вежбањето многу не менува, не менува и физички и ментално така што ова нека е најголемата мотивација за сите кои се уште не започнале.