Интервју со доктор Никола Пановски: Државата заслужува „двојка“ за справување со пандемијата од Ковид 19

Доктор Никола Паневски е еден од најчестите личности кои ги гледаме во медиумите. Но, иако сме навикнати во медиумскиот етер најчесто да заземаат простор политичарите, тој не е припаѓа на политичка партија, туку е еден од најпосветените доктори и експерти за време на пандемијата кој несебично ги споделува своите совети со граѓаните и апелира на поодговорно однесување.

И во оваа прилика, тој несебично одвои време да одговори на некои од најважните прашања поврзани со коронавирусот, но и самата пандемија која трае веќе цела година. Во интервјуто за Скопје Инфо тој ги пренесува своите гледишта за стекнувањето колективен имунитет, доцнењето на вакцините, но и останатите грешки на одговорните чинители во овој процес.

Една година коронавирус во Македонија. Бројката во последните денови постојано се зголемува. Која е главната причина според вас за ова, кој е главниот виновник?

Главната причина е ширењето на британската мутација. Втора причина, позната во Европа и САД е, кога бројките паѓаат, народот се разлабавува. Не знаеме колкав ќе биде бранот. Се надевам не како оној есенскиот, но има многу фактори од кои тоа зависи, а единствен на кој можеме да влијаеме е нашето однесување и почитување на мерките.

Која е најдобрата рестриктивна мерка според вас која треба да се спроведе периодов  за да не се зголемува бројката на заразени и починати пациенти?  Што треба да направи Владата за подготвено да го поминеме пролетниот пик?

За нови рестрикции изгледа дека нема повеќе капацитет, економијата не би издржала, барем не кај нас овде. Затоа мерката е полициски час навечер, но истиот според мене нема да го намали ширењето за повеќе од 10%. Кога би имале економска сила, секако прва мерка би била забрана за работа на угостителските објекти во затворено, затворање на обложувалници, казина, фитнес центри,  контрола на јавниот превоз, затворање на моловите итн. Сè додека угостителските објекти работат во затворен простор со гостите без маски, другите мерки изгледаат гротексно.  

Ширењето на британскиот сој се одвива брзо. Дали ставањето под клуч на граѓаните ќе помогне заразата да се намали?

Имаме искуство од пролетта. Кај некои источни земји - Кина, Кореја, Виетнам, Австралија и Нов Зеланд таа мерка засега е успешна, но во поголемиот дел на Европа и САД  доживеа крах. Таа мерка само го одложи неизбежното - имаше само логика во Ломбардија во март лани да го намали притисокот врз болниците. Во оваа фаза кога нема вакцина кај нас, таа мерка на целосно затворање ќе даде ефект по две недели. Ако трае 15 дена, а мислам и за тоа нема капацитет, поради економијата, само ќе го одложиме неминовното. Вирусот ќе чека и по еден месец од денес пак ќе биде исто. Друго е Србија, Германија, Британија и слични кај кои масовната вакцинација е во тек. Кај нив за време на рестрикциите тече имунизацијата и по отворањето добар дел од населението ќе биде заштитено.

Ќе се стекне ли колективен имунитет?

Сè уште сме прилично далеку. Имено, од тие 115.000 докажани, најмалку 15.000 не биле инфицирани, туку имале само позитивен наод на РНК на вирусот во носот. Кај нив не би нашле покачени антитела кон САРС КоВ 2, тие немаат имунитет. Има различни математички модели за проценка на вистински инфицираните кои одат од множење со 2 до множење со 10 на бројот на позитивните. Според мене најреално е множење со 3, односно, да речеме од кај нас 100.000 вистински нфицирани, би добиле бројка од 300.000.  Има модели на претпоставки според кои се зема за пресметка бројот на умрените. На пример, ако смртноста е 1% на оние кои биле инфицирани, кај нас пресметката со 3.300 починати би била околу 330.000 инфицирани до сега.

