Љубовта кон авантурите, љубовта кон адреналинот и љубовта кон сè она што е поразлично од „нормалното“ се само некои од мотивите кои ја натерале младата и храбра Доротеа Боцевска да влезе во светот на авијацијата и да почне да учи за пилот.
Иако многумина сметаат дека пилот е машка професија, сепак Доротеа ги руши стереотипите и покажува дека и жените може да се занимаваат со оваа професија.
Една од ретките студентки-пилот Доротеа во интервју со „Скопје Инфо“ ја раскажува нејзината приказна за тоа како да се победи стравот и да се реализираат соништата, а притоа ни открива како изгледа еден нејзин ден, односно час по летање, но и за нејзините планови кои се поврзани со НАСА и ракетната индустрија.
Љубовта кон авантурите, љубовта кон адреналинот и љубовта кон сè она што е поразлично од „нормалното“ се само некои од многуте мотивите кои биле пресудни во нејзиниот избор да учи за пилот.
- Често повторувам една реченица, а тоа е дека сè што за другите е „страшно“ за мене е привлечно и возбудливо, па така и ова, како мала јас немав херој од цртаните филмови туку на пилотите гледав како на мои херои, бидејќи да бидете толку високо на небото и да управувате со тие огромни авиони за мене беше нешто неверојатно, но ете благодарение на мојата голема желба и љубов денеска слободно можам да кажам дека станав херој на моите детски соништа, вели Доротеа.
Еден ден, односно час по летање изгледа така што по пристигнување на аеродромот има краток теоретски час на кој се подготвува за летот кој следи и прави детален план каде ќе лета и какви вежби ќе извршува.
- Па непосредно по пристигнување на аеродромот имаме еден краток теоретски час за време на кој се подготвуваме за летот кој следи, правиме детален план каде ќе летаме и какви вежби ќе изучуваме тој ден, потоа следи пред-полетна проверка на авионот која ја правиме пред секое летање па дури и да се летало со тој авион пет минути претходно, се проверува целото летало да не има некакви оштетувања од претходниот лет, се проверува масло и гориво и потоа одиме на втората фаза од пред-полетната проверка, а тоа е проверувањето на инструментите внатре во авионот. Кога ќе ги пројдеме сите процедури на таа пред-полетна проверка го напуштаме хангарот и паркинг местото и искачаме на полетно-слетна патека каде што уште еднаш правиме една кратка проверка на внатрешниот дел од кабината на авионот и инструментите. Следно што следи е полетувањето, самиот лет и најинтересниот дел, а тоа е слетувањето после кое уште еднаш го проверуваме авионот и паркираме назад во хангарот. По летањето имаме уште еден час теоретска обука и со тоа завршува еден ден од обуката, раскажува Доротеа.
Секој почеток е тежок, а многу работи ќе ви изгледаат невозможно и страшно, меѓутоа големата желба да лета високо низ облаците ѝ помогна на Доротеа полесно да ги надмине предизвиците.
- Почетнички предизвици или јас би рекла некои слатки почетнички маки, кои пробував со задоволство и голема љубов да ги надминам. Како и во сите сфери во животот кога сте почетник во нешто, сè ви изгледа тешко, невозможно и страшно, но како што кажав и претходно тој дел, дека сè тоа е за некого страшно беше поттикот за сè. Почетокот на обуката и прилагодувањето дека летате е можеби и најголемиот предизвик за секој пилот односно за секој човек, бидејќи се наоѓате во една околина и димензија која за нас луѓето е малку поразлична од она на што сме научени тука на земјата, вие летате, потребно му е малку време на вашиот мозок да го прифати тоа, управувате со авион, не се дозволени грешки мора да сте целосно сконцентрирани, вие сте тие кои контролирате сè, нема уживање и гледање наоколу како што е случај кога сте патник. Потоа тука следи и предизвикот наречен „куп информации“ кои ги добивате на самиот почеток и се трудите да ги запаметите веднаш за да не дојде до некоја грешка кога ќе полетате, а веќе по полетувањето добивате уште толку повеќе информации, но со тек на време и тоа ви станува нормално. И овој одговор не би бил целосен доколку не го кажам и мојот најголем предизвик за време на обуката, а тоа е будењето секој ден пред да изгрее сонцето, бидејќи тој период наутро е најпогоден и најмирен за обука на нови пилоти, но ете и тоа сега ми е веќе влезено во некоја пракса, вели таа.
Може да летате секој ден, а може и еднаш неделно, сè зависи од тоа како се чувствува студентот-пилот и што дозволуваат временските услови.
- Колку често ќе се лета зависи пред сè од вас и од она како вие се чувствувате, една од најважните работи за време на обуката е вашата психо-физичка состојба, што значи колку вие можете и се разбира колку временските услови дозволуваат толку и летате, на пример во тек на една недела, доколку вие се чувствувате добро и времето е погодно, може да се лета и секој ден, но ете некогаш може да се погоди и таков период да летате еднаш неделно, па дури и ни еднаш, сè е тоа релативно. А што се однесува до тоа каде се лета и тоа со текот на обуката и времето се менува, на почетокот се лета само училишни кругови зонски над аеродромот односно над градот во кој учите, каде што се изучуваат основни вештини и принципи на летањето и каде што се запознавате со самото летало, но потоа тој обрач се проширува и веќе се лета насекаде, раскажува Доротеа.
За среќа, досега не ѝ се случил ниту еден инцидент додека лета, но Доротеа ни открива дека често симулираат такви вежби и тоа за неа е еден од највозбудливите делови во обуката.