Да споменам дека има и такви „научници“ кои ќе ги сретнете на социјалните мрежи и чии интервјуа забележени на видео снимки се шират како пожар, дека смртноста е 0,1%, не е страшна болеста, не треба вакцина итн. во смисла „Попрво би умрел отколку да се вакцинирам“. Тие се лица со академски титули.  Ако е 0,1% смртноста, според нив, ние сме имале колективен имунитет од 100% уште во почетокот на декември, кога сме имале 2000 починати. Сега со 3300 починати, 0,1% смртност значи 3,3 милиони инфицирани, а ние сме веројатно половина од тоа сите заедно, односно 2 милиона според древниот попис од 2002. Значи, некој со грам чесност би требало да умре од срам место да треска глупости. Тие видеа се шират насекаде и ги гледаат милиони, моево интервју ќе го прочитаат една илјадинка од оние кои ќе ги видат нивните видеа. Значи ако се 330.000, кон нив би додале уште најмалку 200.000 до 250.000 лица или 10 до 15% од населението  кои имале природен имунитет кон ковид 19 и пред тој да се појави. Тоа се пред се лица кои имале настинка од сродни коронавируси во минатото или имаат клеточен имунитет. Значи најмалку 550.000 лица би требало да имаат некаков имунитет кон вирусот.

Тоа би значело да не заболуваат, полесно да поминуваат ако заболат, потешко да ја шират болеста. Кога би знаеле колкаво е населението во Македонија, а не знаеме, би можеле да го пресметаме процентот на колективниот имунитет. Ако сме 2 милиони, 27%, ако сме 1,5милион,  35%.  Ова е најпесимистички, оптимистичките проценки одат до 700.000, што е 40 до 45% колективен имунитет, односно 35% според пописот 2002. До 70% има уште доста.

Колективниот имунитет не е подеднакво застапен кај целото население. Тој е различен од град до град, многу е помал во селата, се разликува по возраста итн. Од овој аспект, за крај ја оставив студијата која деновиве ја објви Институтот за имунобиологија при Медицинскиот факултет Скопје, каде од 1000 случајни минувачи 31% имаа неутрализирачки или заштитни антитела, но дел од нив беа и оние кои минатава година биле позитивни на вирусот. Оваа студија дава оптимистички претпоставки, според неа калкулацијата би отишла до 800.000, што веројатно е околу 45%. Проблем е што таа е само за Скопје, во руралните средини и помалите градови секако дека процентот е помал. Значи, без вакцина и без да ни дојде бразилскиот мутант, ни требаат уште едно 6 месеци до колективен имунитет, односно околу 230.000 откриени позитивни и за жал околу 6000 до 7000 починати. Зборувам за колективен имунитет стекнат по природен пат.

Какви се вашите очекувања околу вакцинацијата?

Од она што го гледаме во Израел, САД, Велика Британија итн,  па и од малиот број на здравствени работници кај нас, кои ја примија првата доза на Фајзер и по 3 недели се тестираа  за антитела,  резултатите се фасцинантни. Инфекциите без симптоми се намалени за 67%, со симптоми за 90%,  а хоспитализацијата и смртноста е намалена за 100%. Значи има позитивни и лесно болни, нема тешко болни. Нема постковид инвалиди, ниту умрени.

Кај нас само првата доза на вакцината дава високи вредности на заштитни антитела. Значи, очекувам огромна помош од вакцинацијата во светот во побрзото завршување на пандемијата, спасување на компликации и смртност од ковид. Кај нас има два проблема, нема вакцини и нема кандидати за вакцинација. Бројот од 130.000 пријавени лица за вакцинација е многу мал, така да и ако почне вакцинацијата во април, со да речеме 150.000 вакцинирани, ќе спасиме едно 1000 до 1500 лица од компликации и смрт, но времето кое го предвидов од 6 месеци за колективен имунитет нема многу да се скрати.

Освен тоа, ако одзивот остане вака мал, па дури и да се удвои, што ќе фрлиме едно 1,5 милиони вакцини кои сега ги имаме на хартија, ама кога нема да ни требаат, бидете сигурни дека ќе пристигнат. Во пари, иако било тајна, тоа се најмалку 30 милиони евра.

Која е генералната оценка за досегашното справување со вирусот со нашата држава? Направи ли доволно државата за заштита на граѓаните и колку здравствениот систем покажа подотвеност?

На крајот од календарската година мојат оценка беше добар 3. Со доцнењето на вакцините, отиде надолу, накај доволен 2.

Да речеме дека најисправен потег беа мерките донесени релативно рано, на 23.04.2020, кога СЗО уште се премислуваше кој треба да носи маска, а се однесуваа на физичка дистанца носење маски  и миење на рацете кај општата популација, а добро е што во тие мерки не влезе носењето на ракавици, глупава мерка која не знам зошто воопшто се препорача.

Најпогрешен потег мислам дека е тоа што не се вклучија приватните лаборатории во системот за ПВР тестирање, па 40% од тестовите граѓаните ги плаќаа од свој џеп, за напумпаните цени на тестирањето и да не зборувам. Нешто недозволиво во услови на епидемија, каде сите треба да добијат ист третман и богати и сиромашни и каде државата е таа која тоа треба да го обезбеди. Вака, ако направиме анализа, сигурно ќе се добие слика дека побогатите биле почесто позитивни на Ковид, што е лажна слика, бидејќи тие почесто се тестирале од сиромашните. За цена од 1850 денари, колку што признава ФЗОМ, приватните лаборатории не само што ќе ги покријат трошоците, туку ќе имаат и профит.

Прашање е зошто тоа сè уште не се прави?  Конечно, големата шлаканица дојде од ЕУ фондовите. Да склучеше ФЗОМ договор со приватните лаборатории, ќе им заштедеше на граѓаните 10 милиони евра, ќе имавме полесно и побрзо тестирање, поголема контрола на пандемијата, а сите тие пари сега државата ќе си ги добиеше назад. Да делеше бесплатни маски во јавниот провоз, молови итн, сега сите тие пари ќе си ги добиеше назад. Само приватните лаборатории ќе заработеа едно 2 до 3 милиони евра помалку, но најмалку толкава сума  чист профит ќе имаа само од тестовите. За профитот од другите тестови и за лекувањето да не зборуваме.

Втор погрешен  потег е некоректен однос кон матичните лекари, нерамноправен со оние во болниците, тие се најзначајниот дел од јавното здравство. Беа оставени сами, без да им се додели заштитна опрема, без да имаат протоколи за лекување на Ковид, без финансиска награда. До ден денес нема јавно објавени протоколи за третман на ковид, па судбината ви зависи кај кој матичен лекар сте се прикрепиле, кој специјалист ќе ве прегледа и не дај боже во кој ковид центар ќе ве хоспитализираат. За масовно непотребно и штетно препишување на антибиотици за лекување во домашни услови, за лесни и средно тешки случаи, во непознати двојни дози овде не би зборувал. Прашањето кое си го поставувам е, зошто во оваа моја борба за разумна употреба на антибиотиците бев и сè уште сум оставен сам.

Докторе, сведоци сме дека граѓаните живеат во постојан страв. Мерките, вестите и медиуите имаат делумен удел во тоа.  Како ова ќе се одрази долгорочно на живеењето на сите нас?

Генерално негативно, пред сè кај младите во воспитувањето, едукацијата и здравјето. Оние со здрав дух ќе излезат уште појаки, останатите ќе настрадаат многу повеќе. Широка тема.  Од мој аспект, позитивно е што се виде на дело дека превентивата е најважна.

За жал, мораше ова да се случи за да се види колку превентивните медицински гранки беа потценети.  И сега, во ек на пандемија најглавните две јавноздравствени институции во државава ИЈЗ и ЦЈЗ Скопје ги раководат специјалисти од хируршки гранки!!! Коментар е непотребен, тука секој може само да занеми.  Демек, неважни институции кои се користат за распределба на пленот меѓу партиите и тие може кој било да ги раководи. Исто така и лабораториската дејност беше потценета. Не само од страна на државата туку и од страна на самите дипломирани лекари. Епидемиологијата, микробиологијата, особено вирусологијата, биохемијата, имунологијата, генетиката, хигиената, медицината на трудот,  доживејаа ренесанса. Сите ние се афирмиравме на некои начин. Клиничарот спасува живот, но ние спасуваме животи. 

Вакцини сè уште нема, мерките кои ги носи кризниот штаб и владата се дискутабилни, која е вашата порака до граѓаните што да направат во оваа фаза од пандемијата кога бројките драстично растат?

Досаден сум, но повторувам, издржете! Особено за оние кои се подвижни, порака, излезете на воздух и сонце, не одете по гости, не одете во кафулиња и ресторани во затворен простор, бидете на отворено, максимално проветрувајте, користете квалитетни маски.

За постарите, како мене и плус години, ако можете останете  уште малку одвоени од младите и децата  додека не стигнат вакцините. Лесно ми е сега вака да зборувам кога сум вакциниран, но и јас бев во таква состојба пред еден месец. Сега сум порелаксиран, се надевам дека најмногу за два месеци и моите врсници кои не се во здравството ќе си дочекаат вакцина.