- За среќа до сега не се случил никаков инцидент, но често симулираме такви вежби и тоа е еден од најинтересните и највозбудливите делови, барем за мене во текот на обуката. Станува збор за симулација на некаков проблем во авионот, најчесто тоа се откажувања на моторот, а тоа изгледа така што при некој сосема вообичаен и нормален лет, инструкторот без претходна најава го исклучува моторот и вие сте тие кои треба да се снајдете и без мотор да го донесете и слетате безбедно авионот на аеродром или на некоја друга површина погодна за слетување во случај да е тоа неопходно, открива таа.
Доротеа има голема поддршка од семејството, но притоа има и другари кои секогаш ѝ даваат „ветар во грб“ за остварување на нејзините „луди идеи“.
- Од пријателите, тие секогаш ме поддржуваат во сите мои „луди идеи“, исто така другарчето од детскиот Шервуд, па тука се дури и моите стоматолози со кои обожавам да поминувам голем дел од моето време, но освен нив имам и една посебна личност од магичната Италија која иако некогаш е оддалечена и стотици километри од менe, сепак покрај моето семејство ми ја дава најголемата поддршка и мотивација за сè, па со тоа дефинитивно ми е и најсилниот ,,ветер во грбот" да бидам најдобра во сето она кое што го правам, вели Доротеа.
Таа цели еден ден да лета и со големи патнички авиони, односно да добие дозвола за комерцијален пилот, но за тоа е потребно време.
- Како и на секој студент пилот, така и на мене главна цел ми се оние големи патнички авиони, односно дозвола за комерцијален пилот, но се разбира патот до таа лиценца не е воопшто лесен и едноставен, треба време и многу часови летање поминати во овие помали приватни авиони со кои летам сега. Но мислам дека сепак со напорна работа и со сета таа поддршка која ја добивам, тоа воопшто не е невозможна мисија, туку напротив, кажува оваа млада девојка.
Младата и храбра 25-годишна девојка никогаш немала страв од летање, но истото ѝ помогнало да надмине други предизвици и стравови во животот.
- Не. Никогаш не би ни започнала да учам за пилот доколку тоа ме плаши. Напротив, за време на обуката, јас си ги победив сите стравови кои и не беа поврзани со летањето и авијацијата, а благодарение на тоа сфатив дека во животот ништо не е невозможно, нагласи таа.
Авијацијата и љубовта кон авионите не е единствената работа која ја исполнува талентираната Доротеа, која работи и на проекти поврзани со аеронаутика и ракетна индустрија.
- Освен летањето, јас сум и студент по информатика и на некој начин се обидувам двете професии да ги поврзам во едно, така што работам и на некои проекти кои се поврзани со аеронаутика и ракетната индустрија. Исто така пред некоја година имав соработки и со Европската вселенска агенција и со НАСА, каде што изработив модел на сателит кој има функција да чисти вселенски отпад и кој моментално е во процес на патентирање. Но се разбира кога сакам да одморам од сето тоа, барам некој екстремен спорт, за како што би рекле старите да се „издувам“ и повторно вратам на она што ми е главна преокупација, а тоа е летањето и факултетот, се разбира, вели Доротеа.
Секогаш во животот ќе налетаме на негативни коментари за некои наши одлуки, но Доротеа вели дека досега не се соочила со такво нешто, по што ги советува сите да се посветат само на остварување на соништата и да не се вознемируваат од такви коментари.
- За среќа до сега не сум, но мислам дека и доколку некој нешто негативно и лошо ми каже не би обратила многу внимание на тоа, бидејќи само тие кои што го поминале овој пат знаат колку е тешко ова што ние го правиме и од колку многу работи се откажуваме само за да го оствариме тој наш сон, така што и не посветувам многу внимание на коментари. А тоа би ги советувала и сите тие кои целат на нешто поразлично од таа некоја „нормала“, да не се вознемируваат на секакви коментари туку цврсто да чекорат напред на патот до остварувањето на своите желби без разлика колку и тие да се „чудни“, раскажува младата студентка-пилот.
Доротеа вели дека повторно би избрала да стане пилот, ако сега ѝ се даде шанса да бира од почеток што сака да стане во животот.
- Да. Ова е професија која што ме исполнува најмногу, колку и да звучи чудно и за некого можеби глупаво, но мене авионите ми станаа како втор дом, а небото е единствено место каде што се чувствувам целосно слободно. Го правам она што го сакам, бидејќи како што кажав, за ова мечтаев како дете, ова е сонот кој сега ми е реалност и навистина сум среќна поради тоа, така што и да имам уште 100 животи, јас уште 100 пати би избрала исто, да бидам пилот, посочува Доротеа.
25-годишната Доротеа има порака и за девојките и дамите, но и за сите останати што го имаат истиот сон како неа, а тоа е да не се откажуваат без разлика на тоа колку ќе биде тешко.
- Ајде ова нека биде порака до сите, не само кон девојките, порака, односно мотивација никогаш да не се откажуваат без разлика колку и да изгледа тоа тешко и невозможно, бидејќи ете соништата навистина се остваруваат, но само на оние кои цврсто веруваат и работат на тоа. Исто така и да внимаваат на своите избори, како на приватен така и на професионален план, бидејќи секој избор, секој поединец и секоја одлука во вашиот живот е потребно да се правилни за да се спојат сите делови од коцката која всушност претставува остварување на вашиот сон.